X
 08.09.2023 Наша тема

Најдобар успех на македонски средношколци на Олимпијадата за геонауки - освоија два сребрени и еден бронзен медал во конкуренција од 40 држави

Сето искуство од Олимпијадата, целиот настан, но и повеќемесечните подготовки, сигурно ќе влијаат врз нивната натамошна кариера, учење, самодоверба, стекнување нови знаења, нови предизвици и успеси во животот. Медалите и наградите од светските олимпијади на знаења се доста респектирани во средните училишта и на универзитетите низ светот, подвлекува професорот Ивица Милевски

Во периодот од 20 до 24 август се одржа 16. Светска олимпијада за геонауки (International Earth Science Olympiad - IESO2023). Светската олимпијада за геонауки е во групата на 13 светски олимпијади на знаења кои се меѓународно признаени, високо котирани и чии резултати се доста значајни. Оваа, како и претходните две години, Олимпијадата беше во онлајн формат поради неизвесноста во организацијата, а како последица на ковид-пандемијата, а официјален организатор беше Индија, нѐ информира професорот Ивица Милевски, универзитетски професор на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Годинава учествуваа над 200 средношколци од 40 држави од сите континенти, што значи дека конкуренцијата беше навистина голема. Инаку, услов за учество на Светската олимпијада е да се освојат најдобри резултати на националните натпревари по географија или геонауки (во зависност од националниот образовен систем), што покажува колку силна конкуренција имаа нашите ученици (помеѓу тимови како што се САД, Кина, Индија, Франција, Италија, Шпанија, Австралија и многу други).

Во таа смисла, македонскиот тим го претставуваа ученици кои постигнаа најдобри резултати на државниот натпревар по географија (организиран од Македонското географско друштво) и тоа: Ева Ивановска, ученичка од СОУ „Методи Митевски Брицо“ од Делчево, Горјан Андроников, ученик од СОУ „Кочо Рацин“ од Свети Николе и Мелани Максимовска, ученичка од СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ од Куманово.

Два сребрени медали и еден бронзен

- Овогодишната Олимпијада по геонауки се состоеше од повеќе категории на натпреварување и тоа: Data Minning Test (DMT, главен тест), кој е главна категорија, потоа Earth System Project (ESP, проект за планетата Земја), Earth System Pledge (ESPL), Art in Earth Sciences (AES, уметност во геонауките) и National Team Field Investigation (NTFI, теренски истражувања на националниот тим). Медали се добиваат само за главниот тест, додека за другите категории се добиваат признанија. Главниот тест се состои од доста комплицирани, сложени и проблемски задачи, па за негово успешно решавање е неопходно одлично знаење, подготвеност, концентрација, но и многу добро критичко размислување. Годинава темата на главниот тест беше историјата на Земјата, како показател на тоа што нѐ очекува во иднина (или Земјината еволуција и климатските промени). Во таква силна конкуренција нашите тројца ученици успеаја да освојат 2 сребрени медали (Ева Ивановска и Горјан Андроников) и еден бронзен медал (Мелани Максимовска), токму во главниот дел од натпреварот (Data Minning Test), што е најдобро постигнат резултат досега. Покрај наведеното, во категоријата Проектот за Земјиниот систем (Earth System Project), ученичката Ева Ивановска освои златна награда, додека ученикот Горјан Андроников освои бронзена награда – ни истакна професорот Милевски.



Долготрајни подготовки

Самите подготовки за Олимпијадата се долготрајни и неопходна е голема посветеност. Подготовките, на некој начин, започнуваат со натпреварите по географија (од локално до државно ниво), каде што е потребно да се освојат најдобри можни резултати.
Потоа, постапката продолжува во текот на летните месеци (од јуни до крајот на август, односно датумот на почетокот на Олимпијадата), кога учениците продолжуваат да ги продлабочуваат своите знаења со помош на универзитетските професори (во конкретниот случај професорот Ивица Милевски како водечки ментор за геонауки и д-р Свемир Горин како ментор).

- Во тој период на учениците им се даваат многу дополнителни материјали, книги, мултимедијални содржини, препораки, задачи, се проверува нивниот степен на знаење и сл. Едновремено, се завршуваат сите административни работи околу пријавување на Олимпијадата. Пред почетокот на Олимпијадата на учениците им се укажува на што најмногу треба да обрнат внимание, им се презентираат тестовите од претходните години, се упатуваат во начини на решавање и сл. Всушност, менторите треба да бидат во постојана комуникација со учениците, особено во последните неколку недели пред натпреварот, а секако и при самиот натпревар. Тоа значи дека голем удел во резултатите на натпреварот имаат менторите од Универзитетот, но и наставникот по географија од матичното училиште. Сепак, најголемата „тежина“ и одговорност е на самите ученици, нивниот интерес, ентузијазам, желба за знаење и натпреварувачкиот дух – детално ни објаснува професорот.

Самиот настан трае 5-6 дена, така што секој ден има одредени натпреварувачки активности во дадена категорија. Последниот ден е завршната манифестација и прогласување на резултатите.

Медалите се услов за упис на етаблиран универзитет

Според кажувањата на учениците, нивните впечатоци од Олимпијадата, без оглед што беше во онлајн формат, се одлични, особено во однос на комуникацијата со натпреварувачите од другите држави.

- Сето ова, целиот настан, но и повеќемесечните подготовки, сигурно ќе влијаат врз нивната натамошна кариера, учење, самодоверба, стекнување нови знаења, нови предизвици и успеси во животот. Медалите и наградите од светските олимпијади на знаења се доста респектирани во средните училишта и на универзитетите низ светот. Во многу држави, златен, сребрен, па и бронзен медал се услов за упис на етаблиран универзитет или, пак, услов за добивање стипендија. Кај нас, преку МОН, за освоен медал на светска олимпијада се добива одреден паричен износ во вид на едногодишна стипендија, што исто така е убава сатисфакција за учениците. Парична награда добиваат и нивните наставници по географија, што е сосема во ред. За жал, без оглед на целиот труд и ангажман во летниот период, менторите-универзитетски професори немаат право да конкурираат за награда, што е навистина апсурдно. Така, нашиот ангажман најчесто се потпира само на ентузијазмот и желбата да им се помогне на дечињата со сопственото знаење и искуство – споделува Милевски.

Инаку, ова е четврто учество на Македонија на вакви олимпијади, и тоа во Тајланд 2018 година (бронзен медал), Јужна Кореја 2019 година (бронзен медал) и онлајн олимпијада во 2022 година (бронзен медал). Предвидено е следната олимпијада да се одржи во 2024 година во Кина (Пекинг), а наредната во 2025 година во Индија (Њу Делхи).

- Се надеваме дека тоа ќе биде мотив плус за нашите ученици да го покажат не само своето знаење, туку и да ги посетат овие далечни дестинации. Во оваа пригода посебна благодарност упатувам до Македонското географско друштво и неговиот претседател, д-р Христина Димеска-Трајкова, за организациско-административната помош околу настапот на националниот тим на IESO2023 - додава Милевски.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема