X
 09.02.2020 Наша тема

Сања учи на МИТ, ресенчанец ја реши структурата на најпознатиот пестицид, ќе добијат ли професорите повисоки плати?

Инспиративни Македонци посветени на науката ви претставивме изминатата недела. Нестрпливи сме да дознаеме дали некој „Оскар“ ќе дојде во Македонија и поразговаравме со ѕвездата на филмот, Атиџе Муратова. Последниот македонски трубадур Илија Џаџев беше во фокусот на документарниот филм „Професорот“, за кого разговаравме со режисерот Јордан Дуков.


Ќе добијат ли професорите повисоки плати?

Вторник е крајниот рок за ветеното зголемување на платите во високото образование да стигне до вработените. Ако пратениците во Собранието не ги изгласаат измените на Законот за исплата на плати до вторник, во среда веќе Собранието ќе се распушти и платите нема да се зголемат.
Предлог-законот кој ќе го овозможи зголемувањето на платите за 10 отсто е на дневен ред на актуелната 131. собраниска седница, но не може да се стави на гласање зашто сè уште не поминал низ собраниската Комисија за труд и социјална политика. Засега не е закажана седница во наредните денови, но тоа може во секој момент да се смени. Комисијата ја свикува претседателот Владимир Ѓорчев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. Предлагач на измените во Законот е Жаклина Лазаревска, пратеничка на СДСМ, која членува во Комисијата за труд и социјална политика и воедно претседава со Комисијата за образование, наука и спорт.


Авторот Јордан Дуков и директорот на фотографија Доријан Миловановиќ

Осамениот хаваист, како што го нарекувале некогаш југословенските новинари, Илија Џаџев одржал повеќе од 6.000 концерти во цел свет пред илјадници луѓе, но настапувал и во училишта, болници, им свирел на новороденчиња, па дури и пред само еден гледач. Работел во гимназијата како професор, еден од најомилените на гевгелиските ученици.
Оваа исклучителна личност била инспирација за вториот долгометражен документарен филм на авторот Јордан Дуков – „Професорот“.

- Една случка од моето детство поврзана со Илија Џаџев ја носам цел живот како спомен од годините поминати по гевгелиските улици. Таа случка доби уште поголемо значење кога пред неколку години сосема случајно налетав на плоча од Илија Џаџев. Во меѓувреме, многу несекојдневни приказни поврзани со професорот стигнуваа до мене. Од нив може лесно да се заклучи дека станува збор за исклучителен човек, специфичен по многу нешта, не само по инструментот на кој свирел. Нормално, кога се роди идејата за филмот, јас и мојата екипа се трудевме да дојдеме до што повеќе такви автентични раскажувања за животот на овој малку подзаборавен музичар, поет, хуманист, боем или како што го нарекуваат, последниот македонски трубадур. И оттука немаше назад...


Сања Симоновиќ

Сигурно се сеќавате на Сања Симоновиќ, која пред 4 години водеше вистинска борба за да замине на неколку математички светски натпревари и на крајот успеа со донацијата на Мустафа Алиловски. Третманот на нашите талентирани средношколци, за жал, сѐ уште е непроменет. Тие и денеска едвај одат на натпревари во странство со барање донации за патните трошоци. За среќа, ова не ги спречува да продолжат да работат на себе и да бараат подобар третман, па ако треба и надвор. Таков е барем примерот со Сања, која успеа да добие стипендија за престижниот МИТ, а стана и истражувач-практикант во IBM Research, каде што работи на истражувања поврзани со вештачката интелигенција.

Томче Рунчевски

Проф. д-р Томче Рунчевски од Ресен го предводи тимот кој по 75 години ја реши кристалната структура на најупотребуваниот пестицид во светот. Научниот труд под наслов „Кристалната структура на зинеб, 75 години подоцна“ деновиве беше објавен во списанието Crystal Growth and Design. Рунчевски е професор на Јужнометодистичкиот универзитет (ЈМУ) во САД, каде што води катедра и истражувачка група за физичка хемија.
Американската вселенска агенција НАСА лани го ангажира Рунчевски со својот тим да направи предистражувања на Титан (една од месечините на Сатурн) за нивната мисија во 2026 година.

- Нашата лабораторија интензивно работи на проекти поврзани со Титан, меѓутоа, заинтересирани сме и за многу други проекти, меѓу кои и хемикалии што се користат како пестициди. Со Титан се „запознав“ пред само една година, а со пестициди, како ресенчанец, сум запознаен од пред 32 години.


Бранко Антевски

Првата машинка за тетовирање ја конструирал сам, по иницијатива на татко му, со помош на другар му - употребил електромотор од радиокасетофон, делови од технички молив, жици од гитара и тушеви од книжарница. Денес зад него стои најпознатиот светски бренд за изработка на опрема за тетовирање.
Бранко Антевски од Куманово својот талент го усовршувал долги години, во многу земји од светот. Важи за еден од најдобрите мајстори за тетоважи од регионов. Добар показател за тоа е што веќе две години е дел од најдоброто студио во Минхен, каде што живее со својата сопруга и двете деца.

- Се сеќавам дека бев многу мал, на околу 5 години, па татко ми за да не му досадувам на седенките со другарите, ми даде за задача детално да нацртам некои животинки. Тој ден откри дека имам талент и до крајот на неговиот живот ме мотивираше да цртам и да се развивам како артист. Не се насочив кон професионално изучување на ликовната уметност зашто немавме доволно финансиски средства да се запишам на Факултет за ликовна уметност - објаснува Антевски.

Атиџе Муратова (фото: Борче Поповски)

Во живо е уште помедена. Атиџе Муратова е топла како тазе извадено бабино лепче, мудра каква што само луѓето што се во допир со природата можат да бидат. Атиџе ги сака луѓето, срдечна е, непосредна, забележува детали и е отворена да зборува за себе. Со неа се сретнавме пред десетина дена. Вели дека воопшто не ѝ пречи што новинарите ја бараат и дека ѝ годи вниманието. Таа е веќе во Лос Анџелес и утревечер, заедно со членовите на екипата на „Медена земја“, ќе ужива во церемонијата на доделување на „Оскарите“. Македонија првпат е номинирана во две категории за светската награда - за најдобар документарец и за најдобар странски филм.
Ја навративме на периодот кога се запознала со екипата на филмот. Таа признава дека од првиот момент кога екипата на „Медена земја“ пристигнала во нејзиното село Бекирија била среќна: „Посакував никогаш да не заврши снимањето на филмот“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема