X
 10.10.2025 Наша тема

„Градот се соочува со профитерски урбанизам, па ние, новите генерации професионалци, треба да реагираме“, вели Фросина Станковска - добитничка на „Инженерски прстен“

Фросина Станковска е една од студентите што ја добија наградата „Инженерски прстен“. Крајната цел, односно амбиција ѝ е користење на архитектурата како алатка за создавање структура која во најголема мера ќе ги обедини просторните, социјалните и економските аспекти на еден град

Најуспешните дипломирани инженери од државата ја добија престижната награда „Инженерски прстен“. Девет се од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а меѓу нив е и Фросина Станковска, која дипломира на Архитектонскиот факултет.

- Наградата „Инженерски прстен“ претставува уште еден поттик за етаблирање на личниот и професионален развој во дискурсот на архитектурата и инженерството. Како млад архитект, голема чест е да се биде добитник на оваа награда, која ги афирмира сите предизвици и заложби за изучување и работење на оваа професија. Истовремено, признанието претставува одговорност и задача за трансформација и развој на општеството преку ставање на стручното знаење во служба на колективниот интерес - истакнува Фросина.

Основното и средното гимназиско образование ги завршила со одличен успех (5,00), како одраз на личната когнитивност за сè што било предмет на изучување во тие два циклуси на образование.

- Во таа смисла, одлуката да студирам архитектура директно се поврзува со мултидисциплинарната природа на оваа професија, која претставува синтеза на наука, уметност и технологија, како во теорија така и во практика - дополнува Фросина.



Мотивација - деградирањето на градот


Најголем предизвик при студирањето архитектура ѝ било изучувањето на сите предмети од обемната студиска програма за интегрирани петгодишни студии.

- Архитектонскиот факултет е еден од ретките, ако не се лажам и единствениот со единаесет до дванаесет предмети во семестар, кои бараа исклучителна истрајност и дисциплина за нивно совладување и стекнување со соодветни професионални компетенции. Особен предизвик беше и студирање за време на пандемијата на ковид-19 и завршување пет семестри од десет во целосна изолација. Ситуацијата особено е проблематична кога станува збор за ваква професија бидејќи архитектурата е тимска и интердисциплинарна област која бара постојана човечка интеракција, размена на идеи и колаборација со колеги и ментори за време на целиот процес. Недостигот на директна соработка и практична работа во групи се одрази со поиндивидуалистички и пофрагментиран пристап, што резултира со доживување на професијата како антитеза помеѓу две спротивности: архитектура како индивидуален чин на создавање и архитектура како чин на колективна служба - ни споделува Фросина.

Најсилна мотивација да остане посветена на студирањето ѝ биле љубопитноста и личната желба да се занимава со проблемите на градот и неговата архитектура.

- Од друга страна, сведочењето на секојдневното деградирање на градот во кој живеам дополнително ме поттикнуваше на одговорност и верност во професијата, која може да ги подобри просторните перформанси и квалитетот на современото урбано живеење.
За време на студиите просекот варираше секоја година, а на крај магистрирав со просек 9,54 - вели Фросина.

Според неа, студирањето архитектура е еден долг и комплексен процес кој отсекогаш барал големи жртви, дисциплина и постојан ангажман. Од самиот почеток, па сѐ до последниот семестар, одржувањето континуитет и успех значи да се вложува максимален труд и истрајност.

- Лично, отсекогаш имав голема пасија за професијава и од таа позиција целиот фокус беше ставен на студиите, што како најголема жртва вклучуваше социјална изолација во тој период.

Во текот на целото студирање најголем интерес пројавував за предметите од Институтот за заштита на градителско наследство и историја на архитектурата, како и за предметите од Институтот за урбанизам, каде што две години бев инволвирана во наставата како демонстратор на предметите Основи на урбанизмот и Урбанистичко планирање 2. Оттука произлезе и темата за магистерскиот труд во кој се занимавав со урбана регенерација преку современо користење на минатото, каде што како студија на случај беше земен скопскиот акведукт со непосредниот контекст. За разлика од досегашниот пристап кон културното наследство, со кој се игнорира неговото значење, со овој труд се сугерира ажурирана и проширена визија за наследството и неговите современи значења, истакнувајќи ја неговата растечка функционална димензија во трансформацијата и растот на нашите градови - ни изјави Фросина.



Интернационалната пракса нуди стекнување поразлични искуства и знаења


Ја прашавме какви промени би сакала да може да направи за градот, за општеството...

- Во исклучително нестабилни години на македонската општествена транзиција и девалвација, не само на архитектонското творештво, туку и на целокупната архитектонска професија, како и депласирање на нејзините основни начела, какви промени би сакала да иницирам во работењето на оваа професија е навистина деликатно прашање. Имам чувство дека Скопје сè уште својот идентитет и просторно-архитектонските вредности ги базира на творештвото од постземјотресната обнова кога станува модернистички град. И покрај многубројните документирања, анализи и проучувања на ова творештво, уште немаме нов опус кој во квалитативна смисла нуди ист или подобар одговор на актуелните проблеми. Градот со години се соочува со апсолутно неквалитетно планирање и градоградење, како и профитерски урбанизам, на кои како нови генерации професионалци треба да реагираме и треба поразлично да дејствуваме - подвлекува Фросина.

Начинот на работење и пристапот кон архитектонската професија во локален контекст, за жал, во голема мера го лимитира целосното искористување на потенцијалот и можностите што мултидисциплинарноста на архитектурата ги нуди, додава таа, па во таа смисла како млад архитект целта ѝ е да продолжи со надградување на професионалното знаење во интернационален контекст во дискурсот и на архитектурата и на урбанизмот.

- Интернационалната пракса нуди стекнување поразлични искуства и знаења кои подоцна може да се аплицираат со цел поквалитетно дејствување во локалниот контекст - истакнува Фросина.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Наша тема