X
 12.10.2023 Култура

Хорор-филм на „Дизни“ бил толку многу мрачен што бил забранет

Студиото „Волт Дизни“ објави неколку успешни хорор-филмови, но во 1929 година еден хорор-филм бил забранет затоа што бил многу мрачен за публиката.

Краткиот анимиран филм на „Дизни“ наречен „Танцот на скелетот“ е еден од најсуштинските анимирани кратки филмови во историјата на кинематографијата затоа што ја извади анимацијата од тивката ера и беше еден од првите цртани објавени во златната доба на анимацијата помеѓу 1928 и 1969 година. Сепак, околностите на неговото објавување биле уникатни, особено во споредба со другите долгометражни и кратки филмови на „Дизни“.

„Танцот на скелетот“ бил првиот од познатата серија анимирани кратки филмови на „Волт Дизни“ - „Будалести симфонии“. Филмот бил продуциран и режиран од „Волт Дизни“, анимиран од Уб Ајверкс, а партитурата била компонирана од Карл В.Сталинг. Како што е наведено во насловот, краткиот 5-минутен филм прикажува четири скелети кои излегуваат од гробот и танцуваат и предизвикуваат хаос во ноќта. И покрај успехот на цртаниот филм, беше јасно дека неговата темна приказна проследена со морничавата анимација нема да биде пријатна за секого, иако тој е еден од најважните анимирани филмови на „Дизни“.

„Танцот на скелетот“ беше првиот од трите кратки филма со хорор-тема објавени од „Дизни“ во 1929 година. „Дизни“ го создаде овој краток филм заедно со „Пеколните ѕвона“ и „Опседнатата куќа“ за да покаже дека може ефикасно да се справи со хорор-жанрот преку анимација. Накратко, „Танцот на скелетот“ е приказна за четири скелети кои заедно танцуваат, ги плашат животните и предизвикуваат хаос пред да се вратат во гробот. Некои луѓе сметале дека приказната е страшна, па тоа довело до забрана за емитување на анимираниот филм во Данска.

Во 1930 година „Њујорк тајмс“ објави дека Данска целосно го забрани „Танцот на скелетот“ затоа што постоела загриженост дека црно-белата анимација во комбинација со интензивната музика била премногу застрашувачка за публиката во тоа време. Од објавувањето на цртаниот филм, забраната во Данска е укината и „Дизни“ продолжи да ја проширува својата работа во хорор-жанрот по првичното објавување на краткиот филм.

Овој краток анимиран филм се смета за ремек-дело бидејќи бил еден од првите цртани што совршено ги синхронизирале анимацијата и звукот во исто време. Дотогаш прво се создавале цртани, а подоцна се додавал звукот. Цртаниот останува важен аспект во историјата на анимацијата и влијаел врз неколку хорор-цртани во подоцнежните години.

Иако „Дизни“ добил пофалби за анимацијата и продукцијата на цртаниот филм, имало и критики за неговата темна тематика.

Во јули 1929 година списанието „Варајети“ објави рецензија во која ги предупредило родителите да не ги носат своите деца да го гледаат цртаниот филм. Тие сметале дека некои сцени, на пример, сцената каде што четирите скелети ги користат нивните коски како инструменти и ги плашат бувовите и мачките, биле премногу темни за младата публика. Исто така, критичарите истакнале дека музиката и гробиштата биле премногу ужасни за да ги гледаат деца.

И покрај контроверзноста, „Танцот на скелетот“ се покажал монументален за продукцијата на „Будалести симфонии“ и до ден-денес се смета за класика меѓу анимираните хорор-филмови.

 

Извор: Screenrant.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура