X
 13.02.2025 Живот

Медицинските сестри во светот доживуваат стрес и насилство

Првото истражување од ваков вид дава слика за значителниот товар врз менталното здравје на медицинските сестри во светот. Истражувањето го документира влијанието на тригодишните интензивни работни услови предизвикани од пандемијата на ковид-19.

- Нашата студија открива дека медицинските сестри се под влијание на стресорите на нивното работно место и покажува како стресот се пренесува во нивниот домашен живот. Личните загуби од пандемијата ја комплицираат оваа слика бидејќи лесно може да има долготрајна тага кај третина од работната сила - истакнала Алисон Сквајерс, професор на колеџот за медицински сестри во Њујорк – „Рори Мејерс“ и водечки автор на студијата.

Стресот и исцрпеноста кај медицинските сестри што работеле за време на пандемијата се добро документирани, но повеќето студии доаѓаат од земји со високи приходи. За да се справи со јазот во податоците од другите земји во светот, Сквајерс го основала „Глобалниот конзорциум за студии за медицински сестри и акушерство“. Меѓународната истражувачка соработка, која сега вклучува медицински сестри и други здравствени работници од 82 земји, ги испитува долгорочните ефекти на пандемијата врз работната сила на сестрите.

Во тековната студија, истражувачите анкетирале 9.387 медицински сестри од 35 земји, помеѓу јули 2022 и октомври 2023 година. Тие биле прашани за нивното ментално здравје и други сродни фактори, вклучувајќи загуба, исцрпеност, доживување агресија од јавноста, пристап до услуги за ментално здравје и практики за самогрижа.

Истражувачите откриле широко распространети предизвици за менталното здравје меѓу медицинските сестри кои работеле за време на пандемијата, со стапки на анксиозност и депресија кои се движат од 23 до 61 %. Медицинските сестри постојано искусувале повеќе симптоми на ментално нарушување на работа во споредба со дома: најчестите прашања поврзани со работата биле чувството на замор (57 %), анксиозноста (44 %) и чувството на преоптоварување (41 %).

Стапките на проблеми со менталното здравје варираат меѓу земјите, веројатно како одраз на културни фактори поврзани со психолошки стресори или стигма поврзана со ментална болест. На пример, 69, 9% од медицинските сестри во Бразил пријавиле анксиозност поврзана со работното место, во споредба со 23,8 % во Индонезија, додека 80,9 % од медицинските сестри во Турција изјавиле дека се чувствуваат преоптоварени на работа, во споредба со 6,7 % во Тајланд.

Загубата и јавната агресија биле идентификувани како предизвици за менталното здравје на медицинските сестри. Имено, 20 % од медицинските сестри претрпеле загуба на член на семејството, 35 % изгубиле пријател и 34 % колега од ковид-19.


- Не треба да се потценуваат личните загуби на пријателите, семејството и соработниците и нивните ефекти врз менталното здравје на медицинските сестри - пишуваат Скваерс и нејзините коавтори.

Дополнително, речиси половина (48 %) од анкетираните медицински сестри изјавиле дека доживеале насилство и агресија од јавноста.

Само 24 % од медицинските сестри изјавиле дека нивните работодавци обезбедувале соодветни услуги за ментално здравје, оставајќи многумина без поддршка или потпирајќи се на стратегии за грижа за себе. Повеќето медицински сестри пријавиле дека почесто се занимаваат со грижа за себе – вклучувајќи во својата рутина вежбање, духовни практики и потпирање на семејните и другите односи - во споредба со периодот пред пандемијата.

Истражувачите ги повикуваат креаторите на политиките и здравствените организации да ги зголемат услугите за ментално здравје достапни за медицинските сестри во светот и да ги решат проблемите во клиничката работна средина, во обид да ја поддржат психолошката безбедност на медицинските сестри и другите работници во првите редови.

 - Гледаме алармантно високи нивоа на стрес и исцрпеност кај медицинските сестри во светот. Тоа придонесува некои медицински сестри да ја напуштат професијата, што го зголеми стареењето на работната сила и само ќе го влоши веќе сериозниот глобален недостиг на медицински сестри - вели Памела Чипријано, претседател на Меѓународниот совет на медицински сестри (ICN).

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот