X
 14.11.2025 Наша тема

За да ви го објават бројот во онлајн именик, мора да дадете согласност кај оператор: Како да си ги заштитите личните податоци во дигиталната ера

Некогаш беше во хартиена форма и го викавме Именик. Ги содржеше фиксните броеви на семејствата и компаниите низ државата што имаа телефони. Потоа премина во телекомуникациски облик. Вртевме на 188, го нарекувавме Информации и, пак, претежно добивавме фиксни телефони. Денес е Служба за телефонски именици 1188, а информациите се добиваат покрај на телефон и електронски. Доволно е да го свртите бројот, да посочите име и презиме и град на живеење и да добиете мобилен телефон и адреса за одредено физичко лице или фирма. За илјадници физички и правни лица обезбедува фиксни и мобилни телефонски броеви од сите оператори во Македонија, и плус сите броеви од базата на „Златна книга“. Можете да ја добиете услугата и на интернет - www.1188.com.mk .

Доколку сакате да проверите дали ве има во базата, можете едноставно да ја посетите страницата и да внесете ваш податок како име и презиме или телефон и да видите дали ќе се појават. 



Има граѓани што не знаат како нивните лични податоци, односно мобилниот број и адресата на живеење, стигнале до службата 1188, односно како станале јавни. Некои од нив не се сеќаваат дека дале таква согласност. Одучивме да испитаме како тие стигнуваат до јавниот телефонски именик и ако некој не сака да бидат објавени, како да ги спречи.

На веб-страницата на 1188 пишува дека давателот на универзалната услуга - информации од целосниот телефонски именик на РМ објавува само броеви за физички лица кои дале писмена согласност на својот телекомуникациски оператор за тие да бидат јавно достапни. Податоците за претплатниците ги добиваат од телекомуникациските оператори и се должни да ги прикажат на идентичен и недискриминаторски начин. За правни субјекти и физички лица кои вршат дејност, обезбедуваат назив, седиште, адреса на сите деловни единици (доколку ги има) и телефонски број. За физичките лица, име и презиме, адреса и телефонски број.

- Собирањето и обработката на личните податоци се врши во согласност со прописите за заштита на личните податоци. Сите граѓански лица можат во секое време да се обратат до нивниот телекомуникациски оператор (каде што се претплатници) и да побараат нивните лични податоци да бидат јавно достапни преку целосниот телефонски именик на РСМ или да ја повлечат дадената согласност за јавно објавување на нивните лични податоци - пишува на страницата на 1188.

Ажурирањето на личните податоци на веб-страницата на 1188 се врши на редовна основа пропишана со закон, во рок од 24 до 48 часа. Инаку, фирмата која ја извршува услугата е избрана на јавен тендер од Агенцијата за електронски комуникации. Податоците на веб-страницата се хостирани на сервери на „Амазон“ во Луксембург. Во согласност со Законот, ова се смета за пренос на личните податоци во земјите на Европската Унија.



Од операторот Македонски Телеком на нашето прашање дали доставуваат податоци за клиентите (физички лица) со кои склучиле договор за телекомуникациски услуги до сервисот 1188, ни одговорија дека тоа го прават врз основа на член 94, став 6, во согласност со член 112 од Законот за електронски комуникации (ЗЕК).

- Македонски Телеком ги внесува личните податоци врз основа на претходна согласност од корисниците дали и кои лични податоци ќе бидат внесени во телефонскиот именик согласно член 107 (став 5) и член 112. Исто така, овозможува корисникот бесплатно да ги промени или дополни личните податоци или да ја отповика согласноста за негово вклучување во телефонските именици и телефонските служби за информации - одговорија од Македонски Телеком.

Од Агенцијата за заштита на личните податоци нѐ информираа дека законската основа за обезбедување целосен телефонски именик и телефонска служба за информации е регулирана согласно членот 94 од Законот за електронски комуникации.

- Според Законот за заштита на личните податоци, кога обработката се врши врз основа на согласност, контролорот е должен да демонстрира дека субјектот дал согласност за обработка на неговите лични податоци. Ако согласноста е дадена во форма на писмена изјава која се однесува и на други прашања, барањето за согласност мора да се презентира на начин кој јасно може да се разликува од другите прашања. Субјектот на лични податоци има право да ја повлече согласноста во секое време. Пред да даде согласност, тој се информира за тоа, а повлекувањето на согласноста мора да биде еднакво едноставно како и нејзиното давање - одговорија од Агенцијата.

Доколку некое физичко лице сака да ја повлече согласноста за обработка на неговите лични податоци, но тоа не му било овозможено од страна на контролорот, тогаш може да поднесе барање за утврдување повреда на правото на заштита на личните податоци до Агенција за заштита на личните податоци.

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема