X
 01.03.2015 Образование

Шерифот во вештерски лов на бели мантили: бег(ство) на лекарите

Уште пред да започнам со пишувањето на оваа колумна разбирам дека со тоа си ја запечатувам својата можност да се вработам како иден доктор по медицина во Македонија. Колку сум наивен, сè уште имам надеж… Пардон, свесен сум дека истата реално и не постои ако ги земеме предвид главните критериуми кои некој треба да ги поседува за да се вработи во ова наше општество – партиската книшка, врски, “лојалност кон државата” – така си се именуваат оние кои се лојални кон владеачката партија. Денес за патриоти се сметаат единствено оние кои во сè и за сè се согласуваат со власта. Сите ние останати сме предавници. Барем така е во главата на одредени нестворења као плавушата која вришти на турски серии, која смета дека единствено оние кои останале во државата и кои се позиционирале убаво со тоа што се портокаловци се патриоти. Те се удираат во гради како тие направиле нешто за државата а не си ги пакуваат коферите “кукавички”. За нејзе и таквите, предавник е и мајката која бара одговорност за смртта на нејзината ќерка. Дали некој се запрашал зошто ние младите си ги пакуваме коферите, сè уште не завршени со студиите? – Да не ги наведувам сите тие причини кои веќе ги знаете, би говорел за она крајното – разочараноста!



Разочараноста е она кое ете мене а верувам и стотиците млади лекари ги натерало да си преживеат надвор. Не, не велам да си ја побараме среќата надвор, велам да преживееме. Бидејќи доколку останеме во Македонија ќе бидеме без работа, без иднина, осудувани како предавници, неразумни. Ќе бидеме обоени како опозиционери, проблематични, мрчатори, соросовци, само за да бидеме дискредитирани. А за тоа е доволно да некаде, не дај Боже јавно, искритикуваме некоја лоша политика на власта или да искажеме мислење… Кога почнав со студиите по медицина, како и секој млад студент бев полн со ентузијазам, желба, исчекување, мотивација. Мислев дека ние сме генерацијата која доаѓа. Ние сме студенти. Оние кои сме во позиција да го смениме општеството. Оние кои ги носат идеите, напредокот, свежината во општеството. Оние кои утре ќе го водат општеството во нов век и нова ера за ова наше македонско општество.

Па помина првата година… Почнавме да ја согледуваме реалноста. Или поубаво да речам грдотијата нејзина. Знаевме дека е грда, но до толку ли, се прашував? Помина и втората и третата година… Ентузијазмот стана климав, едвај стоејќи како тенко гранче веано со ветришта од сите страни. Но сè уште постоеше… Сè уште постоеше жар кој велеше дека постои шанса, постои можност да сепак еден ден сè ова се смени, да ја снема грдотијата. Сè уште верував дека постои можност да доколку работиме и се трудиме – да дојдеме до местото кое го посакуваме. Да станеме доктори, учители со кои ќе се гордеат нашите родители и нашите учители. Да дадеме свој допринос за општеството. Да бидеме вредни за нашите сограѓани. Да бидеме промената која сакаме да ја видиме.

Но откако ќе ја досогледате грдотијата, драги мои, станувате изнемоштени, растегнати како премалку путер намачкан на преголема кришка леб. Колку и да сакате да верувате дека работите ќе се сменат, реалноста секој ден ве разубедува и ви го уништува ентузијазмот… Додека не исчезне. И тогаш доаѓа разочараноста. Разочарани сте дека постои можност за промена. Колку и да сте се обидувале да ја донесете и бидете промената, не бидува. И разочарани го отворате коферот и се пакувате.

Но колку и да сум разочаран, не можам да седам, да ќутам и траам. Не можам да очајувам и да молчам за уништувањето на македонското здравство и медицинската едукација. Сетто тоа оркестрирано од еден лик.

Верувам дека сте во тек со реформите во здравството кои толку театрално се одигруваат по македонските медиуми, та да човек се запраша дали е дневник или уште епизода на серијата Шерифот во вештерски лов на бели мантили. Така почна приказната од извесен лик, кој бара генијалци за советници и кој на некои мои професорки и професори, кои и те како заслужуваат почит и кои несебично го пренесуваат своето знаење, им се обраќа со “а бе ти мори…”, или “што предаваш ти? што знаеш ти”, или “а бе ш’o сакате бе луѓе”. Истиот тој лик откако ги претстави македонските лекари во “вистинското светло” – “белата мафија”, вети дека ќе ги сотре тие големи криминалци. Па, по вештерскиот лов на дежурства следеа полициски акции толку театрално одиграни – со специјалци со маски, лисици, апсења на десетици лекари и пикање у апсаана со така убаво наредени снимки за на вести – да се внесе малку акција во серијата. Ма каква пресумпција на невиност. Сетто тоа за да целосно се уништи угледот на македонската лекарска фела. За да пациентите кога ќе дојдат во амбуланта ве гледаат како некој шарлатан кој сака да му ги грабне парите и да го излекува со земја, онака со лопата одозгора. Ете така се претставени македонските лекари во медиумите и од Министерството за здравство.

И додека течеа епизодите “Мој термин”, “Контролирај го секој лекар”, “Лекувајте со администрација”, “Ма каков штрајк, тоа се лекари опозиционери”, “Уапси го лидерот на штрајкот”, “Купи опрема каде треба и не треба, на кредит”, “Законот над лекарското знаење”… Не знаев веќе дали гледам Надреалити Шоу или сè уште е Шерифот во вештерски лов на бели мантили.

Но и тоа не е малку. Иако во ниеден момент владата не помисли на студентите и младите, Тодоров не ги заборави кога станува збор за контрола. Па откако осмислија и ги спроведоа мерките за контрола на лекарите, им зготвија и на идните генерации совршен систем за контрола со Законот за медицински студии и измените на Законот за здравствена заштита. Во двата закона зборот “казна” е многу чест; глобите огромни (од типот 200 евра ако сте го заборавиле беџот за идентификација со кој Министерството ќе ве следи цело време додека сте на работа). Но да не должам многу, би зборувал за законските измени во поглед на едукацијата, бидејќи тоа ме засега. Во двата закона се предвидува психолошка тортура на идните студенти по медицина и специјализанти. Што поради тежината на студиумот, што поради стравот од казните и репресиите и контролата. Доколку во иднина се одлучите да студирате медицина ви следува две години студии по кои треба да полагате прв дел од државниот испит, за кој контролата ја има Министерот. Со тој закон Министерот и одлучува во име на нашите професори како и каде треба да полагаат студентите а и ги одредува лицата одговорни за постапката. Не знам како ќе успеат идните студенти покрај толкуте многу испити во прва и втора година, кои не се нималку лесни, да успеат да положат сè до август и плус да се подготват за тестот за првиот дел од државниот испит кој ќе се состои од прашања од повеќе дисциплини и ќе го спроведуваат пак луѓе одредени од Министерот. Па оние среќници со портокалови обравчиња или оние многу интелигентните кои треба да се откажат од секаква социјализација и живот ако успеат да го положат ќе запишат трета, ако не – здравје догодина. А дали спомнав и дека имаат задолжителна летна болничка пракса во прва и втора година. Да, во јули, единствениот слободен месец во годината кога ние ете успеавме да одвоиме десет-дваесет дена да не учиме и да отидеме на краток одмор на душата. Наредните генерации веројатно ќе мора да учат…

Па кога ќе ги поминете наредните четири години, завршувате Медицински Факултет и треба да го полагате вториот дел од државниот испит. Пак, според правила од Министерството одредени со закон.

Завршивте медицина. Почнува голготата на барање работа. Но не можете да најдете работа бидејќи не сте портокалов (или син, ако дојде некој друг на власт и важат истите правила и закони а вие сте необоен).

Ако родителите се богати или штеделе цел живот или можете да подигнете кредит, запишувате и специјализација. Се разбира приватно си ја плаќате целата сума и специјализаирате уште 6 години. Работите полно работно време на специјализацијата. Не сте платени за тоа. Можеби ќе најдете некоја работа како општ лекар у некоја ординација за 200-300 евра па од 7 до 3 сте на специјализација а од 4 до 10 у некоја амбуланта.

И така полагаш колоквиуми, кои се исто така, многу детално осмислени како ќе се полагаат од погодете кого – Министерството и исто утврдени се со закон. Во меѓувреме мора да научите да зборувате најмалку два странски јазика (едниот задолжително англиски Б2 ниво и другиот А2 ниво). Тука се прашувам дали ни мислеле добро – нека научат децава јазици, ќе им треба бидејќи ионака ќе отидат да работат во странство. А од друга страна се чудам како никому не му текнало да воведе да се учи албански, бар на А2 ниво? Почесто се случува да е потребно да некој ни преведува албански а не англиски во амбуланта!

Полагате полуспецијалистички испит. Ве снимаат во живо со камера и тоа се емитува на веб сајтот на Министерство. Ако случајно има некоја пречка во преносот, снимката се поставува на сајтот на Министерството. Молите Бога да е добар интернетот тој ден.

Инаку се разбира Националната комисија за изготвување на базите на прашања и студии на случаи за полагање на полуспецијалистичкиот и специјалистичкиот испит ја одредува Министерот за здравство. Исто треба и да напишете труд кој ќе го објавите во меѓународно списание.

И после шест години доаѓате до моментот кога треба да го полагате специјалистичкиот испит. Исто – сè одредено со закон, ич да не се секирате. И да, пак сè оди на веб сајтот на Министерство.

И ако сè помине во најдобар ред ја имате таа среќа да завршите специјализација на 31./32. години, шворц, у долгови и со прст во уста каде сега… Работа? – Смешки! Или како тоа досетливо еден наш колега го беше доловил: “Приватен специјализант. Тоа е човек кој треба да посвети 74 часа неделно грижејќи се за здравјето на населението, да учи и полага медицина базирана на докази, да научи два светски јазици за да лечи Македонци во Р. Македонија, да основа семејство (специјализацијата почнува после 25 година најчесто) и да се грижи за истото со НУЛА денари, без здравствено, социјално и пензиско осигурување (не дај боже да му се разболи детето), да работи во бедни услови (ниту соблекувална немаме) и за сето тоа треба да кажеме фала и да платиме 12000 евра. Сетете се на овој пост кога ќе се иселат сите лекари и кога ќе треба да се плаќаат невидени суми за да се лекува населението во приватни болници.”

Но ова не го пишувам само за да ви доловам зошто и не сакам да останам во државава и да поминам низ оваа голгота за на крај пациентот да дојде во амбуланта и да ме гледа како криминалец. Не пишувам само зашто не сакам да некој, кој нема појма од медицина, ги навредува моите учители, донесува ужасни закони, влева страв и агресија, нема основен бонтон, го нарушува угледот на лекарите, раководи со здравството во државава со ужасна здравствена политика и менаџмент, и биде човекот кој ќе одлучува за мојата иднина. Оваа колумна ја пишувам за да појаснам зошто го подржувам барањето Шерифот да даде оставка од позицијата Министер за здравство. Сè додека вакви каубои ни ја кројат судбината нема да нè биде и здравството во Македонија ќе тоне и понатаму!

Ова го пишувам за да доколку јас немам иднина во Македонија, да некој друг млад студент по медицина или лекар има и остане… Во спротивно ќе немаме одговор на прашањето кое една 70-годишна пациентка му го поставила на еден колега: “Докторе, што ќе правиме кога веќе нема да постоите?“!

Ова се само неколку од мнооогуте причини зошто треба да даде оставка.

Ве молиме, за доброто на сите, заминете…

Автор: Х.Б
студент по медицина



Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование