X
 11.09.2015 Живот

Чекајќи го сонцето

Социјален и психолошки краток расказ кој говори за играта на судбината и маргинализираните личности, потиснати од апсурдното современо секојдневие низ призмата на психолошките отсликувања на едно дете...

Чекајќи го сонцето

Го разбиструвам сеќавањето, си играм со претпоставките, расчистувам облаци, ја враќам снимката, го анализирам човекот, се сеќавам на тој ден… се запрашувам зошто не помислив на тоа, зошто не ги разбрав неговите зборови? Морници ме обземаат, лошо се чувствувам и можеби виновен сум за тоа! Секој ден поминувам пред таа куќа, истата врата, истиот камен пред вратата, но човекот....тој остана како бледа слика пред моите очи, се врти неговиот глас, ми се врти таа реченица во главата. Искрено порано не ми беа толку важни тие зборови, но сега гледајќи ја ситуацијата со позрели очи, хмм....некако почнува да ме јаде помислата дека не е толку едноставно да си случаен минувач, да гледаш, а ништо да не разбереш. Не е лесно да легнуваш со казната на невиноста, да се будиш со помислата на неа, се така да живееш и на крај да дојдеш до заклучок дека светлината и најскапоцениот посед-животот на човекот зависи од одредени личности, моќните и угледните, од семејството, силата на власта и државата и дека знаејќи или не, сметајќи го тоа за нешто вродено или секојдневие, дозволуваме тие да бидат алфа фактори врз сите наши животи, стории, среќи, задоволства, казни...Погледај! Живот, интриги, судбина, среќа, валкање, измачување и незвесен крај. Невини се раѓаат и дел од нив си заминуваат без око да им трепне на било кој од нас... Ние сме беспомошни затоа што ја носиме круната на своето Јас и не можеме да интервенираме за ничие и ништо друго. Зар никој од никого не се плаши? Каде е внатрешната одговорност? Ние знаеме само за хиерархија во државата, кога ќе се спомне духовност тогаш сите сме атеисти и научници, а кога ќе слушнеме морал сите сме поборници и хуманисти. Но, да бев научник, некако преку со теорија и формула би ги изразил чувствата и незадоволствата, би го пренел лошото искуство и доколку би ги имал во толкава голема мера моќта и влијанието – би ги поништил со моќта и влијанието на другите, токму во случајот со формулата и би се погрижил за добивање на краен резултат - ЧОВЕК плус ДУША, плус СРЦЕ по ЧУВСТВА на квадрат. Но, ете повторно ми се врати филмот и треперам, ме тепаат помислите и ја запираат крвта во моите вени ...



Беше така сончев есенски ден, по улиците се разнесуваше мирисот на печените пиперки, а пак јас брзав да си одам дома за да не задоцнам да си ја фатам работата со учењето. Но, секој ден на таа улицата која што ја преминував го гледав тој човек, со мистериозен поглед, бледо лице и со роман испишан од брчки на неговото лице. Седеше на каменот, некогаш носеште капа на главата, а некогаш ја печеше неговата келавица и неколкуте побелени коси на неа. Тогаш се колнам, се колнам не можев ништо да препознам ниту да прочитам.

Секој ден истата приказна, поминував од тука, го поздравував, тој тивко ми враќаше на поздравот и повторно го насочуваше погледот кон земјата и само кон земјата.

Неговите бели веѓи, пребледената кожа на лицето и неговиот безнадежен, но строг поглед речиси криеја големи, мистични приказни од кои што тешко се дознаваа за него.

Беше сам, живееше токму на таа куќа каде што со години не беа отстранети темните завеси од прозорците, а пајажината создала вез кој наликуваше на орнамент кој припаѓа на завесата. Колку што знам користеше некои минимални примања од центарот за социјална работа, имаше една ќерка која со години ниту дошла, ниту му се јавила, поради тоа што тој се преженил, откако починала неговата сопруга, а таа беше умрена многу одамна. А втората жена после одредено време го напушти, ограбувајќи му ги неговите заштедени и со пот заработени пари и неговиот венчален прстен од неговата прва и најсакана жена, кој долго време не беше изваден од неговата рака. Сето ова во врска со него го разбрав една вечер кога имаше нервен напад, за време на тие триесетина минути додека со дедо ми ја чекавме повиканата брза помош за да му помогне на кутриот старец. Никогаш не го слушнав да каже збор, два повеќе од возвраќањето на мојот поздрав за време на минувањето. Но, иако ми се матни сликите бидејќи се од порано, јасно како ден се сеќавам на тоа дека лицето му беше невесело, пресушено, овенато и откажано од радостите. Понекогаш гледав како некој од соседите му носеше нешто за јадење и тоа најчесто она што им останало после ручекот или од претходниот ден. Имаше еден посебен, но и последен ден кога зборнав со него и ми се чини тој ден дедото кажа неколку зборови повеќе од вообичаената навика, зборови кои се`уште ги бистрам и разјаснувам. Тој ден брзајќи за дома, поминав, како и секогаш, така и овој пат го поздравив:              

-   Добар ден!
-   Добар ден. Тажно ми возврати.                                                                             
-   Што правите, како сте?                                                     
-  Хм, ништо, ништо внучко...длабоко воздивна. Чекам сонцето да зајде, па да одморам...доста   беше.   

Ги кажа зборовите и наместо погледот да го насочи надолу како вообичаено, тој се исправи и погледна накај сонцето. Во тој миг сонцето со златните есенски зраци блесна во неговото лице, од кои што можеа да се видат неговите насолзени и црвени очи.

Го задржа неговиот поглед накај небото, а потоа ја наведна неговата глава гледајќи долу во црната земја пред неговата врата. Неговото движење на главата беше чудно, горе па долу, а уште почудни беа неговите зборови. Ова беше последната средба со него, последниот разговор, последниот збор од него.

Следниот ден следуваше казната, темната слика која што врши притисок врз мојата психа, сцената која што додека сум жив нема да ја заборавам, ситуацијата која привлече толпа луѓе во неговиот дом. Тоа беше тој и неговата бесилка поставени на неговата стара лозница во дворот. Неговата глава беше насочена повторно кон земјата иако не мрдаа невините очи на неа. Телото висеше на лозницата, лицето овој пат ни повеќе ни помалку не беше изменето, но беше нешто променато на него затоа што низ устата капка по капка протекуваше врелата крв, која што капеше на белите плочки во дворот. Единствен впечаток на неговото тело ми оставија неговите чорапи кои што беа искинати и задниот дел од џемперот кој што секој ден го носеше, а јас не бев забележал дека неговата задна страна од грбот е искината на парчиња кој висат. Таа беше момент кога прв пат видов човек во друго издание, таа беше сцената, тоа е филмот кој што ме мачеше и се`уште ме мачи кога душевно го прикажувам.          
                                                                               
А тежината на реченицата „Чекам сонцето да зајде, па да се одморам – доста беше “ остана длабоко во мене , растеше и расте заедно со мене, созрева, но се`уште не е созреана во мене. Таа секогаш ќе остане неоткриена иако навидум лесно се разбира и чита. Тој човек ќе остане длабоко во кутијата на детските приказни иако не делува како лик од приказни за деца, но во мене има значајно место и приказната и личноста, а уште повеќе тој важен момент во кој што за првпат го видов последниот чин од човековиот опстанок, играта на животот и за прв и последен пат ја прочитав последната страница од дебелата книгата наречена - живот.   

Доан Сулејманоски
Студент на Факултетот за правни науки, трета година
ФОН Универзитет - Скопје
(Во слободно време се занимава со творење, добитник на повеќе награди и член во Клубот на литературни творци - Прилеп).
Подготвил: Доан Сулејманоски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот