X
 18.04.2018 Наука

Емоциите се учат, не се раѓаме со нив

Повеќето од нас за емоцијата мислат како за нешто што доаѓа длабоко однатре. Така се чувствува. Како нешто моќно и потсвесно кое не можете да го контролирате. Но, новата наука го предизвикува ова сфаќање преку покажување дека емоциите не се вродени инстинкти, туку научени разбирања. А она што сте го научиле, може и да го одучите.

Причината за идејата за тоа дека емоциите се генски детерминирани е едноставна: сите ги имаме. Ако некој од Африка изгледа бесен или тажен, некој од Париз или од Кина нема да има проблем да препознае што чувствува човекот. Но, психологот Лиза Фелдман Барет смета дека науката ја комплицира целата таа слика.

- Доминантното верување, кое долго време беше и научно верување, е дека емоциите се одразувања: нашите мозоци се родени претходно поврзани со емоциите. Кога некој ќе искуси некој од овие вродени одговори, како на пример стравот, сите можат да го забележат тоа - објаснува таа.


Ова разбирање изгледа е погрешно.

-Децениските истражувања покажуваат дека не сме родени со емоции вградени во нашите мозоци. Наместо тоа, нашите мозоци градат емоции бидејќи ни се потребни на начин карактеристичен за ситуацијата - вели таа.

Во една култура срцебиењето може да се протолкува како терор, додека во друга како возбуда. Со други зборови, нашите физички реакции на она што нѐ опкружува се претходно програмирани. Човечките тела работат исто насекаде. Но, како ќе ги интерпретираме тие реакции, што во суштина се емоциите, зависи од култура до култура.

Ако сфатиме дека нашите емоции се конструирани преку тоа како го интерпретираме и именуваме она што се случува во нашите тела, а не фиксирани физички реакции, ќе можеме подобро да ги контролираме. А тоа може да подобри многу аспекти од животот, од работа до романтични врски.

Психологот Кели Мекгонигал од „Стенфорд“, на пример, покажа дека интерпретацијата на знаците за стрес (како забрзано биење на срцето и испотени дланки) како знаци за возбуда може да ги ублажи негативните последици врз здравјето кои ги има стресот. Истовремено, Сузан Дејвис од „Харвард“ изгради цела кариера учејќи ги луѓето подобро да се справуваат со емоциите преку учење на подобри начини на кои ќе зборуваат за нив.

Емоциите не се чисто физички. Тие се интерпретации на физичкото. Учењето нови концепти и зборови за тоа како се чувствувате може навистина да ви помогне да се чувствувате и да одговарате различно. И таа моќ може да ви помогне да имате посреќен и поуспешен живот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука