X
 23.10.2015 Култура

Војникот кој доброволно станал затвореник во Аушвиц

12

 

Нацистичките сили извршиле инвазија врз Полска на 1 септември 1939 година, и покрај најголемите напори на Капетанот Витолд Пилечки и неговите полски војници. На 9 ноември истата година, Витолд и Мајор Влодаркиевиц ја основале Тајната армија на Полска (ТАП), подземна организација која на крајот се консолидирала со другите сили на отпор во домашната армија.


Не долго после формирањето на организираниот Полски Отпор, нејзините членови започнале да слушаат извештаи за состојбите во новоизградениот концентрационен логор Аушвиц.

Со цел да ги намалат вознемирувачките гласини и да дознаат што се случувало таму, Пилечки создал план - да стане затвореник во Аушвц. Со мало убедување, неговите претпоставени на крајот се согласиле и му дозволиле да оди.

За да ги заштити своите деца и сопругата, откако бил заробен го променил името во Томаш Серафински, човек за кој се верувало дека бил мртов, но не бил. Подоцна вистинскиот Томаш имал проблеми поради тоа што Пилечки го користел неговото име.

Според Елеонора Островска, сопственичка на станот во кој Пилечки се наоѓал кога бил одведен, кога еден германски војник го зел, тој и` рекол на Елеонора: „Кажете дека ја исполнив мојата цел“.

Додека чекал со надеж дека ќе биде испратен во Аушвиц, Пилечки се пожалил на однесувањето на своите сонародници во текот на прегледувањето. „Она што навистина ме нервираше беше пасивноста на Полјаците. Сите оние кои беа собрани веќе се однесуваа како стадо на пасивни овци“.

Како што и се надевал (можеби единствената личност која се надевала на такво нешто), тој бил испратен во Аушвиц.

„Ги дадовме нашите торби. Не` истрижаа, и не` искапија со студена вода. Добив удар по вилицата со тешка прачка со што ми беа скршени два заби. Од тој момент станавме само броеви - јас го носев бројот 4859. Нашите концепти за закон и ред и она што е нормално, сите оние идеи за кои се навикнуваме на оваа земја, повеќе ги немаше“ - изјавил Пилечки.

Пилечки исто така истакнал дека една од првите индикации со кои забележал дека Аушвиц не бил нормален логор, бил недостатокот на храна на затворениците - „Храната беше пресметана на начин на кој затворениците би можеле да живеат шест недели. Кој живее подолго, значи дека тој краде“.

Оценувањето на условите во Аушвиц беше само дел од мисијата на Пилечки. Тој исто така презеде одговорност за организирањето на сила на отпор во рамките на кампот. Целите на отпорот вклучувале подобрување на моралот на затвореникот, дистрибуирање екстра храна и облека, создавање на разузнавачка мрежа во рамките на кампот, обука на затворениците за на крајот да се кренат против чуварите и да го ослободат Аушвиц, како и да добиваат вести надвор од Аушвиц.

Токму неговите извештаи за прв пат споменуваат употреба на Циклон Б гас, отровен водороден цијанид гас и гасни комори. Тој ја видел првата употреба на гас на почетокот на септември 1941 година кога нацистите ја искористиле гасната комора да убијат 850 советски воени затвореници и Полјаци од Блок 11. Отпорот исто така успеал да задржи прилично добри информации за тоа колку затвореници се донесени во логорот и бројот на смртни случаи истакнувајќи: „Над 1.000 затвореници беа донесени и убиени. Труповите беа изгорени во новиот крематориум“.

Сите извештаи биле испратени до полската влада во егзил во Лондон, а тие за возврат ја проследувале информацијата до другите сојузнички сили. Сепак, сојузниците мислеле дека извешатите за масовни убиства, глад, бруталности, системски тортури, гасни комори, медицински експерименти итн, во голема мера биле претерани (се проценува дека над милион луѓе биле убиени во кампот).

Сомнежот околу точноста на неговите извештаи значело дека планот на Пилечки да предизвика востание во Аушвиц никогаш не дојде до реализација. Пилечки успеал да ја убеди неговата мрежа на борци од отпорот дека можат успешно да преземат контрола на кратко и да избегаат ако сојузниците и полското подземје обезбеди поддршка.  Сепак, сојузничките сили никогаш немале намера на ваква операција и локалниот полски отпор во Варшава одбила да го нападне поради големиот број на германски војници стационирани во близина.

Нацистичките стражари почнале систематски да ги елиминираат членовите на отпорот во 1943 година, па со неговите извештаи игнорирани, Пилечки одлучил дека е време да си оди.

Во април 1943 година, тој ја имал неговата шанса. После предавањето на лидерството на неговите врвни членови, него и на двајца други членови им била предадена ноќната смена во пекара која се наоѓала надвор од оградата на кампот. Во вистинскиот момент, ноќта на 26 април, успеале да совладаат стражар и да ги сечат телефонските линии.

„Позади нас се пукаше. Трчавме толку силно што не можам ни да опишам. Се чинеше како да го раскинувавме воздухот на партали со брзината на нашите раце“.

Тројцата не само што успеале да преживеат, туку тие успеале и да не бидат фатени. За жал планот на Пилечки да добие поддршка за ослободувањето на Аушвиц никогаш не се случило. Откако пристигнал  во седиштето на армијата на 25 август, 1943 година и очајно се обидувал да го ослободи Аушвиц, се разочарал кога му било кажано дека идејата му била отфрлена бидејќи била премногу ризична. Во неговиот последен извештај тој ја насочува фрустрацијата кон неговите претпоставени за кои вели дека се „кукавици“.

После ова тој продолжил да се бори со армијата, истовремено обидувајќи се да му помогне на Отпорот на било кој начин однадвор. Тој исто така имал голема улога во Варшавското Востание кое започнало во август 1944 година. Тогаш тој бил фатен од германските војници и го поминал остатокот од Втората светска војна како воен заробеник.

После војната тој подолго време останал во Италија. Подоцна бил префрлен во Полска за да собере информации за комунистичките активности во Полска. Овој пат Германците биле заменети со Русите. Во текот на неговото работење тој успеал да собери документирани докази дека резултатите од гласањето на Народниот референдум од 1946 година во голема мера биле фалсификувани. За жал не постоело ништо што полската влада би можела да направи со оглед на тоа што била во егзил во Лондон. Неговата мисија бил октирена во јули 1946 година. На 7 мај 1947 година тој бил уапсен од Министерството за јавна безбедност. Бил доста измачуван неколку месеци, а неговото измачување вклучувало горење на ноктите, скршени ребра и скршен нос. Подоцна, на неговата сопруга и` рекол: „Аушвиц во споредба со ова измачување беше само детска игра“.

Кога конечно добил судење, неговите преживеани колеги од Аушвиц му пишале на тогашниот премиер на Република Полска за неговиот храбар чекор и неговата мисија во Аушвиц, меѓутоа премиерот го направил спротивното - на судијата му рекол да го фрли документот во кој пишува дека Пилечки бил затвореник во Аушвиц. Овој бил клучен доказ во корист на Пилечки, во кој тој докажува дека не бил германски соработник за време на војната.

Поради тоа, Пилечки бил обвинет дека бил германски соработник и шпион за западот и осуден на смрт. Казната била спроведена на 25 мај 1948 година. Од тогаш, неговите дела биле цензурирани во Полска, се` до 1989 година кога полската комунистичка влада била симната од власт.

Последните зборови на Пилечки биле: „Да живее слободна Полска“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура