Поданиците на кралот Атала Втори од Пергамон го нашле рајот на Земјата токму во Анталија. Вака зборува една стара турска приказна. Но, секој што ја посетил знае дека тоа е чиста вистина! Денес Анталија е туристички магнет и природен рај на златните песочни брегови на Средоземното Море во југозападниот дел на Турција, каде што се развиле едни од најубавите и најлуксузни хотелски ресорти.
Восхит будат хотелите со надворешна архитектура слична на султанските палати или дворците на Кремљ, Тајланд, со антички статуи, фонтани, недогледните базени во несекојдневни облици, раскошни барови со уметнички слики, мермерни подови, многу пијалаци, соби со луксузи и сопствени анами, со брендирана козметика за нега на телото и косата, балкони во антички стил, плажи со ситен песок. Но, и ресорти вклопени во паркови на природата со семејни вили кои како да произлегле од зеленилото, опкружени со зимзелена шума, густ шимшир, цвеќиња, каде што плодовите од дрвјата со портокали можете да ги дофатите само ако ја подадете раката од балконот. Во хотелските ресорти сѐ е еколошко, нема возила. Се слуша само тивкиот звук на електричните колички слични на оние за голф што превезуваат туристи на плажа.
Срдечно добредојде со рози и локуми
Овие убавини можете да ги доживеете доколку за Анталија патувате со „Фибула травел Македонија“. Преку оваа туристичка агенција само минатата година во Анталија летувале 12.000 Македонци. Тие организираат директни чартер-летови од Скопје до аеродромот во Анталија кои траат помалку од два часа. Кога ќе слетате во Турција, ве пречекуваат со рози, локум, освежителни пијалаци, насмевка и ве превезуваат до хотелите.
И така почна нашето чудесно патување низ Анталија. Уште насмевката на возачот на комбето беше пас во светот на турското гостопримство. И венецот на срдечно добредојде продолжи да се плете. Престојувавме и посетивме десетина хотели, дел од туристичката понуда на „Фибула травел Македонија“ во Сиде и Белек, секој уникатен на свој начин.
Од балкон директно во базен и бесплатен превоз до плажите со ситен песок
Уште на прв поглед се вљубивме во Well Palace во Сиде, каде што се спојуваат атрактивните градби со куполи и елеганцијата во внатрешноста на лобито украсено со бројни декорации. Местото изобилува со пространи базени, во кои се нурнавме директно од нашите „Swim up“ соби. Водата беше беспрекорно чиста, а беа поставени лежалки во медитеранското зеленило. Имавме одлична можност за активен одмор вклучувајќи се во програма за јога во вода и други спортови. Базенот каде што се одвива забавната програма е издвоен од сместувачкиот дел, па не им пречи на гостите што сакаат да одмараат. Хотелот располага со 315 модерно дизајнирани соби, некои и со сопствена турска бања.
Бесплатно за деца од 2 до 12 години
Топ-избор е за семејства со деца, овозможува многу активности во вода, има детски забавен парк со воспитувачки, па родителите можат да уживаат и да си посветат време еден на друг. За децата од 2 до 12 години престојот е бесплатен.
Услугата е ултраинклузив, шведска маса за појадок, доцен појадок, ручек, вечера, утрински и попладневни закуски, доцна вечерна и рана утринска закуска, детско мени, вегетаријанско и диететско мени, сите локални и стандардни увозни алкохолни и безалкохолни пијалаци, бар на плажа, сладолед во одредени часови, а-ла карт со турска, италијанска и мексиканска кујна. Ресортот на 400 метри оддалеченост има приватна плажа на медитеранските Златни песоци, до каде што организира бесплатен превоз.
Магијата на Истокот
За љубителите на Истокот, вистински избор е хотелот „Siam Elegance“ во Сиде, препознатлив по тајландскиот стил. Хотелот го носи старото име на Тајланд. Во лобито ве пречекува јапонска цреша, која е обележје на Азија. Ресортот има 515 соби, реновиран е пред две години, со главен и три а-ла карт ресторани, внатрешни и надворешни базени, спа-центар, пространи градини со клубови, плажа со бесплатни лежалки. Туристите го препознаваат како семеен хотел, каде што за децата има многу забава.
- Имаме детска програма секој ден. Мини-клуб каде што ги учиме децата да прават колачи. Во сезона во клубот доаѓаат и до 50 деца. Имаме детски голф-терени, а навечер и мини-диско каде што собира до сто деца - вели шефицата на мини-клубот, Натија Ѓул.
Кремљ на Средоземното Море
За туристите што сакаат екстравагантни хотели и раскош, неодминливи се Selektum Noa и Kremlin Palace во Белек. Првиот нѐ воодушеви со архитектонскиот стил и столбовите слични на антички локалитет во градот Сиде, како и кралските соби во златна боја и балкони во антички стил со лежалки и поглед кон морето.
Анталија е толку многу посетена од руски туристи, што еден од угостителите во Блек изградил хотелска реплика на Кремљ крај Средоземното Море. Хотелскиот комплекс не случајно се вика Kremlin Palace, изграден е како историскиот комплекс во Москва, Кремљ, катедралата на „Свети Василиј“ од Црвениот плоштад тука е претворена во а-ла карт ресторан. Во хотелот се чувствуваме како да сме во некој од кралските дворци во Русија, уредени со раскошен мебел и уметнички дела.
Во баровите 50 вида на виски, а во бањите џакузи со поглед на море
Со посебна специфичност во внатрешниот ентериер се издвојува Selectum Luxory во Блек, уреден во црно-црвена боја со барови каде што се служат по 50 вида вискија, плус други коктели и пијалаци, храна се служи 24 часа, секој ден, секаде, како што пишува на еден од хотелските ѕидови. Собите се раскошни, тоалетите се со џакузи со поглед кон морето, а козметиката за нега на телото е набавена од „Булгари“. Базените се со лежалки на вода, а морето со пристаниште со павилјони каде што исто така има џакузи. Хотелот располага со екстра рибен ресторан, каде што се служи одлично приготвена морска риба, а куриозитет е салатата наречена „Егејска“ - со домати, краставици и кромид.
Еколошки ресорти - еликсир за здравје
Вљубениците во природата ќе бидат воодушевени од Selestum Family и Astoria Family во Белек кои како да се подигнати во паркови на природата. Вилите, дел од ресортот, се опкружени со зеленило, зимзелени дрвја и цветни градини, па некои од нив ги носат дури и имињата на цветовите. Од собите на вториот кат има лизгалки преку кои децата можат да се симнат во природата. Наоколу има желки, верверички, фигури во вид на жирафи и други животни, дури и сопствено органско производство на храна. Ова се еколошки настроени хотели каде што ви се продолжува животот. Содржат патеки за трчање, фитнес- центри, терени за тенис и одбојка на плажа.
Градовите Анталија и Сиде со градби како Охрид
Анталија нуди и одлични места за факултативни излети. Возбудливо и авантуристичко искуство ни понуди Аквариумот со најдолгиот аквариумски тунел од 131 метар. Додека шетавме низ него наоколу пливаа риби како да сме на дното на морето. Од украсни и мали риби до големи ајкули, ражи, над 10.000 видови. Уживањето е надополнето со Музејот на мраз, каде што во лето се санкавме на снег, само внимавајте да не доаѓате по летни чевли. Потоа следува Музејот на восочни фигури каде што особено пленуваат Пикасо, Дали, Ван Гог, а најнови се фигурите на Путин и Трамп.
Кога по уживањето на прекрасните песочни плажи ни се присака малку градски амбиент, ги посетивме градовите во близина - Анталија и Сиде. Пријатно нѐ изненади тоа што двете староградски јадра, според градбите на куќите и сокаците, наликуваа на Охрид. Куќите беа со издаден втор кат над првиот, со тесни и високи вертикални прозорци, реставрирани фасади со автентична дрвена, а не ПВЦ-дограма. Градот Анталија го основал Атала Втори во 2 век пред нашата ера и до денес ги зачувал своите бедеми, стари градби. Дел од улиците се застаклени и под нив се гледаат археолошките ископини. Гратчето станува попиторесктно со раскошните бугенвилии со виолетови цветови, јасмини и друга богата вегетација.
Вино од калини, коктели од „Доналд Трамп“ до „Џекпот“
Со слична архитектура е и стариот град Сиде, на чија убавина не одолеала ни Клеопатра, па токму таму било нејзиното тајно љубовно гнездо за средбите со Марко Антониј. Од римско време се сочувани остатоци од амфитеатрот каде што некогаш се одржувале борби на гладијатори, акведукт, агора и делови до храмот на Аполон. Токму тој е заштитен знак на Сиде. Уличките се прошарани со романтични ресторани, тераси врз кои паѓа сенка од винови лози, дрвја со калинки и портокали, гледаат кон морето.
Тука можете да се разладите со сок или пиво од калинка кој е препознатлив пијалак за Сиде. Но, и да вкусите оригинални коктели „Доналд Трамп“, „Џекпот“, „Д-рукола“ по цена од 14 до 20 евра. Низ рестораните тестенините се движат од 13 до 20 евра, пилешкото 15 евра, порција октопод 25 евра, исто толку морска риба за едно лице, порција кофтиња 15 евра и уште многу други гурмански специјалитети.
Ја напуштивме Анталија со чоколада, алва, локуми со ф’стаци во куферите и со слатко чувство во душата дека го пронајдовме рајот на Земјата.
Фото: Жанета