Секоја уписна година е сè поголем бројот на студенти кои сакаат да студираат на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, ФИНКИ.
Интересот не изненадува воопшто и се должи на светскиот тренд за голем интерес за информатичките науки, квалитетните содржини преку кои студентите по дипломирањето се комплетно подготвени да влезат на пазарот на трудот во ИТ-индустријата или во академските кругови за научно-истражувачка работа, но и на квалитетот и посветеноста на наставно-научниот кадар.
Во пресрет на новата учебна година и претстојните уписи, деканот на ФИНКИ, д-р Боро Јакимовски во интервју за „Факултети.мк“, открива што очекува од претстојните уписи, што нуди факултетот и како ФИНКИ одговори на предизвикот со вештачката интелигенција, сфера во која стана лидер во високото образование.
1. За десетина дена почнуваат уписите за студенти. Очекувате ли повторно да има голем интерес за студирање на ФИНКИ?
-ФИНКИ, како и минатите години, очекува голем интерес за запишување на нови студенти. Главните причините за големиот интерес се, пред сè, квалитетот, условите, препознатливоста и можностите кои ги имаат нашите студенти во текот на студиите и по завршувањето.
Факултетот инвестираше во проширување и адаптација на просторот во Техничкиот кампус, со што на располагање имаме нов голем амфитеатар, нови компјутерски лаборатории и адаптација на постојните простории со цел зголемен капацитет и прегледност. Факултетот располага со компјутерски лаборатории опремени со 300 компјутерски места, најсовремени развојни околини од Microsoft, JetBrains, Oracle и VMWare, лабораторија за роботика, како и податочен центар со софистицирани околини за спроведување на виртуелни лабораториски услови за мрежи, сајбер-безбедост и вештачка интелигенција.
Модерните и практични студиски програми, поткрепени со квалитетот на кадарот, го прават ФИНКИ најдоброто место за образование на инженерите на иднината. Доказ за истото е интернационално признатата диплома, лесната вработливост во државата и во странство, продолжување на образованието во врвните универзитети, како и можностите кои ФИНКИ ги нуди на идните студенти за претоарање на нивните идеи во успешни стартап компании.
2. Што можат точно да работат студентите кога ќе дипломираат на вашите акредитирани студиски програми, односно дали тие програми ги задоволуваат сè поголемите потреби во компјутерската технолошка индустрија?
-Студиските програми на ФИНКИ нудат изобилие на можности во кои студентите можат да специјализираат во областите на информатичките науки. Основните студиски програми главно се насочени кон софтверското инженерство, компјутерските мрежи и сајбер-безбедност, компјутерските науки и инженерство. Притоа, големиот број на изборни предмети, повеќе од 100, овозможуваат доусовршување и совладување на различни вештини како вештачката интелигенција, мобилни апликации, роботика, видео игри и графика и блокчејн.
Главната цел на ФИНКИ е да изгради инженери, професионалци, способни да ги совладаат кои било предизвици на новите технологии на иднината. Студентите на ФИНКИ се препознатливи на пазарот и на сите компании од Македонија прв и единствен избор им е ФИНКИ. Тоа е главната вредност на ФИНКИ, но, за жал, растот на индустријата минатите години доведоа до хиперпродукција на неквалитетни образовни понуди, кои ветуваа примамливи титули и вештини на краток пат. За жал, тие потоа тешко наоѓаат работа, или, пак, се првите кои ќе бидат заменети.
3. Која насока е најпопуларна, а која е најдефицитарна на ФИНКИ, ако воопшто постои такво нешто?
-Најпопуларни насоки се секако насоките кои се ориентираат кон софтверското инженерство, пред се СИИС и ПИТ, за што и пазарот на трудот има најголема побарувачка. Секако, барани и важни се и сите останати насоки, каде што специјализацијата дава знаење и вештини за технологиите на иднината, пред сè вештачка интелигенција, сајбер-безбедност и роботиката. Како што и претходно кажав, изобилието на изборните предмети дозволуваат студенти на една насока да избираат предмети од друга, со што ги прошируваат знаењата и можностите за идна работа.
4. Информатичките науки и компјутерското инженерство добија нова димензија со вештачката интелегенција. Го следи ли ФИНКИ трендот на ВИ во светот и каде сме ние на тоа поле?
-ФИНКИ е лидер во вештачката интелигенција во високото образование. Студиските програми изобилуваат со повеќе од 30 предмети во кои студентите имаат можност да го совладаат широкиот спектар на вештачката интелигенција. Студентите на ФИНКИ понатаму успешно се вработуваат на работни позиции поврзани со вештачката интелигенција, каде што брзо напредуваат и се усовршуваат. Клучната предност е способноста и за креирање нови модели, апликации, решенија и системи, а често тие формираат и сопствени производи кои прераснуваат во успешни компании.
Факултетот успешно работи и на полето на истражување и развој на вештачката интелигенција. Сведок за тоа се големиот број научни трудови и меѓународни проекти во областа од вештачката интелигенција и соработката со врвни универзитети од Европа и Америка, како и големиот број на гостински професори од реномирани универзитети кои држат семинари и предавања на ФИНКИ. Дополнително, во соработка со други универзитети и институции во државата, ФИНКИ го поддржува развојот на екосистемот за примена на вештачката интелигенција и длабоките технологии преку поддршка на компаниите во нивната примена и вклучување.
5. Склучувате партнерства со државните институции, со големи приватни компании во областа на сајбер-безбедноста и иновациите. Што нуди ФИНКИ во соработката со тие институции, каква експертиза може да обезбеди?
-Програмата за партнерство на ФИНКИ има за цел зголемување на взаемната соработка на сите чинители, насочено кон развој и унапредување на екосистемот. Програмата е препознаена од голем број компании и институции, при што на студентите им се обезбедува можност за практична работа, која е задолжителна во текот на студиите, а на компаниите им се обезбедува пристап до квалитетни кандидати за зголемување на нивните тимови. Преку истата компаниите можат да придонесат за подобрување и адаптација на наставните содржини согласно нивните потреби, но секако и за продлабочување на соработката со професорите и асистентите на ФИНКИ во насока на спроведување на истражувања, прототипирање или тренинг за новите технологии.
Особено важна е улогата во дигиталната трансформација на општеството, каде што преку програмата за партнерство, Дигиталниот иновациски хаб ДИГИТМАК и Центарот за компетенции за пресметување со високи перформанси, големи податоци и вештачка интелигенција, компаниите, институциите и другите академски институции добиваат бесплатна помош, тренинг, менторирање и совети. Овие активности се поддржани со помош на повеќе од 10 активни проекти од европските програми како „Хоризонт Европа“ и „Дигитална Европа“.
Програмата за партнерство донесе и дополнителни придобивки за студентите. Финансиските средства кои ги инвестираа компаниите придонесоа за подобрување на условите за студирање, обезбедување софистицирана опрема и софтвер, како и финансиска поддршка на активностите на студентското собрание и организации и на социјално загрозените студенти.
6. Што ќе им порачате на студентите на првиот академски час?
-Како и секоја година, главна порака која ја упатувам до студентите е дека го направиле вистинскиот прв чекор со запишување на ФИНКИ. Живееме во време исполнето со многу предизвици, но и многу можности. ФИНКИ е патот со кој можностите можат да станат реалност и успех. Останува напорно да учат и со наша поддршка да прераснат во инженерите на иднината, со кои сите ние ќе се гордееме.
7. Наскоро ќе славите 15 години јубилеј. Успеа ли ФИНКИ да ги оствари своите цели?
-Формирањето на ФИНКИ имаше за цел да ги обедини човечкиот потенцијал во рамки на УКИМ со цел градење на единица која ќе биде носител на дигиталната трансформација на општеството и на УКИМ. ФИНКИ успеа во тоа уште во првите години од своето постоење. Изминатите 14 години факултетот ги зголеми своите капацитети со што претставува еден од факултетите со најголем научен придонес, најголем број меѓународни проекти, факултет со најголем број студенти, а секако и факултет кој има голем придонес во развојот на ИТ-индустријата, а ќе има огромен придонес и во идните процеси на дигитализацијата на државата.
Фото: Архива