X
 23.08.2016 Живот

"Каде си?" веќе има сосема друго значење!

Користењето на апликациите за трасирање локации преку вашиот мобилен телефон значи дека се собираат метаподатоци и точни информации за локацијата, колку време останувате на тоа место и колку често одите таму или престојувате само во одреден краток период. Неодамна, Норвешкиот Совет за заштита на потрошувачите, објави студија каде што преку аналитички пристап кон политиките за приватност и модулите за користење на разни апликации за телефон кои ја симнуваат вашата локација како податок, укажаа на можната повреда и злоупотреба на правото на приватност, согласно законодавството на ЕУ.



Тие поднесоа и официјална претставка до Норвешкиот орган за заштита на личните податоци, но овде се работи не само за можна повреда на правото за приватност, туку и несоодветни рокови за чување на тие метаподатоци. Согласно ЕУ законодавството во оваа област, мора да се ограничи рокот на чување на податоците кои се обработени. Воедно, треба да се има на ум дека податоците може да се чуваат сè до исполнување на целта заради која се собираат.
Она што е ново пак деновиве е дека Централниот завод за статистика на Ирска бара измени и дополнувања во законодавството на ЕУ за да се овозможи користење на  податоците за роаминг од мобилните телефони за да им помогне за собирање на статистички податоци во туризмот.

Од страна на органите за заштита на податоци податоците за локација од телефонот се констатирани како многу чувствителни поради огромната количина на информации кои може да ја доведат во прашања Вашата приватност, особено околу нивниот начин на живот и начин на движење.
Централниот завод за статистика, во поднесокот до Европската комисија, укажува дека правните дефиниции треба да се прошират, па луѓето не треба да ја дадат својата согласност за употреба на нивните податоци за локација за статистички цели.

Дури беше изјавено од страна на граѓанските организации дека "овој тип на податоци не се само вредни за составување на статистиката на туризмот", но, исто така, е утврдено дека би биле "значителна потенцијална вредност во однос на изготвување на податоци за други модели на миграција, како што е денот/време, ноќно време, работен ден и движења  за време на викенд на населението.“

Ако се земе предвид дека првите чекори се веќе преземени за отпочнување на процедури за користење на податоци за лоцирање преку мобилните телефони во статистиката на туризмот во повеќе земји и тоа: Словенија, Белгија, Австрија и Гренланд, тогаш и повеќе од јасно е дека прашањето КАДЕ СИ? добива една друга димензија. „КАДЕ СИ“ веќе значи – „Добро знам каде ќе бидеш“.

Од особена важност е да не се занемари правото на приватност и да не се прави компромис со приватноста на физичкото лице наспроти јавниот интерес или собирање на податоци „за статистички цели“.

Но, кој е тој што ќе ја прави граничната линија?

Пишува:
м-р Лилјана Пецова Илиеска
Советник и Лице за односи со јавност 
Дирекција за заштита на личните податоци
Подготвил: м-р Лилјана Пецова Илиеска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот