X
 16.02.2024 Наша тема

Иселениците со двојно државјанство не треба да се пријавуваат во полиција како странци, патниот лист е само за враќање во Македонија... Што треба да знаете ако сакате да патувате?

Редиците за чекање на пунктовите на МВР за патни испрати, различните информации и одлуки на МВР, МНР и на Собранието во последен час внесоа забуна и паника кај граѓаните, кои беа растрчани да извадат документи со новото име на земјата и што поскоро да извадат валидни документи за да пристигнат во својата земја.

Од 13 февруари граѓаните што немаат пасоши со „Северна“ нема да можат да ја напуштат Македонија, а граѓаните што работат и живеат во странство и сакаат да дојдат во земјава, ќе можат да го сторат тоа со патниот лист на МНР, кој е важечка патна исправа заедно со веќе неважечкиот пасош.

Патните пропусници ќе може да се обезбедат во дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) на Република Северна Македонија, а ќе бидат без надомест согласно последната одлука на владата.

- Нашите државјани имаат право да се сликаат во најблиското дипломатско конзуларно претставништво во странство, каде што имаме воспоставено базна или мобилна станица, преку телефонско закажување или комуникација по е-пошта.
Претставништва со базни станици има во: Минхен, Бон, Берлин, Берн, Виена, Љубљана, Лондон, Њујорк и Чикаго. Претставништва со мобилни станици има во: Брисел, Стокхолм, Венеција, Торонто и Мелбурн.
Процедурата за стекнување нова патна исправа од денот на сликање трае околу 30 дена, по што државјаните ги подигнуваат новите патни исправи во дипломатското или конзуларното претставништво каде што е направено сликањето. Во случај државјанинот да не е во можност да ја подигне патната исправа во претставништво, по негово барање и по потпишување изјава, може да ја добие преку брза пошта, при што трошоците или поштарината се на негов товар.
Воедно, би сакале да потсетиме дека рокот на старите пасоши истекува на 12 февруари и истото значи дека по тој датум, без нови патни исправи нашите државјани немаат можност да ја напуштат нашата земја - објаснуваат од МНР.



Патниот лист е задолжителен за оние граѓани што престојуваат во странство и имаат само македонска патна исправа. Патниот лист е со важност од 30 дена од денот на издавање и служи само за враќање во Македонија.

Оние иселеници што имаат двојно државјанство ќе можат да си дојдат во земјава без да има потреба да се пријавуваат во полициска станица како странци, информираа од МВР за Факултети.

- Македонски државјанин кој има неважечки македонски документи, но поседува и патна исправа на друга земја, т.е. има двојно државјанство. не треба да се пријавува во полициска страница како странец бидејќи на територијата на Република Северна Македонија тој е наш граѓанин - рекоа од МВР.

Воедно, согласно инструктивната телеграма на МВР од 8 февруари, двојните државјани може да остварат непречен влез и излез во и од нашата земја.

Нашинците од странство не можат да влезат со лична карта на која не пишува „Република Северна Македонија“

Македонските амбасади во Берлин и во Лондон на нивните официјални фејсбук-страници објавија инструкции за државјаните на Македонија кои престојуваат во странска држава и кои до 12 февруари 2024 година сѐ уште немаат извадено нов пасош, а имаат намера да аплицираат за издавање пасоши во земјава, дека можат да се вратат во земјата со патен лист што се вади без термин, со важност на траење од 30 дена од денот на издавање и служи само за враќање во државата. Но, со оглед на рокот од 30 дена и редиците на пунктовите, овие граѓани кога ќе пристигнат во земјава, ќе мора да аплицираат за вадење пасош по брза постапка, за која исто така се чека подолго.

-Ги информираме сите што ќе поднесат барање за нова патна исправа дека времето за издавање нов пасош од денот на поднесување на барањето во просек изнесува 50-75 дена, по што пасошите можат лично да ги подигнат во ДКП каде што го поднеле барањето. Напоменуваме дека при издавањето на патните листови пасошите со старото уставно име „Република Македонија“ да не бидат поништувани. Потребни документи за издавање патен лист: пасош, пополнето барање за издавање патен лист, две слики - објавија од македонската амбасада во Берлин, Германија.

Од амбасадата во Британија се појаснува дека патниот лист се издава со закажување термин на london@mfa.gov.mk со назнака „Итен патен лист“, по можност една до две недели пред патувањето за Македонија.

- Има одредена паника кај граѓаните во дијаспората дека по 12 февруари ќе ги изгубат работните места, дека ќе ги загубат дозволите за престој. Поради тоа, во трите наши дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП) во Берлин, Бон и во Минхен, во Швајцарија, Италија има наплив од граѓани. Нема простор за паника затоа што МНР се организира да им излезе во пресрет каде и да се. Испраќаме дипломати на помош во сите ДКП каде што очекуваме поголеми барања, однесовме нови две мобилни станици во Германија и во Италија за да примаат апликации за нови пасоши согласно капацитетите на МВР овде. Во градовите каде што немаме ДКП, а има голем број нашинци, планираме календар на конзуларни денови во февруари кога ќе можат директно да дојдат и да аплицираат за пасоши - порача Османи.



Од Хелсиншкиот комитет реагираа дека граѓаните се обесправени поради неорганизираноста на државата навреме да го спроведе издавањето на документите со новото уставно име, но и дека граѓаните се погрешно информирани за можностите за патување со патен лист.

- Државјаните на Република Северна Македонија се погрешно информирани за можностите за патување со патен лист издаден од дипломатските и конзуларните претставништва на државата во странство. Вистината е дека тој документ им важи само еднократно – тие можат да дојдат во земјата, но нема да можат да ја напуштат државата, односно нема да можат да патуваат надвор од државата сѐ додека не извадат нова патна исправа - апелираат оттаму.
 
Фото: МВР и МНР
Подготвил: Редакција на Факултети.мк

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема