X
 16.09.2021 Живот

Германија ја чекаат големи промени, стотици илјади работни места ќе исчезнат

На прв поглед, на Германија добро ѝ оди. Стапката на невработеност е речиси преполовена од реформите во 2005 година. Дури и гигантска криза како што е пандемијата не ја промени значително земјата: стапката на невработеност се зголеми само малку - од 5,0 на 5,9 отсто, пишува „Дојче веле“.

Благодарение на владините мерки, како што се финансирање работа со скратено работно време, повеќето луѓе успеаја да ги задржат своите работни места. Пандемијата, исто така, покажа дека работата од дома функционира.

Меѓутоа, оваа земја се соочува со драматични промени за кои, според многу експерти, воопшто не е добро подготвена.

- Во оваа деценија ќе доживееме неверојатна трансформација на германскиот пазар на труд - вели федералниот министер за труд Хубертус Хајл.

И овие промени се диктирани првенствено од дигитализација и автоматизација, но и од голема промена во доминантните технологии, како што е проширувањето на електромобилноста.

Иднината на работата

Ефектите од овие промени значително се разликуваат од индустрија до индустрија. Хилмар Шнајдер, директор на Истражувачкиот институт за иднината на работата во Бон, сепак забележува голем тренд.

Едноставните активности, кои бараат пониско ниво на квалификација, сѐ повеќе ќе се заменуваат со роботи или компјутери - или работниците ќе бидат слабо платени за нив.

- Веќе отидовме релативно далеку на тој пат и постигнавме еден вид рамнотежа. Она што може да се автоматизира е веќе автоматизирано - вели Шнајдер.

Многу машини и роботи веќе се користат во индустрискиот сектор. И во магацините на онлајн-трговците добар дел од работата е преземена од машини.

Во логистичкиот сектор допрва претстојат големи трансформации: товарните камиони сѐ уште се управувани од луѓе и, според експертите, прашање на време е кога ќе се укинат овие работни места - и камионите ќе почнат да возат автономно. Истото важи и за такси-индустријата, односно давателите на услуги од тој сектор, како што е „Убер“.

Погодени и високообразованите

И социологот Роланд Вервибе е убеден дека многу работни места ќе исчезнат. Но, за разлика од Шнајдер, тој не верува дека ситуацијата на пазарот на трудот е во „рамнотежа“, односно дека само помалку квалификуваните вработени имаат причина да се грижат.

Дигитализацијата претставува „промена на епохите“, вели Вервибе, професор по социјална структура и социјална нерамнотежа на Универзитетот во Потсдам.

- Она што е ново во врска со овој развој на настаните е фактот дека се засегнати и висококвалификувани работни места - вели професорот.

Како пример, тој наведува преведувачи, чии работни места се „одземаат“ од подобри софтверски програми како што се „Гугле транслејтор“ или „Дипел“.

- Потенцијално, може да влијае и врз адвокатите бидејќи повеќе правни совети што им се потребни на клиентите, всушност, може да се направат полуавтоматски. А во последниве години и банките ги „кратат“ работните места - додава тој.

Германија е на праг на трансформација и овој процес ќе се интензивира во иднина, додава Вервибе. И тој забележува дека постои опасност Германија да ја загуби врската со другите земји во светот во однос на дигитализацијата.

rabota
Фото: Freepik

Недостиг на образование

Пандемијата откри големи слабости во овој поглед, особено во областа на јавната администрација. Канцелариите за јавно здравје честопати беа преоптоварени, дури и користеа факс-уреди за да комуницираат и да го следат ширењето на инфекциите - наместо современи средства за дигитална комуникација.

- Првокласен политички пропуст е дека во 2021 година треба да заклучиме дека воопшто нема училиште што подлежи на дигитално образование - вели Вервибе.

Но, не е само дигитализацијата таа што ги загрозува работните места. Благодарение на порастот на електромобилноста, 200.000 работни места ќе бидат изгубени во германската автомобилска индустрија во следните четири години, едноставно затоа што електромоторите и е-погоните се помалку сложени. Ова е резултат на студијата на ифо-институтот нарачана од Германската асоцијација за автомобилска индустрија.

Истовремено, според најновите процени, ќе има уште повеќе работни места во областа на производството и одржувањето на електронските автомобили отколку што ќе бидат изгубени во процесот на трансформација.

Нови работни места

Старите работни места исчезнуваат, а нови се појавуваат и во други индустрии. Околу 1,2 милион работни места ќе бидат отворени до 2035 година во оние занимања кои тешко може да се заменат со технологија, се вели во студијата на консултантската компанија „Делоит“ - претежно во областите на здравството, наставата и образованието, односно менаџментот и администрацијата.

Тоа е мала утеха за луѓето што ќе ја изгубат работата поради дигитализација, бидејќи честопати немаат квалификации за нови работни места. Дополнителен проблем е фактот дека секторот за пониско платени работни места во Германија е огромен - секој петти вработен (околу 20 отсто) работи за минимална или малку подобра плата. Во скандинавските земји, Холандија или Франција, оваа квота е двојно помала.

Излезот од таа ситуација е во образованието и дообразованието. Само во автомобилската индустрија на околу 800.000 луѓе наскоро ќе им треба нова или друга квалификација, проценува консултантската компанија „Бостон консалтинг груп“.

Германија, како општество што старее, ќе продолжи да зависи од имиграцијата од странство, вели истражувачот Шнајдер.

- Притоа ни требаат концепти насочени кон привлекување висококвалификувани луѓе во Германија - вели тој.

Извор: Deutsche Welle
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот