X
 19.09.2017 Образование

И други ученици од „Братство“ бараат шкафчиња за книгите

По објавувањето на серијата текстови за овој проблем, до Факултети.мк постојано пристигнуваат барања од родители да се интервенира и во нивното училиште, што докажува дека истото е масовна појава и потребно е системско решение за целата земја.



Во Основното училиште „Братство“ училиштен инвентар не недостигал само во училницата на едната паралелка првачиња, туку и во другата, но и во просторија на второодделенци. Откако ја објавивме приказната за првачињата од училиштето „Братство“ кои експресно добија инвентар во училницата, по нашите прашања упатени до директорката и до Општина Карпош зошто се бара од родителите да ја опремат, со исто барање се јавија родители и од другото одделение, но и на второодделенци.

Во ова училиште има две паралелки со првачиња кои учат на македонски наставен јазик. И двете училници биле без инвентар кога почнала школската година, а на родителите им било предложено сами да ја опремат и ако може да обезбедат печатачи и телевизори.

Училницата на едното одделение за неколку часа, по нашето јавување, од раководството доби орманчиња. Родителите ни објаснија дека кога попладнето ги земале децата, виделе дека се ставени постари шкафчиња кои веројатно училиштето ги имало. Но, сега со исто барање се јавија родителите и од другото одделение, кои исто така се првачиња. Ни испратија и фотографии од просторијата, на кои се гледа дека ранците на децата им се на под, а приборот на прозорците.

- Ви се јавуваме како засегнати родители од другото одделение во „Братство“ кое, за жал, не доби ништо. Се прашуваме дали нашите деца се казнети, дали се поразлични во нешто од другото одделение? – вели татко на дете кое учи во I-1.



Тој ни објасни дека исто како и на родителите од другото одделение, им било кажано дека училиштето нема пари да ги опреми училниците со мебел.

- Учителките ни рекоа „ако сакате може сами да обезбедите“. Се разговараше и дека ќе им треба телевизор, печатач. Никој не ни кажа дека мора да се обезбеди, туку само рекоа: „Ако сакате да обезбедите“. Ова е реновирано училиште, но јас се прашувам како е можно да не се обезбедат орманчиња, закачалки, основни работи за нормална настава. Зошто еднаш не се опреми една училница и да заврши муабетот за повеќе генерации ученици. Зошто се бара од родители ова да го купуваат? – прашува овој родител.

Друг родител чие дете оди во второ одделение во ова училиште нè информира дека лани просторијата ја наследиле од петтоодделенци кои им ги оставиле пластичните фиоки. Тие во меѓувреме се искршиле, па годинава нема орманчиња за книгите и за училишниот материјал.

- На првата родителска средба оваа година, без да ни биде наложено или дека е обврзувачки за нас, а објаснето дека училиштето нема пари за мебел и инвентар, се генерира идејата сами да си направиме, со цел да им помогнеме на децата и им ја олесниме наставата. И што можеме ние како родители да направиме освен да се ангажираме и да бараме столари и понуди и да се организираме да правиме сами шкафчиња. Нема да коментирам за тоалетната хартија, сапунот, печатачот, тонерот итн. Навистина иритира фактот што кога ќе се почне јавно да се зборува, селективно, експресно и премолчено се решаваат некои случаи. И да, веќе е неиздржливо бидејќи очигледно ништо не ни функционира како што треба во државата. И мора јавно да зборуваме и веднаш да ги решаваме проблемите. Директорката може не сака да разговара со вас, може да не сака да разговара и со нас, може да ни пренесува што сака преку учителките, но треба едно да знае, таа е менаџерка на тоа училиште и треба да се бори за училиштето и да најде начин како да си ги обезбеди средствата што му следуваат на училиштето за опремување за да може да се обезбеди нормална настава на учениците од целодневната настава. Ако секоја година откако е реновирано училиштето се опремувале барем по 2 училници за првачиња, досега ќе биле сите училници опремени и немало да има вакви акумулирани проблеми, ниту откорнати закачалки, извадени шкафчиња, училници без мијалници – вели родителот.

Овие родители ни објаснија дека во одделението има иницијатива сами да си ги прават шкафчињата, но има и револт зошто тие да го прават тоа. Децата им одат во целодневна настава, книгите, тетратките и материјалите не ги носат дома, но затоа во училиште треба да им бидат ставени во шкафчиња, а не на под.

Факултети мк. не успеа да добие одговор од директорката на училиштето, Јадранка Поповски, дали ќе се обезбеди инвентар за сите училници каде што недостига. Од Општина Карпош претходно ни изјавија дека обврската за тековно и инвестиционо одржување на основните училишта и набавка на ситен инвентар е на Владата на Република Македонија, односно на Министерството за образование. Оттаму ги упатија родителите за решавање на својот проблем да се обратат кај министерката за образование и наука Рената Дескоска.

Инвентар, телевизори, печатачи, ролетни, завеси, тоалетна хартија, сапуни... Речиси и да не постои училиште во земјава во кое не се бара финансиска помош од родителите за истите да се обезбедат. Топката за тоа кој треба да ги купува се префрла меѓу централната и локалната власт, но последиците директно ги чувствуваат учениците и нивните родители.

По објавувањето на серијата текстови за овој проблем, до Факултети.мк постојано пристигнуваат барања од родители да се интервенира и во нивното училиште, што докажува дека истото е масовна појава и потребно е системско решение за целата земја.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование