X
 10.10.2017 Култура

Кафка пред суд: Кому му припаѓа Кафка?



Подвижен споменик од Кафка
(Фото: Pixabay)

Кафка и неговите тестаменти

„Драг Макс, моја последна молба: сè што може да се најде во мојата оставина, од дневници, ракописи, туѓи и мои писма, цртежи и слично, без остаток и читање, запали ги. Твојот, Франц Кафка“, гласела пораката на картичката што во 1924 година во Прага ја нашол Макс Брод додека ја средувал работната маса на својот пријател, кој тукушто починал во санаториум. Историјата на книжевноста ќе го запамети писателот, преведувач и композитор – Макс Брод како најдобриот пријател на прославениот писател Франц Кафка, кој не ја исполнил неговата  последна желба да го уништи неговиот книжевен опус, збогатувајќи ја на тој начин светската книжевна ризница со романи како „Америка“, „Процес“ или „Замок“.

Меѓутоа, постои уште еден тестамент на Кафка кој е непознат за пошироката јавност, каде што тој споменува пет свои дела: „Селскиот доктор“, „Огнарот“, „Преобразба“, „Судење“ и „Во казненичката колонија“, како и расказот „Уметник во гладување“. „Кога велам за овие пет книги и за овој расказ дека вредат, со тоа не мислам дека треба повторно да се печатат и да се пренесуваат на следните генерации, туку сосема спротивното, ако целосно се изгубат, тоа би било во согласност со мојата вистинска желба...“, истакнува Кафка во својот втор тестамент од 29 ноември 1922 година.

Од првиот се гледа неговата волја за уништување на неговата оставина, а од вториот тестамент се забележува неговата потсвесна желба сепак некои негови дела да бидат сочувани за генерациите што доаѓаат.

По смртта на пријателот, Макс Брод ги објавува речиси сите негови дела, но наскоро се соочува со вистинската опасност за оставината на Кафка – почетокот на Втората светска војна. Пред  влегувањето на нацистичките војски во Прага во 1939 година, Брод заминува за Палестина со сите негови дела, спасувајќи го на тој начин не само својот живот туку и севкупната оставина на Кафка.

Оставината на Кафка на пат и распродажба

Макс Брод за време на војната живеел и работел во Тел Авив, Палестина, затоа што во тоа време сè уште не беше создадена самостојната израелска држава. Таму се запознал со Илса Естер Хоф, Еврејка, која исто така пребегнала од Прага. По смртта на неговата сопруга во 1942 година, Естер Хоф му станува животна сопатничка и секретарка, и со неа живее сè до својата смрт во 1968 година. Брод ѝ ја остава целата оставина на Кафка како подарок – околу 20 илјади страници ракописи, списи и писма, како и целата архива на Брод, која ги содржела дневниците на менторот на Кафка, како важен сведок на времето за подобро разбирање на неговиот лик и дело. Брод уште во 1945 година имал намера да ѝ го подари целиот опус на Кафка, за што сведочи и неговиот тестамент: „Драга Естер, уште во 1945 година сите писма и ракописи на Кафка, кои се моја сопственост, ги наменив како подарок за тебе“.

Државата Израел, според законските прописи, го потврдила овој подарок како законски легитимен. Така во 1974 година оставината и наследството станале полноправна сопственост на Естер Хоф. Наскоро, поради финансиски потреби, таа почнува да ги продава ракописите, писмата и разгледниците од наследството од Кафка и архивот на Брод. За 90.000 германски марки во 1974 година таа продала 22 писма и 10 разгледници на Франц Кафка упатени до Брод. Во 1979 година му го понудила ракописот од Кафка „Опис на една борба“ на архивот на германскиот град Марбах, за 100.000 марки, но тие одбиле, па истиот завршил во рацете на издавачот Зигфрид Унселд. Во 1981 година повторно на градскиот архив му го нуди ракописот „Подготовки за венчавка на село“ за 350.000 марки, но и тогаш Марбах ја одбива понудата.

Најголемата продажба се случува во 1988 година, кога Хоф одлучува да го продаде ракописот „Процес“ и тоа преку британската аукциска куќа „Сотби“. Со вешто тргување, архивот на Марбах го добива ракописот по цена од 3,5 милиони германски марки, додека Естер Хоф морала во Израел да плати само данок за пренос на сопственоста. Во 1999 година продала едно писмо од Кафка за 55.000 марки. Естер Хоф умира во 2007 година во Тел Авив на 101-годишна возраст, а нејзините две ќерки Ева и Рут Хоф стануваат наследнички на оставината на Кафка и архивот на Макс Брод.

Од судски спор до дипломатска напнатост

По долги несогласувања, сестрите Хоф се договориле да му го продадат преостанатиот дел од оставината на Кафка на германскиот архив во Марбах. Меѓутоа, таа намера била спречена од страна на судот во Тел Авив. Имено, Израелската национална библиотека на суд им го оспорува правото на наследство на сестрите Хоф, така што од 2009 година го спречува располагањето со оставината на Франц Кафка. Дополнително, Националната библиотека во Израел бара и враќање на ракописите на Кафка од Швајцарија, каде што ги испратил  Макс Брод за време на Суецката криза во 1956 година.  Тие бараат и враќање на ракописот „Процес“ од архивот во Марбах, затоа што судот во Тел Авив наведува дека станува збор за „израелско културно богатство“.

Натаму, Израелската национална библиотека не сака ракописите да завршат во Германија, односно „во земјата на извршителите“, со што се алудира на холокаустот, сметајќи дека со тоа се прави „историска неправда“. Судот наведува дека сестрите Хоф ја прекршиле и последната желба од тестаментот на Макс Брод, кој нагласил дека неговите и ракописите на Кафка треба да бидат достапни за јавноста, додека сестрите Хоф го прават спротивното, изолирајќи ја оставината од израелската јавност.

Судскиот процес трае со години, и додека тече процесот околу „Процес“, ракописите на Кафка се наоѓаат во трезор во Цирих под реден број 6588 и го чекаат исходот од оваа парница, додека на дипломатско ниво околу ракописите на Кафка спорат две држави кои во времето на Кафка не постоеле.

Кому му припаѓа Франц Кафка?


Спорот околу ракописите на Кафка го отвори и го наметна следното прашање: „Кому всушност му припаѓа Кафка?“

Тој е роден на 3 јули 1883 година во Прага, тогашна Австро-Унгарија, а починал на 3 јуни 1924 година, недалеку од Виена, денешна Австрија. Кафка на почетокот бил државјанин на Австро-Унгарската монархија, а починал како граѓанин на Чехословачка. Живеел во Прага како припадник на еврејското малцинство, но бил и дел од седумпроцентното малцинство од Прага кое зборувало на германски јазик, па дури и денес во тој контекст се зборува за „прашки германски“, јазик кој исчезнал по Втората светска војна. Кафка во една пригода и самиот признал: „Германскиот е мој мајчин јазик, но и чешкиот ми лежи на срце“. Тој е главна личност и зачетник на модерната германска книжевност, но самиот не е Германец. Израел преку судските процеси сака присилно да го „израелизира“, иако самостојната држава Израел настанала 20-ина години по смртта на Кафка. Од овие податоци станува јасно дека е многу тешко да се одреди неговиот политички и географски идентитет. Сепак, најдобриот одговор на ова прашање го дава новинарката Барбара Зетхамер, која вели:

Кафка преку своите дела всушност му припаѓа на светот“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура