X
 18.10.2017 Образование

Праксата е голема можност за студентите, но и за компаниите

Една од клучните промени што мора да се случат во стопанството е компаниите да воведат обуки за менторство, да имаат обучен педагог-ментор кој ќе се грижи за секој чекор што го направил студентот додека волонтирал кај нив, смета Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавци на Македонија.



Сѐ додека работодавците не сфатат дека студентската пракса носи корист еднакво и за двете страни - компаниите и студентите, системот нема да се подобри. Студентите уште долго време ќе варат кафе во компаниите наместо да стекнуваат знаење. Една од клучните промени што мора да се случат во стопанството е компаниите да воведат обуки за менторство, да имаат обучен педагог-ментор кој ќе се грижи за секој чекор што го направил студентот додека волонтирал кај нив, смета Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавци на Македонија.

Не може секој да биде ментор

Анкетата на Факултети.мк покажа дека задолжителната практична настава за многу македонски студенти е само фиктивна. Од 185 студенти што одгoворија на нашата анкета, дури 106 добиле потпис за задолжителната настава од компанијата која ги обучувала, но не се појавиле на пракса. И оние што посетувале воопшто не се задоволни од квалитетот на наставaта, па најголем дел ја оцениле со еден и два, а мал дел со чиста петка. Од одговорите на студентите може да се заклучи дека потписот го добиваат само за да не пречат во процесот на работа на компанијата. Секако дека има и студенти што се незаинтересирани за практична настава, па гледаат да поминат на полесниот пат.
- Проблемот е во тоа што работодавците не може да препознаат дека од таа законска измена во високото образование за задолжителната пракса може да извлечат корист. Треба да се земе предвид и дека сите работодавци немаат можност да имаат сектор за развој на човечки ресурси, а со самото тоа и да препознаваат нови таленти и кандидати за подобрување на самите перформанси на компанијата, односно вешти работници – смета Бошков.

Миле Бошков

Клучна промена која според Бошков треба да се направи кај компаниите е да развијат свој капацитет за менторство бидејќи не може некој што е вработен каде било, во хотел, фабрика, администрација и слично, да обучува студенти.
- Прво тоа не им е во работната задача, а и немаат време за тоа. Многу е важно компаниите што ќе имаат капацитет, кои ќе препознаат општествена одговорност во насока на вложување во заедницата, да имаат сектор или оддел кој ќе се занимава со селекција и обука на кадар. Тие ментори треба да бидат обучени за тоа, да бидат педагози, бидејќи не сите студенти или практиканти се исти, некои се повеќе вредни, некои не, имаат разни мотивациски точки. Тој ментор или педагог ќе треба да ги препознае – смета Бошков.


Можности за вработување
Дека практичната настава е премногу важна за образовниот процес, потврдуваат и работодавците и самите студенти. Студентка што посетувала практична настава вели дека една од најважните работи е поголемата ангажираност на практикантот во секојдневната проблематика.
- Потребна е работа на реални проекти и ценење на сите мислења, со што практикантот би се чувствувал како дел од тимот, гледање на праксата како можност за идно вработување, каде што практикантот се труди да ги покаже своите квалитети и способности кои би биле препознаени од работодавците – вели таа.
Друг студент, кој имал среќа да добие практична настава во добра компанија, која му понудила и работа, објаснува дека се потребни промени и кај самите факултети. Тој смета дека и покрај креираните центри за кариера, на секој факултет недостига повеќе заангажиран ментор, кој ќе им посвети внимание на студентите.
- Во компанија одев на пракса од прва година, сега запишав четврта година и не сум почувствувал некаков недостиг. Си имаш ментор, односно овде ти се шефовите од секој оддел, да те обучат што и како треба, и за сѐ што те интересира. Презадоволен сум од фирмата, особено и што ете после три години посетување практична настава, ми понудија работно место по дипломирањето, а дотогаш три пати неделно да посетувам обука кај нив токму за работното место што ми е понудено – вели тој.
И Бошков смета дека на секој млад човек му се потребни практични вештини пред да дипломира. Тој како добар модел за практиканство го издвојува оној во Франција.
- Моделот е беспрекорен и практиканството, дуалното образование е спуштено на општинско ниво. Се прават регистри на ментори од компании на општинско ниво, па потоа факултетите соработуваат со нив – вели тој.
Бошков потенцира дека компаниите така може да препознаат нови таленти во студентите и потоа да ги вработат, а секако и да се истакнат како општествено-одговорни компании.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование