X
 17.06.2017 Култура

Македонска бајка: Девојчето што собираше коски од елен

Македонската книжевност може да се пофали со ризница народни приказни и бајки кои се пренесувале низ генерации. Според кажувањата на македонскиот автор Танас Вражиновски, македонските бајки првпат почнале да се собираат во 19 век. Секоја од нив е културно наследство, интересно за проучување и анализирање од книжевно-културолошки аспект.

Бајките ги сочинуваат различни карактери – реални и фантастични, градивото им е од магичен и/или фантастичен материјал, предмети и места. Бајките обработуваат социјални теми, особено поврзани со класните разлики и семејните односи. Многу често, овие приказни зборуваат за патријархалните односи во традиционалното македонско семејство и за позицијата на сиромашните во споредба со богатите. На ова се надоврзуваат темите за бракот помеѓу богатите и сиромашните, како и за забранетите или невозможни бракови.

Најприсутна емоција е стравот и феноменот на застрашувањето, одбивноста и ефектот на бизарните случки. Сево ова најилустративно го доловува следната народна бајка, запишана во 1967 година.

Девојчето што собираше коски од елен

Си биле маж и жена и имале две деца; син и ќерка. Мажот често одел на лов. Еден ден, тој се вратил дома со две уловени еребици. Жената се спремала да ги зготви, но кога мажот повторно излегол, мачките ги изеле, а таа не знаела што да му каже ко ќе се врати. Пред тој да си дојде дома, таа си ги пресекла градите и ги приготвила за ручек. Кога се вратил, седнале да јадат, а мажот го пофалил ручекот дека е многу вкусен, но дека не личи како месо од еребица. После долга расправа, жената му се исповедала.

Тој ѝ признал дека уживал во човечкото месо и ѝ предложил на жена си да си ги заколат и да си ги зготват децата. Жената толку се ужаснала и се загрижила што им кажала на децата да бегаат, а потем им дала еден чешел и еден сапун.

Мајката им рекла на децата да ги фрлат предметите зад себе, во истиот момент кога ќе западнат во голема невола. Чешелот ќе се стори во огромна планина и никој не ќе може да ги фати, а од сапунот ќе стане голема вода што ќе им помогне далеку да избегаат.

Кога се вратил татко им дома, прашал каде се децата и откако ја разбрал вистината, тргнал да ги бара. На крајот, успеал да ги најде, арно ама децата постапиле како што им кажала мајка им.

Откако момчето и девојчето избегале, момчето ожеднело и посакало да се напие вода што се собрала во една коњска стапалка, но сестра му му рекла дека ако се напие ќе се престори во коњ. Момчето не можело да се воздржи и се напило, а стапалката повторно се исполнила со вода. И се случило како што му рекла сестра му – момчето се претворило во елен. 

Братот и сестрата останале да живеат во шумата; сестрата по цели денови седела на дрво, а братот ѝ носел храна од шумата и ѝ ја оставал под дрвото.

Еден ден, кралот отишол на лов во шумата. Таму го видел девојчето што го маѓепсало со изгледот и тој се вљубил во неа. Кралот го убедувал девојчето да се симне од дрвото, но тоа одбивало.

Неговите слуги се обиделе да го сечат дрвото, но на секое замавнување со секирата, братот елен го лижел стеблото и тоа станувало поцврсто. Една вечер, слугите на кралот поставиле замка и го убиле еленот. 

Кралот го зел девојчето во дворецот и им наредил на слугите да го зготват месото од еленот. Сите уживале во вечерата, но девојчето ги собирало коските без да изусти збор. Кога кралот ја прашал зошто молчи, таа му ја раскажала целата приказна за брата си.

После тоа, таа ги задржала коските од својот брат и се омажила со кралот. Безусловната љубов и жртвата понекогаш имаат цена.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура