X
 16.02.2018 Култура

Тајната на успехот на најдобрата држава во светот

1

Британскиот весник „Гардијан“ почна да го објавува серијалот под наслов „Апсајд“, чии теми ќе бидат за сето она што е добро во светот, благородно и влева надеж за подобар свет.

Со тоа, сосема природно е меѓу првите да биде текст за Финска. Репортажата за една од најуредните и најуспешните земји во светот.

Текстот започнува со гладот што пред 150 години погодил голем дел од Европа. Меѓу државите е и еден заостанат дел од тогашна царска Русија, Финска, во која од глад починале повеќе од 10 отсто од населението - околу 250.000 луѓе.

Изминативе години, на 100-годишнината од својата државност, Финска била оценета како најстабилна, најсигурна и најдобро водена држава во светот според релевантните меѓународни тела и показатели. Освен тоа, таа беше и трета најбогата земја, со најмалку корупција, втора по ред кога станува збор за прогресивноста по општествените прашања и трета по ред кога станува збор за праведноста на социјалниот статус на граѓаните.

Финското правосудство се смета за најнезависно во светот, полицијата ужива најголема доверба од граѓаните, банките се најстабилни, финансиските компании втори по ниво на етничка припадност, изборите во државата се најслободни во светот, а граѓаните на Финска уживаат во највисоките нивоа на лични слободи, права на избор и општо добро.

Околу 5,5 милиони жители уживаат во третата најголема еднаквост меѓу половите и петтата најниска разлика во приходите меѓу граѓаните. Бебињата во Финска најмалку страдаат од ниска тежина, децата се најбезбедни, а тинејџерите се втори во светот во читање. Трети во природни науки.

Која е тајната на финскиот успех? Одговорот на прашањето е прилично интересен.

„Живееме во студено, остро и зафрлено подрачје. Секоја личност мора напорно да работи за себе. Но честопати тоа не е доволно, потребна ви е помош од соседите“, вели Тарја Халонен, која била претседателка на Финска помеѓу 2000 и 2012 година.

Дека географската положба и острата клима се меѓу клучните фактори што ги формирале Финска и нејзините жители, смета и поранешниот американски амбасадор во Хелсинки, Брус Орек (нему толку му се допаднала Финска што по неговиот мандат останал да живее во Хелсинки).

„Финците се луѓе што ја сакаат приватноста, но истовремено се зависни и од кооперативното општество во кое правилата значат многу. Тоа е културолошка работа, но стана дел и од националната хемија“, вели претседателката. Финците тоа би го опишале со зборот „сису“ - вид храбра, непоколеблива истрајност, без оглед на последиците. Тоа е и меѓу главните причини зошто во текот на 1939 година и 1940 година нивните 350.000 војници во два наврата ги одбиле нападите на тројно поголемите советски сили и притоа им задале петпати поголеми загуби отколку што самите претрпеле.

Но Финците имаат и друг збор - „талкоо“.

„Тоа значи да се работи заедно, колективно, за специфична цел. Да се подготви жетвата, да се подготват дрвата, да се соберат пари. Сето тоа е работа на соработка. Сите заедно и еднакво“, вели наградуваната писателка и авторка на историски романи Сирпа Кахконен.

Кооперацијата и релативната еднаквост се чест мотив. Откако 600 години поминала под шведска власт, па уште 100 под руска, Финска била демократски бедна.

„Немало кметови, ниту богати аристократи. Општеството не било хиерархиски подредено“, објаснува Кахконен.

„Разликите помеѓу општествените класи во Финска биле помали отколку што е вообичаено, и тоа одамна, пред да стекнеме независност. Дури и некои индустриски револуции тука биле скромни“, објаснува социологот Рита Јалиноја.

Тоа се гледа дури и во денешниот чист, функционален и навидум просперитетен Хелсинки.

„Би можеле да одите рамо до рамо со најбогатиот човек во градот, а да не го знаете тоа“, вели Орек. „Овде не ги гледате луѓето од високо, ниту ве гледаат од високо. Ги гледате луѓето како еднакви“, додава тој.

Во моментов најуспешната финска компанија е „Суперсел“, студио за производство на видеоигри. Само во текот на 2016 година „Суперсел“ платила повеќе од 800 милиони евра во данок, а притоа имала вработено седум од десет Финци со највисоки приходи во земјата. Тие седум, заедно со другите 10.000 граѓани со највисоки плати, секоја година излегуваат на листа што покажува колку данок платиле. Во Финска големо внимание се посветува на должностите на граѓаните, но и на транспарентноста.

И за успехот на бесплатниот образовен систем, чии темели биле поставени во 1866 година, долго пред стекнувањето на државната независност, корените треба да се бараат во егалитарно општество. „Образованието било клуч на нашиот напредок“, вели социологот Јалиноја.

„Целата наша држава е социјална конструкција што ја создале универзитетски професори“, вели филозофот и професор Илка Нинилуото.

„Академците што стоеле на чело на националното движење ја формирале Финска како нација, нејзиниот јазик, нејзината историја, литературата, музиката, симболите, фолклорот. Лидерот на нашето национално движење бил професор по филозофија“, вели Нинилуото, алудирајќи на „таткото на нацијата“, Адолф Ивар Арвидсон.

Од стекнувањето на независноста, речиси третина од финските државни лидери доаѓале од редовите на универзитетските професори. „Она што е клучно е дека тие создадоа доверба во социјалната мобилност и во образованието“, заклучува Нинилуото.

Една од клучните причини поради кои Финска отсекогаш е вклучена во највисоката стапка на писменост е и еден декрет од 19 век според кој не би било можно да се склопи брак во Лутеранската црква ако идниот маж и идната жена претходно не го поминале тестот за читање.

„Ова е прилично силен поттик да научат да читаат, нели“, вели поранешната претседателка Халонен.

Финска исто така беше една од земјите пионери за родова еднаквост. Жените во оваа земја во 1906 година се кандидирале за избори, а сочинувале речиси 10 отсто од првиот парламент. На универзитетите во 1930 години помеѓу запишаните 30 отсто биле жени.

„Жените во Финска своите права ги сфаќале сериозно, а мажите тоа го прифатиле“, вели Халонен.

Родовата еднаквост исто така е само дел од целокупната слика. Финска исто така имала среќа да има разумни воени и повоени лидери, вели Холмсторм.

„Тие размислувале за благосостојбата на државата и донесувале големи, значајни одлуки“.

Овие одлуки ги донесувале различни коалициски влади, главно кога станувало збор за големи индустриски и инфраструктурни проекти кои за неколку години се исплатиле многу повеќе отколку што било инвестирано.

2

Финска постојано имала стабилен раст - низ војната, низ колапсот на СССР и длабоката рецесија во 90-тите години - и во изминатиот век нејзината економија растела со стапка што можела да се мери само со растот на Јапонија. Ова ја зголемило довербата во државните институции.

„Луѓето овде постојано ја критикуваат владата, често поради добри причини. Но во основа ѝ веруваат“, смета Кахконен.

Важната компонента на финската формула за успех е меѓусебната доверба меѓу граѓаните, кои веруваат едни во други повеќе отколку што е случај во другите земји.

„Корупцијата и организираниот криминал речиси и да не постојат. Ова го зајакнува бизнис-опкружувањето и сè може да се направи побрзо и посигурно“, вели адвокатот и јавен говорник Андре Чакер.

Oваа доверба раѓа самодоверба и желба за иновации. Светскиот економски форум смета дека Финска е најиновативната држава во светот по глава на жител. Иако во оваа земја со години доминираат големите рударски и шумарски компании, а подоцна и некогаш моќната „Нокиа“, Финска денес се наоѓа на второто место според стартап-компании. Единствено Силиконската долина е пред неа.

Авторот на статијата заклучува дека магичната формула на успехот на Финска е збир од повеќе фактори: доверба, соработка, еднаквост, почит кон образованието и образованите луѓе. Всушност, сè се сведува на различниот квалитет на односот, еден вид нордиска теорија за љубов која во помала форма е присутна во Норвешка, Шведска и во Данска.

„На ниво на семејството тоа е свеста дека односите можат да се развиваат само помеѓу поединци - родителите, децата, брачните другари, кои се еднакви и независни. Во општеството тоа значи дека политичките извори се водени со тоа да обезбедат највисоко можно ниво на независност, слобода и можност за секого.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура