X
 19.02.2018 Технологија

Новиот кампус на „Епл“ има еден проблем...


Стаклените ѕидови во кампусот на „Епл“
(Фото: Youtube)


Минатата година компанијата „Епл“ со гордост го претстави зданието на новиот кампус што се протега на 175 хектари. Зградата ја дизајнира шефот за дизајн во „Епл“, Џони Ајв, заедно со британската дизајнерска фирма „Фостер и партнери“. Масивниот канцелариски простор, кој го нарекуваат „вселенски брод“ поради дизајнот кој потсетува на летачка чинија, претендира да го одрази афинитетот на компанијата вредна повеќе милијарди долари како неспоредлива иновативност.

„Иако е техничко чудо да се изгради ова од толку многу стакло, не го сметаме за постигнување. Вистинското постигнување е изградба на зграда во која ќе можат да работат толку многу луѓе, да се поврзуваат, соработуваат, да се движат и да разговараат“, изјави Ајв во јануари за Wired. „Како и за сите производи на ’Епл‘, Џобс не сакаше да види ниту еден шев, шуплина или трага од четка за боја, секој ѕид, подот, па дури и таванот требаше да се полираат до натприродно мазна површина.“

„Цело внатрешно дрво требаше да биде од одреден вид јавор и ќе се користи само квалитетната срцевина од стеблата“, истакна внатрешен извор за Bloomberg Businessweek во 2013 година. Но, и покрај сите совршени кривини и полирани површини во седиштето на „Епл“ во Купертино, кампусот не е без недостатоци, пишува Vanity Fair. Вработените што работат во канцелариите во облик на прстен имаат барем по една жалба.

„Како птици што се зашеметени со своите ајфони, ајпади и часовниците од ’Епл‘, вработените се залетуваат и се потчукнуваат во стаклените ѕидови од работните простории“, пишува Bloomberg. И што е пострашно, се чини дека компанијата воопшто нема намера да го реши овој проблем. Некои вработени почнале да лепат стикери на стаклените врати за да ги обележат. Но тие веднаш биле отстранети од компанијата затоа што го нарушувале дизајнот на зградата, велат инсајдерите.

Во комплексот работат 13.000 вработени, но компанијата одби да даде коментар на прашањето на Bloomberg колку од нив доживеале несреќа на работните места. Приказната служи како болна метафора за тоа како технолошките компании преокупирани да импресионираат со крајниот производ забораваат на елементарните работи.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија