X
 18.10.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Кој ги создаде величествените резби во Бигорскиот манастир?

Бигорскиот манастир викендов одбележува еден милениум од своето постоење. Свеченоста почна вчера со вечерна литургија, а продолжува денеска на отворено, во предворјето на манастирот кој слави илјада лета

Не постои турист, верник, авантурист, атеист или агностик што влегол во црквата „Св. Јован Крстител“ - Бигорскиот манастир во реканскиот крај, а не излегол одушевен. Здивот го одзема велелепниот иконостас изработен во длабока резба некаде на почетокот на 19 век. Како во тантела се изработени сцените од Стариот и од Новиот завет, испреплетени со растителни и животински мотиви и човечки фигури меѓу кои автопортрети си направиле и самите мајстори-резбари.

Бигорскиот манастир викендов одбележува еден милениум од своето постоење.


Црквата подготвена за свеченоста

Но, што вели науката? Кои се мајсторите од дебарско-реканскиот крај кои со своите чекани и длета везеле во оревовото дрво и создавале уметност која ќе стане надалеку позната?

Проф. д-р академик Цветан Грозданов, еден од најпочитуваните византолози на Балканот, во својата книга „Уметноста и културата на 19 век во Западна Македонија“ вели дека во уметничкото создавање на 19 век неколку мајстори од Македонија стекнале висок углед во црковната уметност во средишните делови на Балканот.

- Меѓу градителите најголем е придонесот на Андреја Дамјанов, во резбата на Мијачката школа суверено владееше Петар Гарката, заедно со соработниците од родовите Фрчковски од Галичник и Станишеви - пишува Грозданов.

Тој посочува дека за дејноста на мијачките копаничари е многу пишувано, но најтемелно ги истражувал историчарот на уметност и публицист, проф. д-р Димитар Ќорнаков.

Во „Творештвото на мијачките резбари“, Ќорнаков вели дека полемиките за иконостасот и за другите резби во манастирот „Св. Јован Бигорски“ се водат од почетокот на 20 век и траат до денес. Едната верзија е дека иконостасот е создаден меѓу 1830 и 1835 година, а со тајфата раководел Макарие Фрчковски, а втората дека вредното уметничко дело е создавано од 1800 до 1807 година под раководство на Петар Филипович - Гарката. Според Ќорнаков, подетаљни описи и оцени прв дава Љубомир Милетич (1863-1937).


Велелепниот балдахин во црквата / Извор: bigorski.org.mk

- Тој смета дека главен претставник на резбарската школа е Макарие Фрчковски од Галичник. Меѓутоа, не дава објаснување зошто токму него го смета за главниот претставник. Во изработката на иконостасот на „Св. Јован Бигорски“, Милетич смета дека учествувал резбарот Симон од село Требиште со некојси Арсение од село Гари и уште со двајца калуѓери, но името на Петре Филипович никако не го споменува - пишува Ќорнаков.

Милетич со посебно внимание се задржал на балдахинот изработен во резба, го нарекува „воздух“ во олтарот и констатирал дека такво „резбарско дело нема второ во православната црква“. Зборувајќи за историјатот на манастирот, Милетич главно се потпирал на „Великиј поменик“ (ракопис во фолио-формат), каде што ја барал годината на завршување на иконостасот. Поменикот гласи:



- Забележливо е дека во „Великиот поменик“ ништо не се споменува за најважните работи по изградбата на црквата, а во прв ред изработката на иконостасот, владичкиот трон, игуменскиот стол и другите резбарски дела. Веројатно имало посериозни причини за таквата празнина во поимникот. Пишува само: „..грамадниот иконостас е уметничка резба во растителен и животински свет, каде што мајсторите се претставиле и себеси. Тие се истите оние деберчани што работеле во 1824 година на иконостасот на црквата ,Св. Спас’ во Скопје“ - вели Ќорнаков.


Фото: Радован Вујовиќ

Историчарите на уметност што ги проучувале резбите на Балканот се согласни дека поради немање писмени документи, не е познато како е создадена и како се развивала „уметничката школа“ во дебарско-реканскиот крај. По предание се знае дека во селата Галичник, Тресонче, Лазарополе, Гари, Осој и други, сите во галичко-реканската област, имало цели фамилии кои како професии работеле резбарство, иконопис и камено резбарство. Но, писмено датирање има едвај на почетокот на 19 век и тоа според црквата „Св. Спас“ во Скопје и сознанието за мајсторите Филип (наместо Петре) од с. Гари и Макарие Фрчковски од с. Галичник.

И историчарот Радослав Груиќ (1878-1955) го отворил прашањето за иконостасот во Бигорскиот манастир.
- Тој со право констатира дека иако нема директни писмени податоци, освен традицијата, и самиот стил и техника на работа над резбите сведочат дека Петре Филипович учествувал во изработката на иконостасот во Бигорски. Немајќи точни податоци за датирањето на иконостасот, Ѓуриќ заклучува дека иконостасот во Бигорски било „првото уметничко монументално дело на нашите Мијаци-резбари и дека е изработен уште во првите години на 19 век - меѓу 1800 и 1807 година - вели Ќорнаков.

Владичкиот и игуменскиот стол / Извор: bigorski.org.mk

Во тој случај Макарие Фрчковски би отпаднал како водач на тајфата зашто во овој период или едвај бил роден или бил многу мал. И Димитар Друмев смета дека иконостасот е изработен на почетокот на 19 век, а со тајфата раководел Петре Филипович - Гарката. Друмев напишал:

- Еден од најубавите иконостаси на мијачките резбари е иконостасот на манастирот Бигорски, правен под раководство на истакнатиот мајстор-резбар Петар Филипович од с. Гари. Нему му помагале најдобрите мајстори на школата. На тој иконостас виртуозно и со вдахновение е одразено уметничкото сфаќање на школата, а во мајсторски компонираните растителни мотиви се вклучени релјефни евангелистички сцени и одделни човечки и животински фигури - пишува Друмев.


Детаљ од иконостасот / Извор: bigorski.org.mk

Бигорскиот манастир е основан во 1020 година од монахот Јован од Дебар, кој тогаш бил хиротонисан за охридски архиепископ. Преданијата велат дека на местото на сегашниот манастир е пронајдена иконата на св. Јован Крстител како лебди над изворите. Иконата се покажала чудотворна и до денес е едно од најголемите богатства на манастирот. Поголемиот дел од живописот во црквата е дело на познатиот Дичо Зограф (1810-1872).
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема