X
 19.01.2022 Наша тема

Народните верувања за Водици – зошто кумот е главен?

Според етнологот Јакимовска, во сите овие народни обичаи има прецизно дефинирани улоги, на пример, главниот кум го чува крстот една година, од едни до други Водици, а менувањето на кумството се врши според строго установен ред, најчесто по старост


Втора година по ред Богојавление или Водици ќе се слави во услови на пандемија, но за разлика од минатата година, се враќа традицијата на скокање по крстот во реките и езерата низ земјава.
Црковното чествување на овој празник е врзано со крштението на Исус Христос од свети Јован Крстител во водите на Јордан.
Но, овој празник има и народно верување, или етнолошки толкувања кои се присутни со векови меѓу луѓето.
Кои се најважните елементи од тие традиционални верувања, како настанале и какво е толкувањето на водата низ овие народни обичаи?

Етнолозите објаснуваат дека дванаесетте дена од Божиќ до Водици се наречени „некрстени“ или „погани“, кога на земјата шетаат разни демони, вампири и караконџоли и дека не е случајно што овој период, како и целиот циклус на зимски празнувања, завршува со празник чиј главен симбол е водата и нејзината прочистувачка моќ.

Професор Илина Јакимовска, раководител на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ги објаснува народните обичаи на овој ден.

- Токму тоа, како и самото име на празникот, нè наведува да помислиме дека под слоевите на христијанството се крие подревно славење на природата - луѓето од минатото можеби не знаеле доволно да ја „експлоатираат“ во сопствена полза, не знаеле за хидроцентрали и хидраулика, но за разлика од нас, повеќе ја почитувале водата, однесувајќи се кон неа со мешавина на благодарност и страв. Ритуалното потопување на телото во вода има исцелителна и иницијациска улога и симболизира повторно раѓање. Во христијански контекст, токму тоа е и симболиката на крштевањето, кое претставува духовно раѓање на покрстениот и негово вклучување во христијанската заедница (и тоа не само во православното христијанство) - објаснува таа.



Професор Илина Јакимовска
Мажите од „кумпании“ биле чувари на семејствата

Според неа, оттаму и празникот Водици е наречен Богојавление, бидејќи се однесува на Христовото крштевање во реката Јордан од страна на свети Јован Крстител.
Но, она што е интересно, вели таа, е улогата и разбирањето меѓу народот за кумството. Каква улога има кумот, како настанале народните преданија, зошто кумот ја има главната улога во едни семејни односи?

- Со оглед на тоа што крштевајќи го, Јован му станал „кум“ на Исус, според народното сфаќање, тој е заштитник на кумството, онака како што свети Илија е громовник или свети Петар - чувар на портите на рајот. Најважни обреди од аспект на фолклорот се формирањето „кумпании“ - мажи кои се групираат по маала или по семејства. Сите членови се сметаат за роднини, а ваквото „кумство“ се нарекува светијованово. Тоа не е само симболично, туку има и практична улога, да го одржува принципот на егзогамија - забрана за склучување брак меѓу членови на иста заедница, во случајов на припадници на семејствата кои учествуваат во иста „кумпанија“ - објаснува професорката Јакимовска за народното верување врзано за овој празник.

Водата од Водици се чувала и се користела за лекување

Професорката посочува дека во сите овие народни обичаи има прецизно дефинирани улоги, на пример, главниот кум го чува крстот една година, од едни до други Водици, а менувањето на кумството се врши според строго установен ред, најчесто по старост.

- Во некои делови од Македонија кумството се откупувало со наддавање. Во поголемите села можело да има и повеќе куќи што го чувале крстот. Водата во која бил фрлан крстот се чувала преку целата година за лекување, а оној што ќе го фател се сметал за касметлија целата следна година. Иако поретко застапени, постојат и женски групи - водичарки, составени од непарен број девојчиња и девојки кои го обиколуваат селото и ги пеат водичарските песни. Во 2019 обредот „Водичарки“ од село Беранци, Општина Могила, беше прогласен за нематеријално културно наследство од особено значење - вели етнологот Јакимовска.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема