X
 08.10.2020 Образование

Колумна на Борјан Ефтимов: Дигитализација или деградација на УКИМ

Ова не треба да се сфати како невкусен напад на Универзитетот. Студентите секојдневно се соочуваат со безброј фрустрации, редици и дезорганизираност поради застарениот начин на функционирање на УКИМ. Фрустрирачки се глетките од редици пред студентски прашања, непотребните бирократски процедури за обично уверение или, пак, импровизираниот начин на далечинско учење

Автор: Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ

Во дигиталниот речник на македонски јазик ако го внесеме поимот „деградација“, ќе ја добиеме следнава дефиниција: Губење на веќе стекната позиција, паѓање на понизок ранг, снижување на понизок степен.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се наоѓа пред многу едноставен избор – крстопат меѓу дигитализација и деградација.

Изборот е многу јасен, а јасно е и што се случува на нашиот Универзитет изминатата деценија. Универзитетот сериозно заостанува зад Европа, регионот, па и локалните ривали во однос на осовременувањето и дигитализацијата. Овој процес на деградација во однос на конкуренцијата ќе продолжи и понатаму и побрзо доколку УКИМ не преземе одлучни и забрзани чекори кон дигитализација. Доколку беше 2002 година, тука ќе го додадев и епитетот храбри, меѓутоа, дигитализација одамна не е храбар чекор, туку разумен и неопходен потег во развојот на еден современ универзитет.

Горенаведената констатација не треба да се сфати како невкусен напад на Универзитетот на чие Студентско собрание сум претседател, туку како реален поглед на работите. Доколку сакаме напредок, мораме критички да погледнеме кон себеси и да ги увидиме нашите недостатоци. Ако еден фудбалски тим кој бил најдобар на светот почне да го губи чекорот со конкуренцијата, пофалбите и триумфалните флоскули нема да го сменат неизбежниот пад, токму напротив, реалниот поглед и анализа на слабостите ќе укажат каде треба да се засилиме и да тренираме понапорно. Така и со Универзитетот, ако постојано триумфално најавуваме дека сме најдобар универзитет во државата (што е точно, но не е вечно утврдено), тогаш нема да можеме да ги увидиме нашите слабости и да ги елиминираме. Дигитализацијата е наша слабост и мораме да ја посочиме без да се срамиме за тоа – тука сме слаби, ајде да го смениме тоа!

Студентите секојдневно се соочуваат со безброј фрустрации, редици и дезорганизираност поради застарениот начин на функционирање на УКИМ. Фрустрирачки се глетките од редици пред студентски прашања, непотребните бирократски процедури за обично уверение или, пак, импровизираниот начин на далечинско учење. Гледајќи ги овие проблеми, единствен логичен чекор кој Универзитетското студентско собрание веќе го презема е барањето брза дигитализација и осовременување на нашиот Универзитет. УСС-УКИМ бара дигитализација во административното работење на Универзитетот, како и во наставниот дел.

Дигитализација на административното работење на Универзитетот и факултетите подразбира единствени електронски индекси, онлајн-комуникација со студентските прашања, дигитални потврди, уверенија и други документи кои ги издава факултетот, онлајн-пријавување на испитите, како и онлајн-уписи и заверка на семестрите, електронско плаќање на давачките.


Борјан Ефтимов

Паралелно на дигитализацијата на администрацијата, неопходен е развој на унифицирана платформа за далечинско учење врз основа на платформите кои успешно се користат на ФЕИТ и ФИНКИ. Платформата за далечинско учење е есенцијална компонента на секој современ универзитет и таа опфаќа онлајн-простор за споделување на наставните материјали и организирање на наставата и вежбите, заштитено прикачување на видеоконференциските предавања, споделување прашалници, анкети, домашни задачи и вежби, како и простор за комуникација и соработка на целата академска заедница. Оваа платформа е многу потребна и во нормални околности, а сега, во време на пандемија, таа е неопходна.

Дигитализацијата на административното работење не само што ќе ја олесни комуникацијата на студентите со факултетот, туку и ќе го олесни товарот кој паѓа врз ограничените административни (ненаставни) кадри кои работат на нашите факултети. Дигитализацијата на администрацијата конечно ќе им стави крај на долгите редици и целодневните чекања на студентските прашања, кои веќе стануваат архаичен пример на функционирање. Студентите нема да мора да губат часови и часови за завршување на административните обврски и ќе заштедат многу, преку елиминирање на непотребните давачки за издавање документи и потврди од страна на факултетите.

Електронските индекси се стандард на секој модерен универзитет, а хартиените веќе стануваат раритет и музејски експонат од едно минато време. Дополнително, бенефитот од дигитализацијата нема да го почувствуваат само студентите. Преку дигитализација на администрацијата значително ќе се намали товарот на ненаставните кадри кои се соочуваат со сериозен недостиг на човечки капацитети, што неретко доведува до непотребен застој во работата на факултетите. Дигитализацијата на администрацијата има неоспорливи бенефити за сите засегнати страни.

Од друга страна, платформата за далечинско учење ќе претставува квантен скок во квалитетот на онлајн-наставата, но не само тоа, туку и ќе остане и по завршувањето на пандемијата. Секој модерен и квалитетен универзитет има своја платформа преку која студентите пристапуваат до материјалите, а професорите ги организираат наставата и вежбите. Позитивните искуства од ФИНКИ и ФЕИТ дефинитивно мора да се пренесат на целиот универзитет. Според анкетите на УСС-УКИМ, дури 98% од анкетираните студенти, на репрезентативен примерок од 1.466 студенти, сметаат дека Универзитетот треба да развие унифицирана платформа за далечинско учење. Од технички аспект, развојот на ваквата платформа не треба да претставува предизвик за еден реномиран универзитет. Финансиските трошоци за развој на ваква платформа треба да се гледаат како инвестиција во иднината на Универзитетот – инвестиција која десеткратно ќе врати.

Да се навратиме на почетокот, изборот е јасен: дигитализација или деградација. Немаме изговори зошто не би го избрале вистинскиот пат на осовременување на Универзитетот. Доколку Универзитетот го одбере погрешниот пат, или пак го одбере патот на дигитализација, меѓутоа, бавна и тромава дигитализација, тогаш самите ќе бидеме виновни за деградацијата што ќе биде неизбежна.

Време е УКИМ да влезе во 21 век.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование