X
 19.05.2025 Живот

Највозбудливите и најопасни моменти во историјата на вселенските прошетки на астронаутите

Да се биде астронаут е една од најфасцинантните и најопасни професии во светот. Токму овие храбри подвизи се движечка сила на истражувањето на вселената. Повеќе од 300 астронаути и вселенски туристи досега извршиле вселенски прошетки, но најголемиот дел од нив имале јаже за да не бидат вовлечени во празнината на вселената. Сепак, пред четири децении неколку астронаути тестираа неконтролирани прошетки без јажиња, подарувајќи ни ги највознемирувачките фотографии што некогаш сме ги виделе.

1984 година претставуваше важен момент во историјата на освојувањето на вселената: токму две децении по првата вселенска прошетка. Во февруари, за време на мисијата „СТС-41-Б“ на вселенското летало „Челинџер“, астронаутите Брус Мекендлес и Боб Стјуарт ја извеле првата неконтролирана вселенска прошетка. Тие се оддалечиле од леталото користејќи ја единицата за рачно маневрирање, млазен ранец што работи на азот, управуван со управувач. Благодарение на 24 азотни млазници, астронаутите можеле да се движат низ вселената.

1
Астронаутот Брус Мекендлес/Фото: NASA

Мекендлес се оддалечил цели 90 метри од „Челинџер“, додека го тестирал млазниот ранец. Неговите колеги  направиле видеа и фотографии што подоцна се најдоа на насловните страници низ светот. На сликата Мекендлес изгледа како мало човече наспроти бескрајната темнина на вселената.

- За Нил Армстронг тоа можеби беше мал чекор, но за мене е огромен скок - изјави тогаш Мекендлес.

Искуството стекнато од оваа прошетка се покажа како клучно неколку месеци подоцна. Во ноември 1984 година астронаутите Дејл Гарднер и Џозеф Ален ја применија технологијата при спасувањето два неисправни комуникациски сателити - „Палапа Б2“ и „Вестар 6“ кои не успеале да стигнат до своите орбити поради дефект при лансирањето. Во првата спасувачка мисија во вселената, Ален бил испратен по „Палапа Б2“, додека Гарднер, управувајќи со млазниот ранец, тргнал кон „Вестар 6“.

2
Астронаутот Дејл Гарднер/Фото: NASA

Една вознемирувачка фотографија (и видео) го прикажува Гарднер како маневрира со сателитот над закривената површина на Земјата. Откако двата сателити беа безбедно сместени во товарниот дел на леталото „Дискавери“, Гарднер позирал за да направи интересна фотографија држејќи знак „На распродажба“, алудирајќи на мисијата како на некоја скршена стока за продажба.

3
Астронаутот Дејл држи знак/Фото: NASA

Млазниот ранец подоцна бил повлечен од употреба поради безбедносни причини, а при денешните вселенски прошетки задолжително се користат јажиња. Ако денес е потребно спасување на сателит, најверојатно би била ангажирана роботска мисија. Затоа, овие снимки се единственото сведоштво за времето кога астронаутите слободно лебделе во вселената. Но, со оглед на забрзаниот развој на приватните вселенски мисии, можеби повторно ќе бидеме сведоци на вакви неверојатни моменти.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот