X
 22.04.2018 Живот

Десет бонтон-правила што не ги знаеме

Бонтонот, како збир на правила за фино и културно однесување, иако со различна форма и содржина, со векови е присутен во сите општества. Факт е дека овие правила се менувале со текот на времето и некои обичаи што станале незабележливи или смешни биле заменувани со модерни верзии за да се вклопат во современите времиња.

Некогаш било незамисливо жена да пуши и на кавалерите им било строго забрането да запалат цигара во друштво на дама, а задолжително, во знак на почитување, требало да ја заменат својата гардероба кога одат во друштво со понежниот пол за да не мирисаат на чад.

Ваквата општествена норма, која датира од 19 век, како и многу слични, кои поради напредокот и промената во општеството ја загубиле смислата, прекинале да се почитуваат, но голем број опстанале до ден-денес и се одлика на убавото воспитување. Она на што треба да се обрне внимание се големите разлики што постојат меѓу културите. Додека на Запад се смета дека е некултурно да не ја гледате в очи личноста со која се ракувате, во Јапонија контактот со очи за време на поклонувањето покажува дека сте некој на кој не може да му веруваат. Ова доаѓа од древните времиња кога поклонувањето било израз со кој се покажувала доверба така што вашиот врат бил оставен на милост и немилост на лицето наспроти вас.

Без оглед на сите разлики и многуте промени, постојат одредени манири што се безвремени и универзални. Секој гест што во својата срж има искажување почит, умереност, помош или љубезност, никогаш нема да излезе од мода. Иако во помала мера или можеби на различен начин, ние сè уште ги почитуваме правилата на бонтонот. Или барем се трудиме.

Сигурно на сите ни се провлекуваат грешки кога станува збор за одредени протоколи, а ова се можеби најчестите.

1. Влегување и излегување од ресторан


И покрај тоа што правилото е дека дамите имаат предност, има ситуации кога се прават исклучоци. Еден таков преседан е влегувањето во ресторан, кафе-бар или каков било угостителски објект. Во овој случај мажот е тој што влегува прв за жената да нема непријатности или за да не биде дочекана од непријатно изненадување. Кавалер е оној што го расчистува патот и ја штити дамата, како и лицето што ја избира масата.

При излегувањето од ресторанот, жената излегува прва.

2. Капи, шешири, ракавици

Без оглед на промените во облекувањето и модните трендови, она што останало како правило до ден-денес е дека мажите ги симнуваат шеширите, капите и слично, како и ракавиците при поздравување или влегување во просторија, додека дамите не го прават тоа.

3. Есцајг

Постојат многу теории и правила за тоа на кој начин и со каков прибор се јаде, особено ако станува збор за голем и свечен ручек или вечера која се состои од неколку оброци.

Она што бонтонот го налага во сите случаи, без оглед на отменоста, е дека есцајгот за време на јадењето никогаш не се остава на работ на чинијата, туку ножот и виљушката се оставаат благо вкрстени во самата чинија.

4. Одење по улица

Правилата на бонтонот велат дека ако има повеќе од три лица, тие никако не треба да одат во иста линија за да се блокира патот за други пешаци. Ако се само две лица, женското лице или постариот господин има почесно место од десната страна. Така, кавалерот секогаш ќе оди поблиску до патот за да има заштитничка улога, додека кога би биле три лица, дамата би имала почесно место во средината, односно џентлменот би одел меѓу две дами во спротивен случај.

Интересен е податокот дека последново правило има исклучок, а тој важи кога врне дожд. Тогаш мажот се поставува така што двете дами би биле заштитени од дожд, дури и по цена тој да биде наврнат.

5. Лифт

Бонтонот вели дека женското лице прво влегува и излегува од лифтот. Сепак, ако лифтот е празен, можат да се прочитаат и теории дека всушност мажот треба да биде тој што влегува прв за да ја провери безбедноста пред дамата да влезе. Исто така, со оглед на тоа дека е тесно, цигарите не се дозволени, а би требало да се трудиме да не бидеме бучни или да не им создаваме непријатности на другите лица со какви било постапки.

6. Скали

Кога станува збор за качување по скали, бонтонот вели дека доколку е доволно широко, мажот и жената одат напоредно, но доколку нема простор, дамата оди прва. При слегувањето редоследот е обратен и мажот оди прв. Ваквото правило е поддржано од фактот дека мажот на овој начин ќе биде во можност да го заштити женското лице во случај на паѓање или некоја незгода.

7. Придржување на капутот

Вистинскиот кавалер со добри манири секогаш ќе ѝ го придржи капутот и ќе ѝ го повлече столот на дамата што ја придружува. Многу е интересно што ова е должност само на придружникот, а никако на келнерот. Таквата понуда мажот треба да ја одбие и да го преземе овој дел на себе, покажувајќи дека тој се грижи за дамата со која дошол.

8. Поправање на шминката


Иако понекогаш е непрактично, правилото вели дека шминката никогаш не се поправа во самиот ресторан или кафе-бар, туку во тоалет. Така, вистинската дама ќе ги гледа огледалата во објектот само како украс, а за поправање на карминот или шминката ќе оди во просторијата што е наменета за тоа.

9. Порачување во ресторан

Ова правило речиси сосема е избледено со оглед на тоа дека светот се менува, но според бонтонот, мажот е тој што нарачува - прво за дамата, а потоа за себе. Таа својот избор му го кажува на мажот, кој потоа тоа му го пренесува на келнерот. Мажот секогаш го одбира виното, секако, во консултација со дамата.

10. Лични пораки

Со оглед на тоа дека живееме во време во кое владее технологијата, последното правило речиси и нема смисла, но содржи одредена нота на почитување и култура. Иако писмата одамна не се во мода, а комуникацијата се одвива само преку телефон или компјутер, немојте да заборавите дека личните пораки секогаш се пишуваат рачно. Така, ако следниот пат решите некому да му посветите неколку реда, немојте тоа да го куцате, туку рачно напишете го на хартија. Можеби е старомодно, но со тој гест ќе ѝ покажете на личноста дека ви е посебна.

Во 21 век, кога владеат интернетот, социјалните мрежи и родовата рамноправност, многу вакви норми ќе бидат карактеризирани како старомодни, ригорозни и нешто на што не треба да му се дава значење. Иако некои правила може да бидат изменети, убавите манири и културното однесување се прашање на стил и никогаш нема да излезат од мода.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот