X
 25.06.2020 Наука

Познат германски научник тврди: Човештвото не е подготвено за да ја заштити природата

Зошто ни е толку тешко да го промениме нашето однесување? Германскиот филозоф Питер Слотердајк објаснува како ова е поврзано со климатската криза.

- Промената е модерно име за нешто што во класичната филозофија се нарекува постоење, бидејќи сè што е, не е дадено во стабилна, вечна форма, туку мора да стане она што е - вели германскиот филозоф Питер Слотердајк.

- Природата е самоменувачки ентитет. Сè што можеме да направиме е да продолжиме да „јаваме“ на бранот на промени - вели Слотердајк во интервју за „Дојче веле“.

- Човечките суштества не се подготвени да ја заштитат природата во која било смисла бидејќи во целата историја како вид нашето длабоко убедување секогаш беше дека ние сме тие што треба да бидат заштитени од силите на природата. И не сме подготвени за оваа инверзија. Исто како што бебето не може да ја носи својата мајка, така човечките суштества не се подготвени или не можат да ја носат природата. Мора да научат да се справат со оваа неизмерност. Ова е огромен предизвик затоа што веќе не постои класичен изговор дека сме премногу мали или премалку за да се справиме со вакви работи - вели тој.

Според германскиот филозоф, луѓето се длабоко убедени дека за сето она што сме го направиле треба да ни се прости. Според него, од еколошка гледна точка, живееме во период на изгубена невиност.

- Ќе имаме многу гревови што ќе треба да се простат. Што поскоро го сфатиме тоа, подобри се шансите дека еден ден ќе развиеме шема на однесување што ќе ни помогне да се справиме со новата ситуација - вели филозофот.

клима
Фото: Pixabay

Сепак, баш како што вели дека модернизмот го спречи човекот во постоењето, Слотердајк верува дека тоа може да се промени. За да илустрира како тоа изгледа во општествена смисла, ситуацијата ја споредува со граматички промени во јазикот.

- Не можеме да ја промениме нашата ДНК така што ќе ги промениме мислите, но можеме да ја промениме граматиката на нашето однесување. Сè што правиме има структура, слично како јазикот. Мислам дека сè уште се чувствуваме непријатно на ниво на лексички промени, па така сега учиме нови термини, нов речник. Со текот на времето ќе научиме и нова граматика - објаснува тој.

Како пример за шеми на однесување или нови граматики тој ја наведува пандемијата во светот.

- Она што за мене беше особено импресивно во однесувањето на масите за време на оваа криза е неверојатната послушност на големи делови од населението на Западот, како и на Истокот - беа подготвени да ги почитуваат новите правила на претпазливост и дистанцирање. Ова се веќе нови елементи на различна социјална граматика - вели Слотердајк.

На прашањето дали пандемијата го промени неговиот поглед кон човештвото, Слотердајк вели и да и не.

- Изненаден сум како и многу современици. Но, истовремено, пандемијата потврди нешто што го развивам со децении на теоретско ниво. Човечката раса достигна ситуација на синхронизација врз основа на приливот на информации. Ние навистина сме глобално поврзани и живееме во иста временска димензија. Глобализацијата е вечно присутна и таа е важна карактеристика на оваа криза. 

Извор: Deutsche Welle
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука