X
 25.09.2025 Наша тема

90 години Хидробиолошки завод – Охрид: Ако сакаме по 100 години да се гордееме со природните езера, потребна е уште посилна соработка меѓу науката, државата и граѓаните“

Со свечена академија на почетокот од септември беше одбележана 90-годишнината од основањето на Хидробиолошкиот завод – Охрид, кој е најстара македонска научноистражувачка институција.

ЈНУ Хидробиолошки завод - Охрид своето основање во далечната 1935 година и понесување на епитетот прва научна институција на Балканот го должи на иницијативата и заложбите на академик Синиша Станковиќ, научник од светски глас, великан во лимнологијата и во научната мисла воопшто, вљубеник во Охридското Езеро, негов голем познавач и промотор.
И покрај тоа што првиот пишан податок за Охридското Езеро датира од средината на 19 век кога се поставени темелите на лимнологијата, основањето на оваа институција овозможува продолжување на систематското проучување на езерото и богатата флора и фауна со многу ендемични и реликтни видови. Тогашната Хидробиолошка станица ја премостува Втората светска војна, а президиумот на АСНОМ на 4.11.1944 година, со акт број 64, ја признава како драгоценост за Македонија и се залага за нејзино опстојување.
Подоцна станицата ги развива своите потенцијали и прераснува во Завод организиран по угледот на две многу познати лимнолошки станици во Европа (Биолошката станица на Лунцкото Езеро во Австрија и Макс-Планковиот завод за лимнологија во Плон, Германија).
Во 1961 година Заводот станува самостојна научна организација која во 1994 година е запишана во регистарот на организации за научноистражувачка дејност во Р. Македонија, а денес е институција од стратешко значење за државата. 

Директорката на ЈНУ Хидробиолошки завод - Охрид, Орхидеја Тасевска, во интервју за Факултети.мк зборува за значењето на Заводот, неговата мисија, за истражувањата и научната дејност, како и иницијативите со чија помош Охридското Езеро е спасено од загадување.



Која е мисијата на Хидробиолошкиот завод сите овие години?


- Од самиот почеток во 1935 година до денес, таа мисија ја исполнуваме преку истражувања, откритија, научни трудови и несебичната посветеност на генерации научници. Заводот не е само научноистражувачка институција, туку и институција која создава свест во општеството – дека чистото езеро не е само убавина, туку и услов за живот, здравје и развој. Нашата мисија е мост помеѓу науката и луѓето, помеѓу традицијата и иднината.

Има ли моменти вредни за споменување, кои се најголемите откритија и научни трудови поврзани со Охридското Езеро?


- Во текот на девет децении зад нас стојат многу важни моменти. Основањето на оваа институција претставува пресврт во истражувањата на уникатното Охридско Езеро, бидејќи се создадени предуслови за продолжување на систематското проучување на езерото и богатата флора и фауна со многу ендемични и реликтни видови. И не само на Охридското, туку и на другите две природни езера во Македонија: Преспанското и Дојранското, како и сите површински води: акумулации, реки и мочуришта.

Од историски важните научни резултати и достигнувања можат да се споменат:
- истражувањата на езерската термика,
- феноменот на мешање на езерските водени маси
- батиметриски мерења,
- обемни микробиолошки, флористичко-вегетациски истражувања и
- детално документирање на фауната на Охридското Езеро.

Тука се првите систематски студии за ендемичната ихтиофауна, работата на рибниот фонд и репродуктивните центри за охридската пастрмка, па сѐ до модерните генетски анализи и еколошки мониторинг. Еден од симболите на нашата работа е и посветеноста на зачувување на популациите на охридска пастрмка. Имено, Хидробиолошкиот завод уште од основањето во 1935 година до денес врши порибување на Охридското Езеро со вештачки оплоден и одгледан подмладок од охридска пастрмка (Salmo letnica Karaman), во различни развојни фази. Со текот на времето Заводот се вклучи во меѓународната научна сцена со многубројни публикации во реномирани домашни и меѓународни списанија. Истражувањата за геолошката старост на езерото, за ендемичната фауна и за климатските промени го вбројуваат Охридското Езеро во глобално значајни научни објекти. Многу од овие студии беа одлучувачки при впишувањето на Охридското Езеро во листата на УНЕСКО.



Како најстара научноистражувачка установа создававте мост помеѓу науката и општеството, колку е цврста таа врска, ја препознава ли нашето општество вашата научна мисла?

- Благодарение на долгогодишното следење на состојбата на езерото и квалитетот на водата, во 1971 година Хидробиолошкиот завод го поднесува предлогот за изградба на колектор, со кој езерото беше заштитено од загадување со отпадни води. Тоа е жив доказ дека науката има сила да ја менува реалноста и да го штити јавниот интерес.
Денес, свеста расте – граѓаните сѐ повеќе ја препознаваат улогата на науката во секојдневниот живот: од чиста вода за пиење, преку здравата животна средина, до одржливиот туризам. Но, мора да се каже дека оваа врска постојано се гради и се обновува. Науката е тука за да води, а општеството за да ја следи и поддржи.

Како функционира вашата институција, има ли доволно кадар и доволно ресурси, дали се потребни нови инвестиции во опрема?


- Функционираме со голема посветеност, но реалноста е дека се соочуваме со предизвици. Имаме тим од врвни научници и истражувачи, но секоја институција што работи во сферата на науката мора постојано да се обновува со нов кадар. За жал, веќе дванаесет години не сме добиле согласност за нови вработувања, што создава сериозен предизвик за одржување на континуитетот и преносот на знаењето кон идните генерации. Во однос на ресурсите, работиме со опрема која во поголем дел е странска донација, но имаме и апаратура купена со средства од Министерството за образование и наука.



Вашата институција ја красат врвни научници и истражувачи, имате повеќе од 1.000 објавени трудови... Каде се тука младите студенти и млади научници, имате ли можеби некаква програма за таленти?

- Хидробиолошкиот завод – Охрид не е само научноистражувачка институција, туку и значаен едукативен центар. Нашата мисија отсекогаш била да им го пренесуваме знаењето на помладите генерации, а токму затоа сме активен член на Мрежата за искуствено учење, иницијатива на Македонското еколошко друштво со поддршка од УНИЦЕФ и Шведска. Мрежата има цел да им овозможи на учениците и наставниците да ја доживеат науката преку практика – теренски истражувања, лабораториски демонстрации, експерименти и интерактивни работилници. Заводот активно придонесува во оваа мрежа со своите ресурси, експертиза и долгогодишно искуство и редовно вклучува ученици и студенти во процесот на анализа на примероци од вода, истражувања на планктон, мерења на физичко-хемиски параметри и запознавање со богатата ендемична флора и фауна на езерата. Исто така, Заводот соработува со сите универзитети во земјава, но и со повеќе странски факултети. Многу студенти доаѓаат на пракса и теренски истражувања кај нас, а некои од нив продолжуваат со магистерски и докторски студии врз база на нашите проекти.



Колку неконтролираниот урбанизам, загадувањето, отпадните води, сечењето на трската влијаеја врз езерото, во однос на богатата флора и фауна, врз ендемичните видови кои ги проучувате?

- За жал, брзиот технолошки развој, современиот начин на живот и краткорочниот економски бенефит оставаат далекосежни последици и врз овој слатководен ресурс. Сите антропогени влијанија, како што се: забрзаната еутрофикација поради интензивното земјоделство особено во Преспанскиот Регион, отпадните води, несоодветните и диви депонии; засилената урбанизација и уништувањето на хабитатите (живеалишта); варирањата во нивото на водата; масовниот и неконтролиран развој на туризмот, зголемената фреквенција на пловни објекти; прекумерниот риболов; внесувањето алохтони видови и слично, во комбинација со сѐ поизразениот ефект на климатските промени, ги забрзуваат процесите на деградација на езерото. Последиците се видливи: промени во квалитетот на водата, исчезнување на одредени видови, а кај ендемичните видови – кои се еколошки „сензитивни“, ризикот е најголем. Нашата улога е двојна: прво, преку научни податоци да алармираме за последиците, а потоа и да понудиме конкретни решенија. Но без заедничко дејствување со институциите и локалното население, науката сама по себе не е доволна.



Ги сочувавме ли нашите природни езера, ги заштитивме ли нашите бисери сите овие години?


- Заштитата на природното богатство е постојан процес. Прашањето дали ги сочувавме и заштитивме природните езера како Охридското, Преспанското и Дојранското е комплексно и бара реална процена од повеќе аспекти. Од една страна, Хидробиолошкиот завод и други релевантни институции имаат направено значајни напори во проучувањето и мониторингот на овие езера, како и во афирмацијата на нивната важност како природни бисери. Преку научни истражувања, препораки за политики и јавни кампањи, донекаде се постигна зголемување на свеста за нивната заштита. Сепак, од друга страна, предизвиците што ги носи неконтролираниот урбанизам, загадувањето од индустриски и домаќински отпадни води, како и влијанието на земјоделството и климатските промени, сè уште се присутни и негативно влијаат врз екосистемите на овие езера. Овие проблеми честопати го надминуваат капацитетот на постојните мерки за заштита и бараат поцврста соработка помеѓу институциите, инвестирање во инфраструктура и имплементација на ефикасни еколошки стратегии.

Значи, иако се направени важни чекори и постои силна научна основа за заштита, реалноста е дека природните езера се соочуваат со сериозни закани кои бараат постојано внимание, подобрување на управувањето и поголема мобилизација на сите чинители во општеството за да ги зачуваме овие драгоцени екосистеми за идните генерации. Ако сакаме по 100 години да се гордееме со истите овие езера, потребна е уште посилна соработка меѓу науката, државата и граѓаните. Заводот ќе продолжи да биде водич, но иднината зависи од сите нас.




Фото: Хидробиолошки завод - Охрид
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Наша тема