X
 26.07.2017 Култура

Мотивот на трагичната убавина во романите на Достоевски

Во своите дела Достоевски мајсторски ги портретира психолошките профили на своите ликови. Низ многу негови романи се провлекува мотивот на трагичната убавина. Преовладуваат мислењата дека инспирација за овој мотив била Аполинарија Суслова, љубовницата на писателот, која ја запознал во 42. година од животот.

Полина, Лиза и Настасија

Сложениот карактер на Аполинарија може да се препознае во Полина („Коцкар“), Лиза („Бесови“) и Настасија Филиповна („Идиот“). Сиве овие женски ликови ги краси исклучителна убавина, оригиналност, силен дух, но и неурамнотежена природа.

На Полина, Лиза и на Настасија им се нудат различни избори во машки ликови. Тие се измачуваат со одлуките, и ниту една не прави рационален избор, напротив, како да бега од изборот со најголема веројатност за среќен исход. Кај сите три може да се уочи симптомот на себесаботирање.

Секоја од нив има најмалку еден маж со завет за верност, чија љубов ја искористува за сопствените каприци. Па така, Полина го има Алексеј, кој беспоговорно ги извршува сите нејзини наредби. Лиза го има Маврикиј, кој верно ја следи, ја поддржува и за сè ја слуша. Настасија командува со растроениот Рогожин.

Овој мотив можеме да го гледаме како автобиографски, бидејќи Аполинарија слично го третирала Достоевски.

Полина – способна на сите стравотии и дивости на животот и смртта

Полина е можеби најверниот приказ на самата Аполинарија. Нејзината интригантност и широка природа, Достоевски ја опишува со реченицата: „Само погледнете ја! Особено кога е сама. Таа е способна на сите стравотии и дивости на животот и смртта“.

Иако не умира со трагична смрт, Полина постојано ја измачува нејзината контрадикторна личност, што само по себе е трагичен начин на постоење.

Лиза – болна, нервозна, непрекината вознемиреност


Трагичната убавица од романот „Бесови“ е Лизавета Николаевна Тушина.

Лиза е вљубена во Ставрогин, кој е главен лик во романот. Ја привлекува силата со која зрачи Ставрогин. Но, таа не е свесна во колкава мера тој застранил во својот нихилизам. Него го привлекуваат неконвенционалното и бизарното; тој се насладува со чувството за морална настраност. Лиза го сака, но поради тоа што тој не ѝ обрнува внимание и е обземен од своите идеи, истовремено и го мрази. Во негово присуство ја губи својата присебност и оддава знаци на хистерија.

Лиза оди кај Ставрогин по цена на својата чест. По заеднички помината ноќ, кај нив за момент се појавува надеж дека нивната љубов може да успее и да им донесе спас, но брзо исчезнува пред предизвиците на реалноста. Токму тогаш Лиза зборува за својата смрт и набрзо по заминувањето на Ставрогин, таа вистински умира. Околностите во кои е убиена, Достоевски ги прави нејасни. Таа ја посакувала смртта и смртта дошла по неа.

Настасија – жена чија убавина може да го промени светот


Настасија Филиповна Барашкова е жена чија убавина може да го промени светот. Останувајќи сираче, за неа се грижи грофот Троцки, кој го проценува нејзиниот голем потенцијал, за што имал непогрешливо око.

На 16 години ја прави своја конкубина. На тој начин, нејзината судбина е запечатена. Благодарение на тогашните изопачени, патријархални општествени норми, наместо да се реинтегрира во општеството како жртва на искористување малолетник, таа се соочува со општествена дискредитација.

Виновна без вина. Нејзината убавина бидува распната. Нејзиното страдање произлегува од внатрешен раскол – од една страна свеста за сопствената недолжност и неправда што ѝ се нанесува, а од друга страна, себеомразата од прифаќањето на вината што ѝ ја наметна општеството.

На крај, никој лик не се спасува, бидејќи токму таа гордост е генераторот на себеомразата и деструктивното однесување. Распната помеѓу својата невиност и вина, Настасија истовремено верува во двете, полека полудува и се доведува себеси и сите вмешани во замрсеното дејство до неминовна пропаст.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура