X
 26.09.2017 Живот

Карл Јунг: „Човекот се чувствува осамен во космосот бидејќи веќе не е поврзан со природата“

„Кога психологот се занимава со симболите, тој пред сè се занимава со природните, за разлика од културните симболи. Првите потекнуваат од несвесните содржини на психата и претставуваат голем број варијации на основните архетипски слики. Во многу случаи нивната трага може да се бара во древните корени, односно до идеите и сликите што ги среќаваме во најстарите записи и примитивни друштва. 

Од друга страна, културните симболи се оние што се користат за изразување на „вечните вистини“ и кои уште се користат во многу религии. Поминале низ многу трансформации, па дури и долгиот процес на повеќе или помалку свесниот развој, и на тој начин станале колективни слики кои се прифатени од цивилизираните општества. И покрај тоа, културните симболи задржуваат многу од својата првобитна магија. Свесни сме дека можат да предизвикаат длабоко и емотивно ехо кај некој поединец, а покрај тој психички притисок изгледаат речиси како предрасуди. Тоа се фактори кои психологот мора да ги земе предвид. Тие се важни состојки на нашето ментално обликување и сили во градењето на човечкото општество, не можат да се искоренат без сериозни губитоци. Таму каде што се потиснати и занемарени, нивната специфична енергија се претвора во несвесно со несогледливи последици. Психичката енергија која изгледа како на тој начин да е изгубена, всушност служи за оживување и зајакнување на она што преовладува во несвесното – можеби оние склоности што дотогаш немале шанса да се изразат или барем не им било дозволено да постојат во нашата свест.

Нашето време покажало што значи кога ќе се отворат капиите од подземјето. Се случија настани кои го превртеа светот. Оттогаш светот се наоѓа во состојба на шизофренија. Не само што цивилизираната Германија покажала примитивизам, туку тој е присутен и во Русија, а огнот е запален и во Африка. Не е ни чудо што светот на Запад се чувствува непријатно.

Современиот човек не сфаќа до која мера неговиот рационализам се препуштил на милоста на психичкото подземје. Се ослободил од предрасуди, или така мисли, но во тој процес ги изгубил своите духовни вредности во опасна мера. Се распаднала неговата морална и духовна традиција и поради тоа раскинување, запаѓа во збунетост и расцепканост која е распространета низ целиот свет.

Антрополозите често опишувале што се случува со примитивното општество кога неговите вредности ќе се изложат на дејствувањето на современата цивилизација. Тие луѓе ја губат смислата на својот живот, нивната општествена организација се распаѓа, а и тие сами морално пропаѓаат. Ние денеска сме во истата положба. Но, никогаш не сфативме што изгубивме, бидејќи нашите духовни лидери, за несреќа, повеќе ги интересираше како да ги заштитат своите институции отколку да ја решат мистеријата која ја претставуваат симболите.

Денес, на пример, зборуваме за „материја“. Ги објаснуваме нејзините физички својства, вршиме експерименти. Но, поимот останува сувопарен, бесчувствителен и чисто интелектуален поим, кој за нас нема никакво психичко значење.

Некогаш духот и материјата биле принципи кои биле обожавани во различни обреди, што барем говори за психичкото значење кое го имале за човекот. Сега, станале само апстрактни поими.

Како што научното размислување растело, така нашиот свет станал дехуманизиран. Човекот се чувствува осамен во космосот затоа што веќе не е поврзан со природата и го изгубил своето емотивно, несвесно поистоветување со природните појави. Тие полека ги изгубиле своите симболички значења. Исчезнал допирот на човекот со природата, а со тоа и длабоката емотивна енергија која ја создавала таа симболичка поврзаност“.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот