X
 26.09.2018 Култура

Ова се Хром и Трендо, момците кои го разубавија просторот во новата зграда на „Вип“

Графитите како уметничка форма датираат уште од времето на античка Грција и Римската Империја. Иако во денешно време во Македонија графитите сè уште се еден вид вандализам, во некои држави или градови тие се дозволени и претставуваат вистинска уметност дури и кога се нацртани на јавни површини. Ако навлеземе повеќе во зборот графит, ќе дознаеме дека тоа е име за слики или букви, изгребани, исчкртани, насликани или означени на кој било начин, меѓутоа, како уметничка форма тие еволуираат и се трансформираат во вистинска уметност.



За жал, во Македонија графитите сè уште се во категоријата „загрозени“ и графитчиите се тајни уметници, но за среќа постојат луѓе, компании и институции што ја препознаваат оваа уметност и сакаат нивните ѕидови да бидат украсени со неа.


Во разговор со двајца графити-артисти, еден скопјанец и еден кумановец, дознаваме како успеваат да ја изразат својата креативност и дали работите се сменети на подобро од времето кога почнале да цртаат досега.

Верувам дека од мали сте имале желба да се изразите креативно, но кога се роди вашата љубов токму кон графитите и желбата да цртате на јавни места?

Хром: Мојата љубов кон графитите се роди пред околу 22 години и еве, сè уште трае. Уште од мал ја имав таа дарба да се изразам преку слики, а во 1996 сосема случајно еден мој пријател ме вовлече во графити-уметноста. Иако првиот графит не беше целосно мој, туку на него работев како поддршка на еден мој другар, тоа дефинитивно беше моментот кога знаев дека тоа е мојата голема љубов.



Трендо: Кога бев петто одделение, почнаа да ме привлекуваат графитите што беа исцртани по ѕидовите на моето училиште, беа толку примамливи што секогаш кога поминував покрај нив застанував и ги анализирав боите, стилот и начинот на кој се нацртани. На истите ѕидови за краток период се изредија многу нови и интересни графити, па кругот околу училиштето секогаш ми беше интересен.

Колку години имавте кога го создадовте вашиот прв графит?

Хром: Мислам дека имав 13 или 14 години, не се сеќавам точно, но знам дека приказната започна кога еден мој другар ме замоли да му помогнам со боење на графитот. Сепак, тоа не беше целосно мој графит затоа што тој веќе ја имаше целосната идеја - од тоа што ќе биде темата, до боите што подоцна ги користевме. Подоцна и сам почнав да создавам и еве, сè уште го правам тоа.



Трендо: Дарбата за цртање и креативно изразување ја имав уште од мал. Се сеќавам дека скици од графити имав исцртано насекаде, но создавање голем графит е нешто сосема различно, потребни се добра ориентација и планирање на површината. Мојот прв успешен графит го нацртав во 2008 година, се сеќавам дека беше нацртан со три боци спреј и дека надвор беше многу ладно.

Од каде ги црпите инспирацијата и тематиката за вашите графити?

Хром: Да бидам искрен, за разлика од порано, во денешно време е многу потешко да измислиш нешто свое. Затрупани сме со многу информации и слики, интернетот си го направи своето дури и во графити-културата. Генерално секогаш се трудам да бидам интересен и оригинален како графити-цртач. Најчесто црпам идеи од филмови, видеоигри, цртани филмови, стрипови и работи со кои растев и кои ме правеа среќен.



Трендо: Се согласувам дека интернетот можеби ѝ штети на уметничката слобода, меѓутоа, отвора и нови погледи и е добар канал за инспирација. Ако ги земеме како целина моите графити, тие немаат една иста или конкретна тематика што им е заедничка. Идеите некако ми доаѓаат спонтано, можеби поради секојдневната посветеност кон графитите, но дефинитивно стилот е ист, секој мој графит може да се препознае по формите и прецизните линии што ги користам.

„Вип“ е една од ретките компании во Македонија што во својата нова зграда ги отвори вратите за вас и својата внатрешност ја разубави со графити. Кој беше предизвикот за вас?

Хром: Со оглед на тоа дека цртањето графити во Македонија сè уште не е легално, а и постои одредена категорија на луѓе што не ги смета за уметност, многу се израдував кога од „Вип“ ме повикаа на разговор. Навистина е убаво чувството кога знаеш дека некому му се допаѓа тоа што го правиш секојдневно, а уште поубаво е што некој ги следи градските графити. Уште од првиот состанок со претставниците на „Вип“ се почувствува таа добра енергија за соработка и креативност, а самото тоа што „Вип“ ни ги отвори вратите и ни ги препушти своите осум ѕида беше предизвик.





Трендо: Цртањето графити е предизвик сам по себе, а, од друга страна, цртањето во внатрешна просторија, на внатрешен ѕид, е поразлично од цртање на ѕид кој е под отворено небо. Целиот проект, целата организација и идејата да се црта во „Вип“ беа предизвик и навистина се радувам што работите испаднаа како што беше замислено. Ретки се компаниите што своите работни простории ги украсуваат со графити, а јас искрено се надевам дека и другите компании во Македонија ќе го следат примерот на „Вип“ и ќе ја искористат креативноста на графити-цртачите.

Графитчиите кај нас се „загрозена“ категорија, какво е чувството кога некој ќе ти даде парче ѕид и ќе го препушти на твојата креативност?

Хром: И по повеќе од 20 години во Скопје сè уште нема легални ѕидови за цртање графити. Последниве неколку години започнаа некакви мали соработки со градските власти, што е за пофалба. Повеќето цртежи се во договор со приватни сопственици или се нелегални. За нас секогаш сликите зборуваат. Затоа соработката со „Вип“ многу ни се допадна. Од тимот на „Вип“ бевме ослободени од притисоци и бевме препуштени на целосна креативност. Графитите се во согласност со просторот, темата што ја зададовме беше телефонија, интернет, компанија, тим, достапност, односно зборови кое го опишуваат Вип-семејството. Исто така, и боите што преовладуваат се блиски до боите на логото на „Вип“, но се во согласност и со самите простории. Сакавме графитите да се блиски до секој што ќе ја посети зградата на „Вип“ на возраст од 7 до 77 години, а сепак секој цртач да го задржи и својот препознатлив стил.





Трендо: За жал, малку луѓе ја знаат вредноста на графитите. Цртањето графит бара многу работа и труд, целиот процес од идеја до реализација не е толку лесен како што изгледа. Секој уметник е среќен кога неговата работа ќе биде препознаена и вреднувана, особено кога работата се наоѓа во категорија на „загрозени дејности“. Чувството што некој во Македонија ги препознава графитите како уметност, а во исто време ти дава можност да ја изразиш својата креативност, е еднакво на радост. Секој ѕид е поубав со графити!

Како ја остварувате таа интеракција помеѓу формата и содржината? Дали вообичаено размислувате за пораката што сакате да ја пренесете, а потоа барате соодветна слика за тоа?

Хром: Сакам да си поиграм со перцепцијата на минувачите. Морам да признаам дека не секогаш моите дела кријат некоја голема порака. Последниве неколку години сум заинтересиран за форми и букви, постојаната игра помеѓу нив. Ги упростувам буквите до наједноставни, во необични форми и обратно.





Трендо: Пред да почнам со цртање прво размислувам за пораката што сакам да ја пренесам, а согласно тоа подоцна ги одбирам боите. Кога работам на проекти како во „Вип“, прво сликата ја поврзувам со компанијата и со пораката што сакам да ја пренесам и на крај ги вклопувам во еден креативен цртеж.

Како е да се биде графитчија во Македонија?

Хром: Да се биде графитчија во Македонија, односно во Скопје, секогаш имало две страни. Може да биде многу забавно зашто генерално нашата мала супкултура функционира добро. Се знаеме колку сме и кои сме активни. Сепак, не е Скопје некој град каде што е ептен опасно да се биде графити-цртач, градот си има многу поголеми проблеми за решавање. Поголемиот проблем за графити-цртачите е финансискиот. Треба повеќе да се поработи на мали пазари и продавнички за продажба на дела од графитчии и улични уметници за да можат цртачите да бидат помотивирани.





Трендо: Да се биде графити-уметник во Македонија не е многу поразлично отколку во другите држави каде што ваквата уметност не е дозволена. Не ни е отворен патот да можеме слободно да создаваме, попречени сме во средината во која живееме и твориме. Да бидам искрен, не дека градските власти се многу сконцентрирани на нас и на нашите графити, што ни остава простор за творење, но јас секако не се откажувам. Цртањето графити и изразувањето преку ваквата уметност за мене е задоволство, јас сакам да креирам бидејќи преку нив создавам своја димензија и линија на движење.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура