На интернет можеме да најдеме разни совети за заштеда на траењето на батеријата на паметните телефони, таблети и компјутери, продолжување на нејзиниот животен век и слично. Советите варираат - од исклучување на процесите во заднина, затемнување на екранот, исклучување на блутут кога телефоните не се поврзани со други уреди, до користење на темниот режим на веб-страниците и апликациите, што, според експертите, заштедува батерија.
Но, како што покажало неодамнешното истражување спроведено од одделот за истражување и развој на Би-би-си, во случајот со темниот режим, практиката се покажала како различна од теоријата, а понекогаш, наместо да штеди батерија, темниот режим може да има спротивен ефект и да доведе до зголемена потрошувачка на батеријата.
Тимот се обидел да открие како корисниците ги користат своите уреди во темни и светли режими во реални ситуации. Откако активирале одреден режим, тие ја приспособиле осветленоста на своите уреди и се покажало дека повеќето од нив (околу 80 проценти) ја зголемиле осветленоста на екранот во темниот режим за да ја подобрат видливоста. Наместо заштеда на енергија, зголемувањето на осветленоста предизвикала зголемување на потрошувачката на енергија во споредба со светлиот режим.
Оваа ситуација покажала колку често советите, вклучително и советите за одржливост и заштеда на енергија, ги поедноставуваат работите и гледаат на теоријата наместо на практиката, т.е. начинот на кој луѓето всушност ја користат технологијата во реалниот живот.
- Потребно е да разбереме што точно предизвикува нашите уреди да трошат енергија додека сме онлајн - објаснува Зак Датсон од одделот за истражување и развој на „Би-би-си“.
Тој нагласи дека токму на тоа работи нивниот тим, на реални ситуации и реална потрошувачка на енергија, со цел да ги искористи овие докази за да направи промени кои ќе помогнат да се намали потрошувачката на енергија на дигиталните медиуми.
Друг интересен заклучок од ова истражување е дека често некои енергетски совети наменети за програмерите немаат конкретни докази за да ги поддржат. Затоа, тие губат време на опции за кодирање и некои промени кои на крајот немаат конкретен ефект.
Наместо темниот режим, оваа студија споменува уште еден, многу поедноставен совет - намалување на осветленоста на екранот. Ако осветленоста е максимална, може дури и да ја удвои потрошувачката на енергија на уредот, па додека го користите, намалете ја осветленоста колку што можете.
Извор: zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik