X
 28.12.2024 Живот

Овие пет милијардери најмногу изгубија од богатството во 2024 година

Во годината во која американските корпоративни акции вртоглаво пораснаа, четири од петте најголеми губитници меѓу милијардерите се надвор од Соединетите Држави.

До средината на декември богатството на 20. најбогати луѓе во светот достигна неверојатни 3 трилиони долари. Сепак, не сите милијардери имаа одлична година. Забавениот раст во Кина и слабеењето на берзите во Европа одиграа улога во падот на богатството на стотици милијардери. Овие тешкотии надвор од САД се рефлектираат во фактот што четири од петте најголеми губитници меѓу милијардерите доаѓаат надвор од границите на САД.

Ова се петте најголеми губитници во 2024 година (податоци од 13 декември):

Бернард Арно

фотоизвор: Wikipedia

Бернард Арно, шеф на конгломератот ЛВМХ, е најголемиот губитник оваа година во апсолутна вредност. Францускиот магнат беше најбогатиот човек на светот од крајот на јануари до крајот на мај годинава. Сепак, акциите на ЛВМХ, кои достигнаа врв во март, почнаа постепено да опаѓаат од април наваму поради послабата побарувачка од Кина. Тој пад избриша речиси 25 милијарди долари од богатството на Арно, или 12,6 отсто. Така, Арно беше петти на листата на „Форбс“ со најбогати луѓе во светот во средината на декември.

Карлос Слим


Вториот најголем губитник беше Карлос Слим Хелу од Мексико. Неговото највредно богатство е уделот во мексиканскиот мобилен телеком „Америка мовил“, кој работи во 22 земји во Латинска Америка и Централна и Источна Европа. Речиси 20 отсто пад на вредноста на акциите на компанијата, заедно со слабеењето на мексиканскиот пезос во однос на американскиот долар, предизвика пад на богатството на Слим за 22,9 милијарди долари.

Франсоаз Бетенкур Мејерс


Послабата побарувачка во Кина значително го намали богатството на наследничката на империјата „Лореал“, Франсоаз Бетенкур Мејерс, чиј дедо ја основал компанијата. Продажбата во Северна Азија (која ја вклучува Кина) падна за 6,5 отсто во третиот квартал поради, како што рекоа од компанијата, „предизвикувачки“ околности во Кина. Акциите паднаа за речиси 24 отсто до 13 декември, со што беа збришани 22 милијарди долари од богатството на Бетенкур Мејерс. И покрај значителниот пад, таа сè уште е втора најбогата жена во светот, по наследничката на „Волмарт“, Алис Волтон.

Колин Хуанг

Основачот и поранешен претседател на матичната компанија на „Тему“, „ПДД холдингс“, ова лето стана најбогатиот човек во Кина. Потоа, остриот пад од 31 отсто на акциите на „ПДД холдингс“ ја одзеде таа титула. Хуанг е за 15,3 милијарди долари посиромашен на крајот на 2024 година отколку во јануари, а сега е четвртиот најбогат Кинез.

Бил Гејтс

фотоизвор: Facebook

Петтиот најголем губитник оваа година е Бил Гејтс. Сепак, падот на неговото богатство од 12 милијарди долари има повеќе врска со промената на средствата отколку со движењата на цените на акциите. Кога неговата поранешна сопруга Мелинда Френч Гејтс се повлече од функцијата копретседател на фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ овој јуни, таа најави дека ќе добие 12,5 милијарди долари за нејзината филантропска работа. Изворот на средствата не беше откриен, но „Форбс“ дозна дека парите дошле директно од Бил, а не од фондацијата. Земајќи го предвид трансферот на овие средства, како и дополнителните информации до кои „Форбс“ дошол за богатството на Гејтс, во октомври, процените за сумата што Мелинда ја добила при разводот се тројно зголемени, на 29 милијарди долари.

Извор: forbes.n1info.hr

Фото: Wikipedia

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот