X
 29.07.2021 Живот

Градежни и архитектонски трикови за живот без клима-уреди

Поради жештините што ја зафаќаат Земјата, зависноста од клима-уредите е во значителен пораст. Клима-уредите се лесна утеха која често ни е единствената опција при избегнувањето на надворешните услови. Колку потопло станува, толку повеќе луѓе ги пуштаат клима-уредите, но ако енергијата не доаѓа од обновливи извори, сета таа дополнителна потрошувачка генерира повеќе емисии на стакленички гасови, што придонесува за глобалното затоплување. Секако, ги забрзува и сè потоплите лета, а нам ни носи сè поголеми финансиски трошоци.

Постојат неколку архитектонски алтернативи кои во голема мера можат да го ублажат влијанието на климатските промени врз станбениот простор и притоа да го зголемат квалитетот на животот.

Бои и премачкувања

Има фасадни бои со пигменти кои се дизајнирани да го одржуваат сончевото зрачење во видлив дел од светлината и инфрацрвениот спектар. Со употреба на такви бои можеме да го намалиме влијанието на топлинската енергија за повеќе од 10 Целзиусови степени, во споредба со вообичаената боја. Фотохроматските прозорци, „паметни“ прозорци со премачкувања со нанофилтри кои се „спектрално селективни“, исто така, помагаат бидејќи инфрацрвеното зрачење го држат надвор, додека притоа пропуштаат видлива светлина. Во процес на развој се и темнохромни бои, кои ги впиваат светлината и топлината кога е студено, а ги одржуваат кога е топло. Во помала мера помага и стратешкото боење на фасадите, односно постапка при која делови од градбата се бојат во светли боли, а деловите што се помалку изложени на сонце се бојат со темни бои.

Дебели ѕидови и покриви

За намалувањето на влијанието на топлинската енергија од голема корист се дебелите ѕидови од камен, тули и блоковите од коноп и вар. Дебелите ѕидови претставуваат дополнителна бариера која топлинската енергија мора да ја помине за да дојде до внатрешниот простор. Во тоа помага градењето на дуплите ѕидови кои во меѓупросторот се полнат со мешавина од коноп и вар. За изградба на такви ѕидови, потребен е многу малку материјал, а конопот дејствува како исклучително добар изолатор. Дополнително, на тој начин им се овозможува на ѕидовите „да дишат“, задржувајќи ја влагата во шуплината. Таквите простори можат да одржат константна температура помеѓу 14 и 16 степени.

Покривните греди што висат од секоја страна на зградата нудат сенка и помагаат температурата во внатрешноста да се одржи пониска во текот на летото. Покривите и ѕидовите прекриени со билки, особено на северната страна, исто така, го намалуваат влијанието на топлотните бранови кога се користат во урбан контекст.

Тремови и вкрстена вентилација

Соодветното поставување на тремовите не само што лади налето, туку и резултира со ноќната мора за секој Балканец - провевот, односно предизвикува вкрстена вентилација низ домот. Вкрстената вентилација помага брзо да го истерате непосакуваниот топол воздух од внатрешноста на куќата со помош на постојан прилив на свеж студен воздух. Тоа може да се постигне и со помош на двоен фасаден систем кој користи меѓупростор за да поттикне циркулација на студен свеж воздух низ зградата.



Високи тавани и потпокрив

Логиката на градењето високи тавани и потпокрив е навистина едноставна. Топлиот воздух се крева затоа што со загревањето гасовите се шират, а густината се намалува. Внатрешниот простор на потпокривот служи како џеб за топол воздух кој поради влијанието на топлината од надворешната околина, го задржува воздухот во состојба на помала густина и го спречува преминувањето во пониските делови од станбениот простор.

Дрвја

Дрвјата што го опколуваат просторот помагаат во заштита од сонцето така што налето создаваат ладовина. За заштита од временските услови, најдобро е да се користат листопадни дрвја бидејќи тие со крошната налето овозможуваат ладовина, а наесен ги губат лисјата и ги пропуштаат сончевите зраци, допуштајќи греење на фасадата.

Испарување на водата

Дали некогаш сте се запрашале зошто има големи температурни разлики во пустините во текот на денот и ноќта? Одговорот е прилично едноставен. Досега сите научивме дека причина за загревање на Земјината површина се стакленичките гасови, а токму водената пареа е главен стакленички гас кој ефикасно ја апсорбира топлинската енергија. Со оглед на тоа дека пустините имаат значително помалку водена пареа од другите подрачја, сразмерно голем дел од енергијата која се апсорбира преку ден, површината на земјата може во текот на ноќта да ја ослободи во атмосферата.

Вооружени со тоа знаење, можеме да заклучиме дека влагата во воздухот има голема улога во задржувањето на топлината во просторот. Сега знаеме дека водата ја впива топлината и испарува, а како што се крева, студениот воздух го потиснува надолу. Тоа сознание довело до развој на разладни системи кои користат вода и природна вентилација за да ја намалат температурата во затворен простор.

Сепак, пред да се воодушевиме од новите технологии, треба да сме свесни дека тие чинат многу и бараат простор. Имајќи на ум дека од градбите очекуваме долг животен век и дека сносиме големи трошоци за одржување, мораме да планираме и да создаваме заедници кои се способни да се приспособат на климатските промени. Новиот развој мора да биде смислен така што ќе биде способен да се справува со иднината.

Извор: Baustela
Фотографии: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот