Европската Унија има цел да ги направи сите нови згради со нулта-енергија до 2020 година, но во Норвешка неутралноста на јаглеродот не е доволна.
Конзорциумот во Осло составен од архитекти, инженери, еколози и дизајнери создава енергетски позитивни згради во земја со најстудените и најтемни зими на Земјата.
- Ако успеете во Норвешка, ќе успеете секаде - вели Питер Бернхард, консултант од „Асплан Виак“, еден од членовите на „Пауерхаус“.
Тој вели дека „Пауерхаус“ почнала во 2010 година со прашањето: Дали е возможно не само да се елиминира јаглеродниот отпечаток на зградите, туку и да се искористи како решение за климатската криза? Прилично голема цел.
Според Европската комисија, зградите сочинуваат 40 отсто од употребата на енергија и 36 отсто од емисиите на јаглероден диоксид во ЕУ. Но, откако стана задолжена за неколку енергетски позитивни проекти - изградба на ново училиште Монтесори, реконструкција на четири мали деловни згради, изградба на неколку домови, „Пауерхаус“ го најде одговорот на прашањето од 2010 година: - Да!
Фото: Snøhetta
Во 2019 година најголемиот досегашен проект на компанијата ќе биде отворен за јавноста: „Пауерхаус Браторкаиа“, во централниот норвешки град Трондхејм.
„Браторкаиа“ е зграда со осум ката што ќе произведува 485.000 киловат-часа на годишно ниво. За потсетување, просечниот норвешки дом користи 20.000 киловат-часа годишно. „Браторкаиа“ всушност ќе биде мини-електрана што може да пренесува електрична енергија до јавната мрежа на Норвешка.
Нејзиниот вишок енергија исто така ќе компензира за моќта што се користи за производство на градежни материјали. Архитектот Снохета Џет Хоп вели дека тоа е уникатно.
Таа вели дека рециклираните материјали се фаворизираат пред сѐ друго. Новите материјали внимателно се проследени. Процесот на дизајнирање е создаден со инженерска експертиза. Членовите на алијансата работат заедно за да се осигурат дека секој избор на дизајн има двојна намена.
- Ништо не е случајно. Се обидуваме на работите да им дадеме повеќе функции, а тоа директно води кон помалку отелотворена енергија бидејќи не мораме да ги удвојуваме или тројно да ги зголемуваме системите. Токму тоа е паметно размислување - но мора да го имате знаењето за сите различни слоеви на инфраструктурни дела - вели таа.
Оваа прецизност е очигледна во „Пауерхаус“. Проектот за реновирање, составен од четири ниски згради во бизнис-парк надвор од Осло, е првиот што ќе биде завршен од конзорциумот.
Сензорите за движење ги пуштаат и исклучуваат светлата како што луѓето се движат околу зградата. Внатрешните спирални скали се удвојуваат како вратило за вентилација. Соларните панели на покривот собираат енергија во текот на сончевите денови, енергетските бунари ја складираат за деновите кога нема толку сонце. Бетонските рамки на зградата се рециклирани, а старите надворешни стаклени прозорци се искористени за да се направат внатрешни прегради што помагаат при зголемувањето на дневната светлина. Дополнителните изолациски панели се направени од стари пластични шишиња. Наместо да се користи енергетски интензивен метал, беше искористена јапонската техника за горење на дрво за поцрнување на новата фасада.
- Пред реновирањето зградата трошеше просечно 250 киловат-часа за квадратен метар. Сега тоа е намалено на 85 отсто - вели Бернхард.
Енергетски-позитивната конструкција ја разгори љубопитноста и на другите земји, особено на Германија, но сѐ уште го нема моментот на пробивање. Хоп вели дека досега сите барања на „Пауерхаус“ доаѓаат од Норвешка.
Заложбата за социјална и еколошка одржливост не е единствена за „Пауерхаус“. Норвешка целосно е посветена на намалување на емисиите на јаглероден диоксид низ цела земја, со крајна цел за целосна декарбонизација на транспортот. За овие напори, Осло беше избран за најзелениот европски град во 2019 година.
- Веруваме дека
архитектурата е еден од најважните културни изрази на нашето време и дека има и социјално влијание. Кога имате великодушна градба која може да го вклучи општеството, тоа го менува начинот на кој ги гледате градовите и изградената околина околу вас. Тоа прави голема разлика - вели Хоп.