X
 01.10.2025 Наша тема

Интервјуирал светски музички ѕвезди на концерти од Македонија до Австралија, водителот Агим Џело-Заб во февруари ќе прослави 30 години со „Металманија“

Култниот хеви метал бенд „Ајрон мејдн“ го гледал седум пати на концерт, „Металика“ четири, а за „Дип парпл“ не ни брои колку пати. Музичкиот водител, креатор на најдолгата телевизиска музика емисија во земјава - „Металманија“, Агим Џело-Заб, присуствувал на концерти на познати рок- и хеви метал бендови низ целиот свет. Го слушал познатиот англиски хеви метал солист Ози Озборн и во Белград, Србија, и во Мелбурн, Австралија. Редовно присуствува на музички фестивали и досега направил десетици интервјуа со познати рок-ѕвезди. Неговата емисија „Металманија“, која во февруари ќе слави 30 години емитување, има благородна мисија - да ги промовира и поддржи македонските рок-групи и да влијае врз младите да изградат музички стил слушајќи квалитетна, а не шунд-музика.

Простор за домашните рок-бендови

- Кога почнав да ја емитувам емисијата прво на локалната телевизија „Орбис“, потоа се префрли на ТВ „Тера“, а преку соработка со други ТВ-канали и на национално ниво, целта беше една - да им се даде простор на македонските рок-бендови, оние што немаа простор да се промовираат во приватните и државните медиуми. Она на што сум особено горд е што многу групи беа презентирани пред јавноста токму преку оваа емисија. Објавував алтернативната музика, почнувајќи од 70-тите година до денес, од „Дип парпл“, „Лед цепелин“, „Пинк Флојд“, па сè што до денес е актуелно на светската рок-сцена. Но, секогаш имаше простор покрај овие големи музички имиња да застанат и наши бендови - вели Џело.




Интервјуа со идоли кои порано ги гледал само на музичкиот канал Ем-ти-ви

Работејќи на емисијата, имал можност да направи многу интервјуа со светски познати музичари. Ги интервјуирал „Апокалиптика“, „Креатор“, „Фијр фактори“, „Ту челос“, „Вајтснејк“, „Ет д гејс“ и многу други. Дел од музичарите што му застанувале пред микрофонот му биле идоли уште од детството, со нив растел и го градел својот специфичен музички стил, а подоцна имал можност да ги запознае и лично. Секое интервју за него е инспирација и никогаш не му недостигаат интересни прашања. Само на едно интервју на почетокот останал без зборови.



- Се работи за Миле Петроза, лидер и вокалист на групата „Креатор“, светска треш-метал ѕвезда со која растев. Тогаш ги гледав само на музичкиот канал Ем-ти-ви. Закажавме термин за интервју со нивниот менаџер. Кога влегов во просторијата во која беше, се скаменив. Ми беше идол од тинејџерските денови. За момент заборавив и англиски да зборувам. Тој виде дека нешто ми се случи. Ми рече да се смирам, отиде до фрижидерот, извади „кока-кола“ и ми ја подаде. Тоа првпат ми се случи, а потоа прашањата потекоа - раскажува Џело.

Агим Џело со Миле Петроза

Снимал разговори и со музичари недостапни за други новинари.

- Би го споменал интервјуто со Иан Астбери, лидерот и вокалист на групата „Калт“, кој исто така ми беше идол од детството. Се случи на фестивалот „Белград колинг“ во 2012 година. Тој беше доста приземјен, а мене ми беше чест што успеав да стигнам до него. Во 2006 година само мене од овие простори ми беше дозволено телевизиско интервју со „Апокалиптика“. Тогаш беа екстра популарни и ги работеа песните од „Металика“ со виолончела. Менаџерите секогаш бараат да видат со кого ќе снимаат интервју, бараат историја за емисијата. Во 2017 година повторно снимив интервјуто со дечките, но тогаш немаше потреба да се претставувам кој сум, ме памтеа. И мене и концертите од Скопје - вели Џело.

Агим Џело со Иан Астбери

Интервју со „Апокалиптика“

Рок-ѕвездите ги паметат концертите на Балканот

По десетици проследени концерти, има впечаток дека една од најживите публики во светот е балканската. На настапите на музичките бендови таа им дава несекојдневно уживање и енергија, по што тие долго време ги паметат концертите.

-Бендови кои порано настапувале кај нас, кога ќе ги прашам дали се сеќаваат, секогаш има нешто по кое ги паметат концертите што ги одржале во Скопје. Најверојатно по публиката на Балканот, која е поинаква од онаа на Западот, пожива е, покомуникативна со групите. Бенд што го интервјуирав на „Егзит“ го прашав за концерт од пред 18 години во Скопје и се сеќаваа на денот, дури и со кои групи настапувале таа вечер - вели Џело.



Со членовите на „Епика“

Често знае да ги праша соговорниците од каде таа сила толку време да минуваат на турнеи, отсутни од дома, со денови на концерти, настапи, а одговорите што ги добива се дека силата ја црпат од публиката.

- Ози Озборн, кој почина пред некое време, имав можност да го гледам и во Белград и во Мелбурн. Ја гледав публиката во Австралија, како на театар да беа. Тој се обидуваше да ги крене, ги прскаше со кофи со вода, со пена, но немаше соодветна реакција. А во Белград беше чудо. Кога свират на Балканот, и тие подобро се чувствуваат - вели Заб.

Големи музичари на сцената, а обични, присебни луѓе зад неа, таков е неговиот впечаток за повеќето звучни музички имиња што ги интервјуирал.

- Иако големи ѕвезди, не беа воопшто арогантни, на пример, кога снимав со „Ет д гејс“ на „Егзит“, група која ретко доаѓа да настапува на овие простори, беа многу достапни. Потоа „Бехемот“, еден од најпознатите дет метал бендови во светот, можеби на сцена изгледаат грубо, со целата таа шминка на нив, ти се причинува дека е страшно да допреш до нив, а кога ќе седнеш со нив, почнуваат да се шегуваат - споделува искуства Заб.

Со Крис Реланд, гитарист во „Сабатон“

Битка против шунд-музиката

Покрај „Металманија“, која се емитува на ТВ Тера и на јутјуб-каналот, Џело иако не е професионален диџеј, пушта и рок-музика по настани и кафулиња во Битола. На тој начин ја спроведува својата мисија - да ги натера младите да слушаат квалитетна музика.

- Она што ме радува е што во Битола веќе неколку настани на изведувачи на шунд-музика од соседството се откажани. Мислам дека социјалните мрежи имаат големо влијание во разнесувањето на шунд-музиката како правец на живот. Тоа се портали со жолт печат и реални музички шоу-програми кои се емитуваат по телевизии. Од друга страна, има квалитетни настани, но нивниот број треба да расте. Така, концертот на Армин ван Бјурен беше доста посетен. Неодамна бев на „Масив атак“ во Скопје, чудо од концерт - вели Џело.


Со Марко Хијетала од „Најтвиш“

Апелира повозрасните генерации да влијаат врз младите во изборот на музиката што ја слушаат. Но, за жал, заклучува дека и денес гледаме што ни се случува во Охрид, во екот на туристичката сезона, шунд-концерти, од кои дел и на локации кои важат за центри на културната естетика.

Фотографии: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, надвор од овие услови или без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само со дозвола од редакцијата и со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема