X
 02.12.2017 Образование

Лабковски: „Учењето е лична работа на децата!“


Текстот од рускиот психолог Михаил Лабковски за тоа дека родителите не треба да им помагаат на децата во домашните задачи и да ги тераат да се запишуваат во престижни училишта, неколку години со ред предничи по читаност на многу портали од руско-јазичниот виртуелен простор. Само на едно место се забележани повеќе од два милиони прегледи, а коментарите се крајно спротивставени, од изрази на благодарност до осудување и гнев.

Соочувањата за овој текст сè уште траат, а авторот, коментирајќи ја популарноста и поделените мислења околу содржината на текстот, истакнува:

„Многу години наназад зборувам дека учењето не смее да се наоѓа во зоната на одговорност на родителите. Но тие и натаму продолжуваат да ја окупираат таа зона и многу е тешко да се исфрлат оттаму, па неверувајќи прашуваат: 'Чекајте, воопшто не треба да проверуваме? Никогаш?! И да не прашуваме? Јас одново и одново им кажувам дека никогаш, воопшто да не ги проверуваат оценките на детето во е-дневникот и да не прашуваат 'како помина на училиште?'. Но ним тоа им е неверојатно“.

Како одговор на непрекинатите дискусии, Лабковски пишува за потврда на своите ставови:

„Да, навистина сум убеден дека учењето е лична работа на детето. Задача за вас, родителите е да го сакате и да го гледате детето независно од неговите постигнувања, фризура, дамка на маичката, спортските резултати, музиката, ликовната уметност и воопшто – од успех или неуспех од кој било вид. Само безусловната љубов на децата им дава сила, верба во себе, психичка стабилност и ресурси за развивање на талентите...

На многу родители им поаѓа од рака едноставно да го сакаат своето дете, такво какво што е, само додека е сосема мало. Тогаш почнува училиштето, и нивниот однос се дели на пред и потоа. И по 1 септември, почнува тензијата. Се случува таа никогаш да не престане и попушти навреме за да се поправат традицијата и милите семејни односи. 'Што доби?' се заменува со 'Кога ќе земеш станбен кредит?'... А во такви односи нема место за љубов која дава сила, ни за задоволство и раскош на комуникација и човечки однос“...

„Да, моето долгогодишно искуство и практиката покажуваат дека прашањето: 'Како си помина на училиште?' може да го расипе и најубавото расположение и да ги уништи и најдобрите односи. Детето не ве прашува дали денес убаво сте работеле, дали ве пофалил шефот и што точно кажал.“

„И да, по увидот во дневникот многу е полесно да го искарате отколку да покажете вистинска грижа. Да се гради целокупната комуникација со детето околу прашањето дали е завршена домашната задача и како поминало на контролниот тест, е далеку полесно отколку да се изгради однос на доверба каде и двете личности себеси се доживуваат како полноправни и нормални. Секогаш е полесно да се дејствува од позиција на сила отколку од позиција на доверба. Но, до кога? Таквиот став е залуден. Особено денес кога образованието може да се стекнува целиот живот. Помогнете ако детето свесно и доброволно сака да учи. И не го присилувајте ако не сака или не може (причините моожат да бидат и медицински, па тоа треба да се разјасни).“

„Оставете го вашиот ученик сам да научи како да располага со своето време, сила, способности, желби. И да ги преземе врз себе последиците од сопствените одлуки или од сопствената лекоумност, и самиот нека излезе на крај со тоа. Самиот нека ги гради односите не само со врсниците, туку и со наставниците. И самиот нека се грижи за своите оценки и за својата иднина. Инаку, нема да порасне. И потоа во иднина, вие ќе морате повторно да ги решавате неговите возрасни проблеми... Обидете се да се справите со вашата грижа и да не ја зајакнувате неговата. Размислете што е поважно: да не ги испуштите од рака вашите деца или тие секогаш да ја чувствуваат вашата поддршка и внимание? И тоа да биде заемно и за навек?“

„Контактот со детето, блискоста, можноста да се разговара за тоа што му лежи на душата, да се одговорат сите прашања кои го мачат, да се утеши, заедно да се радувате, да ги проживеете сите важни денови заедно, неговото растење, да ги споделувате малите и големите случки од неговиот живот – ете за што треба да се држите и што не смеете да препуштите на стихијата. А учењето – може. Дури и е неопходно.“

И најважното: „Дајте им на децата љубов, доверба и време. Дајте им можност да дишат и да се определат. И во иднина ќе имате помалку причини за секирации“.


Извор: detinjarije.com
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование