X
 03.06.2019 Образование

Сено и слама наместо ученици во училиштето во Бојанчиште

Сено и слама наместо ученици во училниците од некогашното училиште во кавадаречкото село Бојанчиште. Самари, алати за орање, ѓубре. Ваква непријатна слика ме дочека кога ги посетив просториите во кои своевремено се воспитувале и образовале генерации ученици. Едно време во една од училниците била уредена и спомен-соба со фотографии и информации од формирањето на Тиквешкиот партизански одред „Добри Даскалов“ како отпор против фашистичкиот окупатор за време на Втората светска војна, но поради негрижата кон тоа историско наследство, кое сведочи за минатото, спомен-собата била преместена пред околу шест години. На иселувањето му претходеле кршење на клучот од влезната врата, влегување внатре и земање слики, правење проблеми.

Наместо ученички јакни, на закачалките на ѕидот висат работнички алишта. Околу птиците се слушаат тажни звуци, чиниш и тие жалат за она што му се случува на некогашното училиште.

Разочаран од стравотната слика што нè дочека на денот кога се одбележуваа 76 години од формирањето на одредот и кога беше положено свежо цвеќе пред спомен-обележјето на паднатите борци кај Бојанчиште, беше и кавадарчанецот Ѓорѓи Јанков, потпретседател на Здружението на борци - Кавадарци.

- Тажна, навистина жална слика. Мизерија, срамно е да се гледа ова - незадоволно коментираше тој за МИА.

Виолета Димитрова, советничка во Советот на Општина Кавадарци и претседателка на Комисијата за одбележување празници и манифестации, рече дека е штета за објектот, кој некогаш бил училиште, а сега руинирана средина и тотално запуштен.

- Ова е доказ дека несовесноста нема обѕир кон нашето културно наследство. Гревота е за ваков убав објект, со вакви убави знаменитости, вака да пропаѓа. Навистина штета за сите, и за селото, и за градот, и за државата воопшто. Вака не треба да изгледа и вака не треба да се чуваат културно-историските споменици - нагласи таа за МИА.

Разочарување од ваквата состојба и од руглото таму има и кај Стојче Златев, претседател на месната заедница.

- Сè почна кога пред повеќе од шест години еден од селаните наполни просторија од училиштето со сено и таму почна да ги храни говедата. За жал, ништо не можам да сменам. Во една од просториите имавме и лекар, лекарот поради тоа се откажа од нашето село. Кога и да дојдеше докторот, од лепешки и од ѓубре не се влегуваше во лекарската просторија. Таа сега служи за просторија за гласање за време на избори, но вака како што оди работата, можно е и таа да биде наполнета со сено. Во поранешната училишна зграда се сместени и работници кои тука престојуваат со денови, па и нив не можеме така лесно да ги избркаме, да ги иселиме. Цели шест години се соочувам со овој проблем - вели Златев.

Фото: МИА

Постојано живее во селото. Ова му е втор мандат, шеста година како е претседател на месната заедница.

- Продавницата е празна и заклучена, како што гледаш, не работи. Во помала просторија до неа исто така се чува зоб за овци и кози од страна на сточари, а во просториите што исто така се на месната заедница некој чува зоб за овци - откри тој.

Во ова училиште некогаш се учело до петто одделение. Своевремено тука живееле околу 500 луѓе во над 80 многудетни семејства. Сега овде постојано живеат дваесетина.

- Наместо да се уништуваат од забот на времето, некогашното училиште и објектот што своевремено беше културен дом може да се дадат на заинтересирани што би ги реконструирале и повторно би им дале душа како некогаш. На надморска височина од околу 800 метри, селото е рамно на воздушна бања, па си плаче, што се вели, за центар за рехабилитација или за одморалиште. А спомен-собата можеше да биде само плус во понудата за разгледување за посетителите - ми повторија жители со кои разговарав, како и пред повеќе од шест години, кога исто така бев меѓу нив. Селото е оддалечено околу 30 километри од Кавадарци.

Фото: МИА

Спомен-собата била направена пред околу дваесет години. Била многу убава, со 332 фотографии, скици, шеми, графикони, карти. Современа изложба за двата партизански одреди, „Добри Даскалов“ и „Сава Михајлов“. Петре Камчевски, кустос советник и историчар, се сеќава дека несовесните најпрвин почнале да вадат и едноставно да крадат слики, предмети, книги, фотографии.

- На подот имаше синтелон, на прозорците вариолајт-завеси, имаше неонски светла. Дури и цвеќиња беа донесени во специјални саксии, се купија и црева за наводнување. Редовно се чистеше. Сè украдоа, сè уништија неодговорни луѓе. А сигурно беа вложени дваесетина илјади евра. Украдоа сигурно триесетина слики и си рековме да ја повлечеме спомен-собата. Ги извадивме сите фотографии, текстови, скици, шеми, графикони, сè што имаше таму, затоа што, ако останеше, ќе ги украдеа сите. Сега се во музејското депо во Кавадарци, не се достапни за јавноста, а се чекаат услови повторно да се постават, можеби во просторија во домот во селото Ваташа - појаснува тој.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование