X
 03.06.2022 Наша тема

Странство или партиска книшка: Што им препорачуваат нашите читатели на матурантите

Што би им препорачале на матурантите? Дали да студираат? Што да студираат? Каде да студираат? Дома или во странство? Што е подобро: факултет, курсеви или занает?

Им поставивме неколку прашања на нашите следбеници на социјалните мрежи во пресрет на конкурсите за упис на факултети со цел да им помогнат на матурантите во носењето на една од најважните одлуки во нивниот живот. Да споделат дел од нивните искуства, позитивни и негативни... И добивме многу одговори, коментари, совети. Секако, мислењата се поделени. Но она што доминира и повеќепати се повторува е мотивација и охрабрување младите да си заминат од Македонија. Многу од граѓаните сметаат дека младите немаат иднина овде и со иронија посочуваат дека спасот е во партиската книшка или што подалеку од Македонија.

- Да размислат многу добро, да ја погледнат реалноста затоа што тука нема иднина. Образовани кадри седат дома или работат по маркети и продавници, а оние со основно работат во администрација и се прават шефови. Тешко е да се каже, ама туѓината им е решение, ќе знаат дека нивниот труд ќе биде ценет и почитуван. Среќна матура на сите, успех и глава горе - е еден од ставовите на граѓаните.

Тажни, демотивирачки, но и реални пораки им се упатуваат на матурантите.

„Факултетите се измама. Не трошете си ни време ни пари“. „Занает и во странство“, „што подалеку од Македонија“. „Што подалеку од ова корумпирано и крадачко општество каде што трудот и успехот на човекот воопшто не се ценат“, „Карта во еден правец!“ „Тешко е да се биде странец, но нема потешко од тоа да си странец во сопствената држава“. „Да палат патиките и што подалеку од овде, каде што ниту се цени степен на образование ниту труд и нема да нѐ биде сѐ додека важи она „знаеш ли кој сум јас“. „Што сакаат нека прават само во образование да не завршат!“, „Да се зачленат во партија и да бидат активни членови, ништо друго“, „Или странство или партиски книшки“ - коментираат следбениците на нашиот портал.

Идните студенти пред избор, кои факултети се најатрактивни? Секој четврти матурант сака да студира во странство

Има и такви што не мислат дека е толку лоша состојбата во Македонија и сметаат дека иднината сепак е во младите и дека треба да останат дома и да направат промени.

„Зошто ги бркате младите, нека учат. Сепак, дипломата вреди. Можеби ќе дојдат подобри времиња“. „Убаво е да останат во Македонија, ама сите бегаат во странство“. „Да продолжат со школување без разлика дали ќе ја искористат дипломата“.

- Тој што навистина има врски, да оди на факултет, тој што нема врски, ич да не си го губи времето на факултет, туку да си го гледа животот понатаму. Затоа што ако оди на факултет, само ќе изгуби неколку години од животот, пари и нерви на домашните што ќе траат и по завршувањето бидејќи никаде не му вреди дипломата и пак се враќа како по средно истата работа, само изгубено време. Најдобронамерно кажувам - пишува во еден од коментарите.

„На приватен да си платат, воопшто да не се мачат на државен, и така мамини и татини деца ќе завршат (ќе чекаат последни да полагаат) и на крај тие полуписмени ќе се вработат.

„Да не летаат високо и да не се занесуваат дека некој нив ги чека да ги стави за директор. Секој мора да си ја заработи својата позиција“. „За Македонија, во државно или занает најдобро. Во странство, за развој и кариера. И најдобар совет - што побрзо да почнат со работа и правење пари“ - се само дел од коментарите на нашите следбеници.



Дел од граѓаните сметаат дека успехот лежи во занаетот:

- Да си учат занает и да си плукнат на рачињата, еуфоријата дека ќе бидат менаџери и онлајн богаташи да им испари. Само со работа и секојдневно искуство во областа што ја работат - успехот ќе биде неминовен - вели еден од следбениците на Факултети.мк.

„Да учат занает, фризер, шминкер, нокти, плочкари, молери... “. „Доколку останат во Северната, никогаш да не го трампаат своето достоинство и слободата за плата или привилегија. Доколку си заминат, Господ нека ги чува од пороци и лоши работи“.

Дел сметаат дека курсевите се „чиста работа... за 4 месеци си „ејч-ар“, за други 4 програмер, пак за 4 дизајнер“.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема