X
 22.03.2021 Образование

Колумна: Ризик е да се искачи висок планински врв со трчање, а тоа важи и за најавените реформи во образованието

Процесот на трансформација на образованието несомнено е дека треба да се случи. А за тоа, двонасочната интеракција и соработка треба да се усогласи и да дојде до значителен израз. Потребна е развојна училишна атмосфера, а не стагнирачка, развојни наставни програми и влијателен наставен процес

Автор: Александар Адамовски, проф. по македонски јазик јазик и литература и француски јазик

На македонското образование му се потребни коренити, наставни реформи (формални и структурни). Во една моја колумна го имав пишувано тоа, но ќе го повторам и сега: прво се тргнува од реформи на наставните планови и програми, па дури потоа и на наставните помагала и дидактичкиот материјал што ги користиме во наставата. Особено учебниците, итно да се „реформираат“ и правописно, и интерпункциски, и граматички, и литературно, и медиумски... Реформите се најавуваат подолг временски период, меѓутоа, никако да се случат. Можеби е период и време конечно да ги биде.

Во таа образовна реформа треба да бидат вклучени луѓе-интелектуалци во својата област, од секоја сфера, како на општото така и на стручното образование. Тие луѓе се од особена важност и ќе дадат значителен придонес во придвижувањето на воспитно-образовниот процес. Ги има, и треба соодветно да бидат искористени и вклучени во креирањето на воспитно-образовните политики. Да се надеваме дека МОН, БРО, ДИЦ, ќе ги усогласат ставовите и позитивните чекори во овој долгогодишен, очекуван процес на реформи и дека конечно ќе се забележи некаков прогрес. Не верувам дека постои таков искусен наставник, професор, кој одлично ги познава „слабите страни“ во секоја научна сфера, а кој не би дал сугестии тие да се поправат и подобрат и кој не би се вклучил во создавањето покреативен и подинамичен образовен систем. Напротив, со задоволство и со чест би го направил тоа, секој експерт во својата научна област.

Ниту една реформа не се случува преку ноќ

Факт е, дека треба многу да се работи и дејствува во одвивањето на реформските процеси. Тоа сака: време, простор, финансии... Без разлика што е онлајн-наставна година, нели и електронски, може тимски да се работи и соработува. Надлежните треба да ја забрзаат работата оти повторно се доцни. Во прашање се многу образовни сегменти, кои научно се отвораат на маса, се разгледуваат, се дебатираат, па дури потоа се усогласуваат конечните ставови. Новиот Закон за основно образование веќе е донесен, а со него се отворени многу дилеми и предизвици. Во оваа пригода нема да го коментирам бидејќи сметам дека тоа најпрвин треба да го сторат неговите носители, доколку сметаат дека треба да дадат некакви забелешки. Јавното мислење од наставниот кадар речиси секојдневно се изразува и треба повеќе и подобро да биде ислушано. Еве, на пример, главното орудие за работата на наставникот секако дека е книжниот дневник, кој архивски се чува и важи речиси 10 години. Мислам дека не треба воопшто да биде исклучен од наставата и заменет целосно со електронскиот дневник. Бидејќи книжниот дневник воопшто не претставува наставен проблем. Нели е поубав од електронскиот? Верувам дека се поделени мислењата околу овој став, како и по однос на други законски измени, но секој на свој начин ја доживува основната суштина на присутната реалност која го гради и прави - наставник.

Секоја избрзана реформа е погрешна. Веќе нешто е на повидок, но како тоа ќе биде во целост, останува да видиме и да процениме. Клучни креатори кои суштински го менуваат и придвижуваат воспитно-образовниот процес се наставниците. Тие, заедно со учениците, се столбот во училиштето. А наставниците и учениците го заслужуваат најдоброто. Половина ден се заедно и делат еден поинаков живот од домашниот, со цел да се описменат и да станат зрели личности кои ќе мислат со своја глава и ќе научат да бидат општествено одговорни и цивилизирани со: јазик, речник, култура, и најважно, со емоции. Помина предолго време, а нашиот образовен систем навистина заслужува подобра иднина. Систем каде што со радост и задоволство ќе се влегува, а со насмевки ќе се излегува.

Прво реформирано, а дури потоа интегрирано образование

Не може да се искачи висок планински врв со трчање (ризик е), ами со внимателно и контролирано искачување. Еднаш, двапати, трипати, ќе се проба. И така, се стигнува до целта. Истото се однесува на времето и начинот на одвивање на клучните реформи. Ние не можеме најпрвин да правиме некаква корелација, односно сооднос со нешто, ако тоа претходно не се промени (оти, старо е). Како би изгледало тоа? Малку збунувачки и делумно, нели? И колку обуки да се стават на располагање, клучното прашање е: каква и колкава ќе биде мотивацијата на наставниот кадар да ги следи тие обуки за да ги интегрира своите предмети со група, сродни предмети. Којзнае, можеби ќе има некое подобро решение, секогаш верувам во подобро. Има, навистина солидни размислувања и ставови околу почетокот на наредната септемвриска година (сите сакаме да започне во училница), и се согласувам во законскиот дел дека треба да му се помогне на наставниот кадар, на пример, кадар кој со години не го решил работниот статус, како и ред други работи поврзани со превоз, плата итн. Само ако успешно, сложно и со динамично темпо се координираат научните реформатори во реформските активности, ќе се почувствува посакуваната промена. И тогаш работите веќе ќе почнат да се одвиваат во тој правец. Сепак, од некаде се тргнува. Ние треба да се консултираме со светски образовен систем и процес на функционирање, но најважно е да создадеме наш, македонски, стабилен модел на образование, од кој можеби ќе црпат новини и светските образовни модели. Додека тоа да се случи, потребни се години и години, неуморно и посветено работење. Наш модел на образование, а не надворешен модел. Не ми е целта да кажам дека не е потребна интеграција на еден наставен предмет со друг, туку напротив, тоа навистина треба да се случи. Меѓутоа, да се случи, откако ќе се почувствува, значителна наставна промена. Без неа не е можна ниту една интеграција. Баналното треба да се освежи и да стане експресно динамично, како наставно така и воннаставно. На тој начин ќе имаме: помотивиран наставен кадар, поквалитетни наставни часови, подобра меѓуучилишна размена итн., оттука, подобро ќе се вклопи и тој често споменуван: кариерен развој на наставниците. Од тоа колкав ќе биде интересот и каква ќе биде волјата кон образовните реформи, ќе зависи и новиот концепт за образование кој е веќе на повидок и кој се очекува да се имплементира од наредната учебна година. Посакувам со успех да биде. Знаењето води напред! Нека се искористи!

Процесот на трансформација на образованието несомнено е дека треба да се случи. А за тоа, двонасочната интеракција и соработка треба да се усогласи и да дојде до значителен израз. Потребна е развојна училишна атмосфера, а не стагнирачка, потребни се развојни наставни програми и потребен е влијателен наставен процес. На тој начин наставниот квалитет ќе се надградува во раст и развој. Чекор по чекор, нека се случи таа посакувана наставна реформа, која ќе прерасне и во наставна интеграција.
Поздрав до сите мои ученици на кои сум им предавал (каде и да се) и на кои им предавам. Бидете живи, здрави и успешни.
Воедно, ги поздравувам и сите просветни работници, колешки и колеги, со желба за добро здравје и успешно завршување на онлајн-наставната година.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование