X
 07.03.2018 Здравје

Зошто самотијата е добра за вашето здравје

„Кога родителите од телевизиските емисии ќе ги казнеа своите деца наредувајќи им да одат во нивните соби, јас бев збунета. Јас си ја сакав мојата соба. Седењето таму зад заклучена врата беше задоволство. За мене, казна беше да ми се нареди да си играм со братучедот Луис“, напиша писателката Анели Руфус во една од нејзините книги.


Ваквите асоцијални тенденции често се далеку од идеални. Многу истражувања ја покажуваат штетата од социјалната изолација, која се смета за сериозен здравствен проблем во земјите што имаат брзостареечко население. Во Велика Британија, Кралскиот колеџ за општи лекари вели дека осаменоста има исто ниво на ризик од прерана смрт како и дијабетесот. Јаките социјални врски се важни за когнитивното функционирање, моторните функции и за имунолошкиот систем.

Ова е многу јасно кај случаи на екстремна социјална изолација. Примери на луѓе држени како заложници, деца држени во изолација во сиропиталишта каде што има насилство, како и затвореници држени во самица покажуваат дека пролонгираната самотија може да доведе до халуцинирање и други форми на ментална нестабилност. Но, ова не се случаи каде што луѓето доброволно се изолираат. Сепак, истражувањата носат добри вести и за оние што едноставно сакаат да се сами. Добрите вести се дека има и добри страни во тоа да се биде самотник, како за работата така и за емотивната благосостојба.

Клучен бенефит е подобрената креативност. Грегори Фајст од калифорнискиот државен универзитет во Сан Хозе, кој се фокусира на психологијата на креативноста, ја дефинира креативноста како мислење или активност со два клучни елемента: оригиналност и корисност. Тој утврдил дека личните особини што често се поврзуваат со креативноста се отвореност (прифаќање нови мисли и искуства), самоефикасност (самодоверба) и автономија (независност) - што може да вклучува и недостиг од загриженост за социјални норми и преферирање на самотијата. Всушност, истражувањето на Фајст на уметниците и научниците покажува дека една од најистакнатите карактеристики на креативните луѓе е нивниот помал интерес за социјализација.

Една од причините за тоа е што таквите луѓе минуваат доста време сами работејќи на нивното дело. Фајст вели дека многу уметници се обидуваат да го сфатат нивниот внатрешен свет и многу внатрешни лични искуства на кои се обидуваат да им дадат израз и значење преку нивната уметност. Осаменоста го дозволува потребното размислување и набљудување за тој креативен процес.

Неодамна и психологот Џули Боукер, која истражува социјално повлекување, ги оправда овие идеи. Социјалното повлекување обично се категоризира во три типа: срамежливост предизвикана од страв или анксиозност; одбегнување предизвикано од несакање социјализација и асоцијалност која е резултат на преферирање самотија. Боукер и нејзините колеги сметаат дека одреден вид социјално повлекување може да има позитивен ефект. Тие утврдиле дека креативноста е поврзана со асоцијалноста и дека асоцијалноста не е поврзана со агресијата (додека срамежливоста и избегнувањето се).

- Асоцијалните луѓе веројатно имаат доволно интеракција. Тие преферираат да бидат сами, но не им пречи да бидат и со други луѓе - објаснува Боукер.

Секако, постојат полови варијации и варијации според културата. На пример, некои истражувања сугерираат дека асоцијалните деца од Кина имаат повеќе интерперсонални и академски проблеми од асоцијалните деца на Запад.

Еден бенефит од асоцијалноста е состојбата на активен ментален одмор на мозокот. Кога има друго лице во близина, вашиот мозок не може, а да не обрнува внимание. Тоа може да биде позитивна дистракција. Но, сепак е дистракција.    

Сепак, линијата меѓу корисна самотија и опасна изолација може да биде тенка. Ако некој престане да се грижи за луѓето и ги прекине сите контакти, тоа може да посочува на патолошко занемарување на социјалните односи. Но, креативната асоцијалност е далеку од ова. Всушност, Фајст вели дека има вистинска опасност кај луѓето што никогаш не се сами. Тешко е да се биде самосвесен и целосно релаксиран ако нема повремена самотија. Дополнително, интровертите се склони кон имање помалку, но појаки пријателства, што се поврзува со поголема среќа.

Така, ако сте склони кон асоцијалност, не треба да чувствувате потреба да се менувате. Се разбира, тоа доаѓа со ограничувања. Но, сè додека имате редовни социјални контакти, вие сте тие што избирате самотија, имате неколку добри пријатели и самотијата е добра за вашата благосостојба или продуктивност, нема поента да се мачите да ставате коцкест карактер во кружна дупка.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје