X
 07.08.2018 Живот

Се случи првиот обид за атентат со дрон - еве зошто нема да е последен

Во саботата имаше неуспешен обид за убиство на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, со дронови натоварени со експлозиви. Девет дена претходно, на другиот крај на светот, терористи тврдеа дека испратиле вооружен дрон за да го нападне меѓународниот аеродром во Абу Даби, престолнината на Обединетите Арапски Емирати.

Никој не беше убиен во овие два случаја, но очигледно е дека е започната нова опасна ера во тероризмот и никој не е соодветно подготвен да ѝ се спротивстави.

Во Каракас, главниот град на Венецуела, владините службеници истакнаа дека еден или повеќе дронови детонирале експлозиви над публиката на еден собир. Неколку луѓе се повредени, но претседателот и неговата сопруга не се меѓу нив. За инцидентот Мадуро ги обвини неговите политички противници.



Во Абу Даби јеменските бунтовници хути истакнаа дека извршиле напад со дрон на аеродромот. Властите на ОАЕ негираа дека се случил инцидентот, но вистината е дека технички е можно (и не е воопшто тешко) бунтовниците да го направиле тоа.

Овие два инцидента ќе охрабрат и други групи што се вешти со технологијата и незадоволни лица да користат дронови за да извршуваат политичко насилство. Неуспешниот обид за напад во Абу Даби е особено загрижувачки поради тоа што напад на патнички авион би резултирал со голем број жртви.

Вооружените дронови тргнуваат со тактичка предност: повеќето од нив можат да летаат пониско од она што актуелната технологија може брзо да го детектира. Дури и ако носат само мала количина експлозив, тие може да соборат авион во лет. Комерцијалните авиони се најранливи при полетување и при слетување, кога е ограничено времето во кое екипажот може да реагира на непредвидливи настани.

Едноставен непрофесионален дрон може да собори авион ако се насочи кон патеката на авионот. Милитаризираните дронови, какви што веројатно им се достапни на групи како хутите, се потешки и можат да носат неколку килограми експлозив и да летаат со брзина до 160 километри на час.

Безбедносните служби на аеродромите сѐ уште се фокусирани на начините како да ги отстранат заканите од луѓето што имаат пристап до објектот, како што се патниците и екипажот, и од багажот. Аеродромите не се дизајнирани така што би имало заштита од напади од небото. Итно треба да се посвети поголемо внимание на пронаоѓањето начини за следење објекти што летаат ниско, како дроновите.

Заштитата на политичарите од напади со дронови ќе биде уште посложена. Не само што претходно програмирано беспилотно летало може да долета од речиси секоја насока, туку тие може и да бидат користени од секој што има пари да ги купи.

Заканите од небото беа домен на државните сили, но тоа се промени во изминатите две недели. Сега е потребно што побрзо да се смислат начини како да се справиме со овој нов вид опасност.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот