X
 07.10.2025 Наша тема

„Сакам да бидам доволно гласна за да направам промена во образованието, да има помалку политика, повеќе квалитет“, вели ликовниот педагог Ангела Каранфилова

Како дете и тинејџерка беше ученичка на големиот ликовен педагог Коста Хаџи Антоновски, со години членувајќи во „Малиот битолски Монмартр“, а денес тргна по неговите чекори основајќи свое детско студио. Ангела Каранфилова, млада ликовна уметница од Битола, со огромен талент и дури 43 освоени награди, од кои најголемиот дел меѓународни, одлучи да им помогне на децата да се социјализираат надвор од компјутерските и телефонските екрани.

Излезена од школата на Коста Хаџи Антоновски

- Тоа што го имав Коста Хаџи Антоновски како ликовен педагог и тоа што бев дел од „Монмартр“ остави длабок печат врз мене како личност и како ликовен педагог. Уште од шест години членував во Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ и не ми требаше многу време да сфатам дека уметноста е она на што сакам да се посветам. Чичко Коста беше пример за мене и за сите нас кои сме негова школа, научив дека треба да си скромен и несебично да го пренесуваш своето знаење, особено на најмладите кои се желни да учат, да работиш напорно и посветено на својата цел, без разлика на предизвиците што секако ќе ги имаш - вели Каранфилова.



Уметноста за неа не е профит, туку начин да се изразат ставови

Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот ликовна педагогија со вајарство, во класата на професорот Станко Павлески. Менторот имал големо влијание врз нејзиниот поглед на уметноста денес.

- Уметноста не ја гледам како профит, туку како начин на изразување на сопствените ставови. Или ќе бидеш комерцијалист и ќе твориш за да продаваш или ќе бидеш уметник и ќе живееш за уметноста - додава таа.

По двегодишно волонтерско искуство како ликовен педагог на 75 деца во „Монмартр“, Каранфилова одлучи да основа свое Здружение за едукација на млади уметници „Каранфилова арт студио“, во кое децата нема да бидат изложени на политика, туку тоа е место за усовршување на уметничко поле и дружба.





Часови ослободени од технологија

- Моментално студиото  има 17 члена на возраст од 6 до 16 години кои активно посетуваат часови. Секое дете доаѓа со талент, а мое е да се вложам максимално и на секој индивидуално да му го отворам патот до успешно пронаоѓање на својот стил и начин на изразување. Во студиото организираме групни часови и активности, но работам со секое дете посебно, затоа што секој се изразува на уникатен начин. Важно е да напоменам дека за време на часовите сме исклучени од технологијата и твориме на дадени теми според детската имагинација. Учествуваме на интернационални ликовни конкурси, на кои децата добиваат заслужени награди, а во мај годинава ја отворивме и првата годишна изложба на членовите на студиото - вели Каранфилова.

Како ликовен педагог, на децата им пренесува сѐ што досега научила и на уметничко поле им ја пренесува нејзината животна и улична школа. Важно ѝ е тие да се социјализираат и да се поврзат со светот околу нив, не дигитално, туку физички и психички да го осетат животот, да ги развијат сетилата и да го вклучат мозочето.



Пример за учениците

- Чичко Коста ме научи на многу вредности, а следејќи ги неговите чекори, се стремам да бидам добар пример и за моите ученици. Важно ми е да разберат колку е важно да се изградиш како личност, да разберат дека мораат сами да се изборат за нивната цел. Сакам да бидам доволно гласна да направам барем минимална промена во образованието во нашата држава, помалку политика, повеќе квалитет - вели Каранфилова.

Смета дека децата треба што повеќе да се поттикнуваат ликовно да творат. Посочува дека ликовната уметност е важна за интелектуалниот развој на секое дете. Ги изострува сетилата, ја развива креативноста, ги проширува перспективите и што е најважно во денешно време, за момент ги враќа во реалноста, во социјализација надвор од екраните.




Би сакала да остане да твори во Македонија

Таа ги слика природата и деталите кои другите луѓе често ги игнорираат. Пастелите ѝ се омилена техника, мрсни и суви, а маслото - бесмртно. Иако се вбројува меѓу најквалитетните млади ликовни уметници во Битола, а и во Македонија, моментално е невработена, па целото внимание го посветува на работата со децата во студиото.

- Доколку имам соодветна поддршка и услови за работа, се надевам дека ќе продолжам да творам во Македонија - вели таа.

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.

Фотографии: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема