Двајца браќа кои во 1990 година на шега си рекле дека ќе стигнат дотаму каде што ниеден човек не отишол не мислеле, а ниту посакувале, да откријат нова планета, земја или слично, туку сакале својот оптимизам да го споделат со светот. И успеале во тоа, и на тоа дебело заработуваат.
(
Фото: Youtube)
Берт и Џон Џејкобс се најмладите од шесте браќа кои израснале во типично, штедливо семејство во Нидхам, Масачусетс.
Нивниот живот е обележан од семеен оптимизам, а реченицата со која мајка им редовно ги пречекувала по уличната игра го инспирирала нивниот деловен пат, пишува „
Бизнис инсајдер“.
„Кажете ми нешто добро што ви се случило денес.“
И секогаш им го велела истото, така што ги поттикнала своите деца наместо на грди и лоши нешта, во животот да пронајдат нешто добро и да зборуваат за позитивни нешта.
Таквиот став им помогнал по тешката сообраќајна несреќа во која мајка им поминала со скршеници на неколку коски, но татко им бил тешко повреден, па неговата десна рака му останала трајно неподвижна.
Но, и тие го наследиле оптимизмот од својата мајка.
Во 1989 година браќата Џејкобс ја дизајнирале нивната прва маичка и ја продале на улиците во Бостон. Тогаш биле 20-годишници.
„Сакавме во животот да заработуваме од уметност“, рекол Берт Џејкобс и додал дека целиот свет на ликовната уметност им изгледал застрашувачки, а „уметноста на маичка била поприземна“, пишува
Си-ен-ен.
Во 90-тите години на минатиот век, на источниот брег на САД, од врата до врата ги продавале маичките со посебен дизајн. Четири години потоа не можеле да се пофалат со голем успех, ни заработка, бидејќи имале само 78 долари од продажбата на маички.
„Размислувавме да се откажеме“, рекол Берт Џејкобс.
Многумина тогаш зборувале дека се несериозни, а нивната мајка дури ја советувала девојката на Берт да го остави.
„Наскоро ќе има 30 години, а сè уште живее во комбето што го дели со брат му“, рекла нивната мајка.
Патот од Калифорнија до Бостон требало да им го даде одговорот на прашањето што ќе прават со своите животи. Организирале забави за пријателите каде што им ги претставиле своите маички. На една таква забава им паднала на памет една идеја за човекот кој е среќен независно од тоа што му се случува.
Почнале да размислуваат на тоа дали е можно со оптимизам и позитивни пораки да ги променат нештата. Тогаш дошле до слоганот „Life is Good“ и го испечатиле на нивните маички. На уличен саем во Кембриџ, во Масачусетс, сите 48 маички ги продале во рок од еден час.
Тоа им бил првиот пресвртен момент што во рок од три години им донел заработка од еден милион долари.
Денес „Life is Good“ е бренд со годишен приход од 100 милиони долари. Покрај маичките продаваат и низа други производи, како пижами, разни додатоци и производи за уредување на домот.
„Тоа го потврди сето она во што се надевавме, дека луѓето сакаат да бидат опкружени со нешто позитивно“, нагласиле тие.
Нивната компанија нуди над 900 различни производи во 14 категории. Нивната цел и натаму е иста – со уметност да шират оптимизам, да работат страсно за заедницата и за општеството и да учествуваат во работата на различни непрофитни организации. Седиштето им е во Бостон и имаат 178 вработени. Нивните производи може да се купат во повеќе од 4.500 продавници во САД, Канада и во 30 земји низ светот, пишува „
Форбс“.
Не е познато колку заработиле минатата година, но рекле дека бизнисот им е во „здрава состојба“. Десет отсто од своите приходи ги донираат во хуманитарни организации што им помагаат на децата.
И натаму главната цел им е да шират пораки за оптимизам.
„Тоа е нашата мисија, која денес се чини попотребна отколку кога било претходно“, заклучува Берт.