X
 10.03.2025 Наша тема

„Да помогнеме следната генерација да има уште поголем напредок“, вели Живе Ристовски, еден од стипендистите на најдобрите универзитети во светот што даваат бесплатна менторска помош

Платформата Мостови.мк ќе ги поврзе македонската академска заедница во и надвор од државата.

Живе Ристовски, кој дипломирал бизнис, економија и финансии на Универзитетот во Гронинген, Холандија, е еден од повеќето македонски стипендисти што доброволно се вклучија во платформата Мостови.мк бесплатно нудејќи менторска поддршка за студентите во Македонија. Ова е иницијатива поттикната од македонските студенти во државата и интелектуалци и експерти кои со финансиска поддршка на нашата држава успеале да се стекнат со диплома на еден од 100. најдобри универзитети во светот според Шангајската листа. Дел од некогашните македонски студенти сѐ уште живеат и работат во странство, а преку оваа платформа сакаат знаењето да го вратат таму каде што најмногу значи - дома. Како што пишува на страницата на платформата, Македонија губи повеќе од 333.000.000 евра годишно поради одливот на мозоци, што е најштетниот извоз од државата, извезуваме потенцијал и талент без никаков повраток.

Да им се олесни изборот на студии на младите

- Како стипендист кој имаше можност да студира во странство благодарение на поддршката од Министерството за образование и наука, чувствувам силна одговорност да придонесам назад во општеството и кон иницијативата што ми ја овозможи оваа шанса. Верувам дека успехот не треба да биде само лична приказна – треба да биде можност да ѝ помогнеме на следната генерација да има уште подобар пат напред - вели Ристовски.



Тој на студентите од Македонија им нуди менторска помош околу теми од претприемништво, студирање во странство, личен напредок, стартап, вмрежување и бизнис. Ристовски е основач на Cable.so, платформа што им помага на бизнисите да добијат автентична содржина од креатори низ светот, по одржлива цена.

- Многу млади во Македонија се соочуваат со предизвици при изборот на студии, кариера и градење на својата иднина. Мостови е создаден за да ја намали таа неизвесност, поврзувајќи ги студентите со оние што веќе поминале низ истиот процес. Ова не е само платформа за советување – ова е вистински обид да создадеме системски промени и да отвориме нови можности за оние што доаѓаат по нас - додава Ристовски.

Помошта е волонтерска и трошоците се на товар на стипендистите

- Ова не е проект што работи со надворешни фондови – го градиме од нашето време, знаење и ресурси затоа што веруваме дека ова е нешто што мора да постои. Нашата цел е не само да дадеме поддршка на индивидуално ниво, туку и да покажеме дека моделот на враќање на знаењето во Македонија може да функционира на долг рок - вели Ристовски.



Менторството е флексибилно според потребите на студентите и можностите на менторите. Главно се одвива онлајн - преку „Зум“, „Гугл мит“, е-пошта или „Вибер“, зависно од тоа што најмногу им одговара на двете страни.

- Покрај класичните менторски сесии, лично на студентите кои се заинтересирани за маркетинг им овозможувам job shadowing бидејќи во оваа професија е исклучително важно да се добие реален увид во секојдневните работни задачи и одговорности. Теоријата е само дел од процесот – за да можеш да напредуваш, мораш да разбереш како изгледа работата во пракса - вели Ристовски.

Вклучени македонски експерти од разни области

Меѓу менторите се и Оливера Стојкова, која дипломирала на Универзитетот во Копенхаген, Данска, Филип Беџовски на Универзитетот во Јужна Флорида, САД, Мартин Филиповски, докторанд на Универзитетот Браун во САД, Илија Ристовски на Универзитетот во Единбург, Шкотска, Јана Огњановска на Универзитетот Мериленд, САД, Андреј Величковски на Универзитетот Манчестер во Англија, Коста Ѓоргиевски на УКЛА, Калифорнија, САД. Освен во своите области - биофизика, биотехнологија, компјутерски науки, финансии, економија и друго, нудат и менторска поддршка за средношколци, совети за студирање во странство и личен напредок.

За студентите дома, ова ќе придонесе за градење посилна, поповрзана и подинамична академска заедница во Македонија и пошироко.

- Ова поврзување е од исклучително значење бидејќи овозможува размена на знаења, искуства и перспективи кои можат да придонесат за подобрување на високото образование и студентскиот стандард во нашата земја. Преку платформата, студентите ќе имаат можност да соработуваат и заеднички да креираат иновативни решенија за клучни предизвици, не само во доменот на образованието, туку и во поширок општествен контекст. Менторската поддршка ќе им овозможи на младите да се стекнат со дополнителни знаења од различни области, да добијат насоки од искусни студенти и професионалци и да изградат корисни контакти за нивниот академски и професионален развој. Покрај тоа, Мостови.мк ќе овозможи и директна соработка меѓу професорите и студентите кои студираат во странство, што ќе придонесе за размена на академски пристапи и подобрување на наставните методологии во домашните универзитети - вели Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ.



МОН ја интензивира комуникацијата со македонските стипендисти во странство

Од Министерството за образование и наука изјавија дека во изминатиот период ја интензивирале комуникацијата со студентите што биле корисници на државна стипендија за студирање на некој од најдобрите 100 светски универзитети и како резултат на дискусиите произлегла и оваа иницијатива.

- Тие се активираат на доброволна основа и со своето искуство ќе им помагаат на нови стипендисти за полесно адаптирање во средината каде што студираат, но и ќе им помагаат воопшто на младите во државата кои имаат потреба од поддршка за совладување на наставната материја во одредена област - велат од МОН.

Околу 30 проценти од 230 студенти што досега ги стипендирала државата во странство се вратени во Македонија и сите работат во приватни компании.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема