X
 10.10.2022 Наша тема

„Сами ги одбираме предметите, часовите се по 80 минути, кампусот е во парк и гледаме волци и срни“, вели Емрах Јусуфоски, кој учи во Ерменија

Меѓународната диплома ја сонувам од седмо одделение, сонував да можам сам да си ги одбирам предметите – тоа е нешто со кое се борев во текот на целото мое образование во Македонија. Да не морам да учам 18 предмети од кои само еден ме интересира, туку да одберам 6 и сите да ме интересираат, вели Емрах

Средношколецот Емрах Јусуфоски (17) од Скопје, кој има свој блог под име „Lifestyle by Emrah“, е еден од ретките, а можеби и единствениот средношколец од Македонија што учи во Ерменија. Првите две години од своето средно образование ги заврши во скопската гимназија „Орце Николов“, а сега учи на еден од колеџите во Дилиџан, Ерменија, во рамките на организацијата на Светските обединети колеџи (UWC).

На почетокот од септември Ерменија имаше конфликт со Азербејџан, при што број жртви и материјалната штета беа големи. Го прашавме Емрах дали војната влијаела врз образованието, дали има некои рестриктивни мерки и каква е атмосферата, дали се чувствува страв меѓу учениците.

- На почетокот од септември имаше воени конфликти помеѓу Ерменија и Азербејџан по линијата на границата и во регионот на Арцах. Според информациите што беа пласирани во јавноста, имаше над сто загинати војници и многу штети. Во другите земји ситуацијата во Ерменија не беше презентирана во вистински размер, па би сакал да потенцирам дека беше доста сериозна и дека не е исто кога гледате на вести и читате на интернет, и кога секојдневно ја гледате болката на луѓе чии семејства, пријатели и родни градови се бомбардирани, кои живеат, јадат, пијат, учат и спијат со вас на ист кампус. Мислам дека речиси сите државни училишта функционираат нормално, а ние во „UWC Дилиџан“ сме секако на безбедно, пред сè, поради оддалеченоста и не сме на листата со таргети на азербејџанската војска. Освен тоа, колеџот е доста безбеден и постојат огромни безбедносни системи, така што нашето образование и живот во Дилиџан се одвиваат беспрекорно и непрекинато. Кај одреден број деца постои огромен страв од војска бидејќи во Ерменија има задолжителна војска по средно, освен доколку не се отсели некој од државата засекогаш, плати пенал или ако го примаат на еден од топ-50 универзитети на светот (во тој случај добива одложување). Конфликтот сè уште трае, меѓутоа, сега нема жртви и не се слушаат пукотници - раскажува Емрах.



Меѓународната диплома ја сонувам од седмо одделение

Тоа што образовниот систем во Македонија е базиран на режим со однапред одредени предмети за учење во секоја година и насока од образованието била една од маките на Емрах додека учел тука. Тој накратко ни раскажа како се пријавил и се запишал на колеџот во Дилиџан, зошто го напуштил школувањето во Македонија и зошто се одлучил баш таму да продолжи, на кој јазик учи и слично.

- За овој колеџ и организација дознав преку пријателка која во моментот аплицираше за еден од колеџите во Мостар, каде што се добива меѓународна диплома, што веднаш ми го привлече вниманието и знаев дека тоа е клучното нешто за остварување на мојот сон за образованието. Затоа направив целосно истражување за UWC и како се аплицира, секако со помош на другарката за да формирам цела слика. Кога ги прочитав вредностите на UWC (од кои дел се и критериуми за аплицирање) си реков: „Ова сум јас, ова е она што сакам да го правам во мојот живот“. Меѓународната диплома ја сонувам од седмо одделение, сонував да можам сам да си ги одбирам своите предмети – тоа е нешто со што се борев во текот на целото мое образование во Македонија. Да не морам да учам 18 предмети од кои еден ме интересира, туку да одберам 6 и сите да ме интересираат.

Нашиот образовен систем им прави преголем стрес на сите, нема интегрирана пракса, учениците и нивното мислење се неважни, се учат по 10-15 предмети и предмети за кои нема учебници или се ревидираат по 6 години, каде што професорите не се доволно платени, а работат прекувремено... и што уште не. Само сакав да си заминам бидејќи ги знам моите квалитети и знам дека таков систем не ме заслужува мене како ученик. Постојат 18 UWC колеџи, така што генерално вие не одбирате на кој колеџ сакате да одите, туку правите листа со преференции од понудените места на колеџите. Не сите колеџи нудат место секоја година на сите држави. Посветив толку време на апликацијата што мислам дека ги знам напамет тие есеи. Кога ми соопштија дека ме избраа, ме преплавија чувства на возбуда и среќа. Ученици од втора и трета година средно образование кај нас можат да се пријават, а се студира две години на англиски јазик - вели Емрах.



Во рамките на неговиот колеџ се наоѓа и неговото престојувалиште, но не претставува конкретен интернат, туку еден вид куќа.

- Живеам во „Toon“ (тун на ерменски значи куќа). Постојат 6 куќи кои имаат неколку коридори, дневни соби, кујни, соби за учење, тераси и многу други интересни работи. Исто така, имаме и тун-родители и друг персонал кој е задолжен нашиот престој да е на највисоко можно ниво. Така што нашето моментално живеалиште не е класичен интернат - објаснува тој.




Првиот училиштен ден секогаш останува во нашето паметење, како првичен спомен на соочување со непознатото. Особено кога си далеку од дома, оставен сам на себе, следејќи го својот сон. Уште кога пристигнал, Емрах бил преплавен од емоции.

- На првиот ден во кампусот ме преплавија емоции. Стигнав на аеродром по многу часови лет заедно со уште тројца кои летаа со истиот авион и сите нè дочекаа веќе пристигнатите ученици, како и некои од втората година заедно со менаџерот за уписи, со кого контактиравме од уписот до слетувањето. Потоа стигнавме со автобус до колеџот и ми потекоа солзи радосници бидејќи сето она што го сонував и го гледав на виртуелни тури на „Јутјуб“ го доживував во моментот. Волшебно чувство. Во еден ден запознав повеќе од 200 луѓе од цел свет. Дружба, смеа, емоции, ги видов личностите со кои зборував на видеоповик цело лето. Можев конечно да ги прегрнам. На крајот од денот сите се погледнавме и си рековме „we did it“ - вели тој.



Емрах е многу активен и љубопитен, а тоа го кажува и во описот на неговиот прв училиштен ден.

- Првиот ден бев многу активен. Станав рано за да медитирам и да го искористам базенот во кампусот. Во 8:30 часот сите мора да се во академската зграда, без разлика дали имаат предавања или не. Така што, по појадокот директно отидов во академската зграда и работев на некои документи што требаше да ги испратам, а потоа отидов на првото предавање. Часовите траат по 80 минути, поради што по првото предавање веднаш отидов на ручек - раскажува Емрах.

Фокусот се става на „како ова да го примениме“ наместо на „научете напамет, ќе биде така на тест само со различни бројки“

Емрах ни објасни дека предавањата на колеџот се многу поразлични од оние во Македонија. Наставата трае непрекинато и нема ротации во часовите, сѐ е дигитализирано и сите се водат по одреден систем и распоред.



- Предавањата не се ни слични на оние кај нас. Би рекол дека се екстремно интерактивни бидејќи има малку ученици, наспроти нашите класови со по 35. Не сме поделени во класови бидејќи секој одбира 6 предмети и оди на предавањата што му се доделени на платформата за меѓународната диплома. Генерално сè е дигитализирано и тече без проблем, во споредба со она кај нас, ротации, па професорот бил на семинар, па губење часови... Затоа постојат тие системи, секој изгубен час е наша загуба на поени од дипломата. Фокусот се става на „како ова да го примениме“ наместо на „научете напамет, ќе биде така на тест, само различни бројки“. Предметите се многу поразлични од оние кај нас. Апсолутно секој предмет е посебен на свој начин - истакнува Емрах.

Колеџот е сместен во национален парк, полн со шумски животни, пештери и природни убавини

Менувањето на средината на живеење значи и менување на секојдневните навики и приспособување на нови. Покрај посветувањето на учењето, Емрах ни раскажа дека учениците имаат и многубројни воншколски обврски преку кои подобро се запознаваат и го збогатуваат социјалниот живот.

- Социјалниот живот во Дилиџан е совршен, имаме разни паркови, маркети и многу други работи каде што сите ние од UWC излегуваме, но и се дружиме со мештаните. „UWC Дилиџан“ е лоциран во Националниот парк на Ерменија, кој се наоѓа во Дилиџан. Гледаме разни животинки, од волци, срни, лисици до ежови, гуштери итн. Има многу пештери што ги посетуваме, реки и езера. Учениците на UWC прават промени на глобално и на локално ниво и имаат огромни бенефити: покани за настани, разни натпревари, конференции и не само во Ерменија, туку и на светско ниво. Јас сум дел од „The Changemakers’ Project“ - проект на ученици што прават промени во светот. Попусти во институции немаме, но постојат поевтини карти за превоз доколку сте ученик. Генерално тука цените се пониски и понекогаш еднакви како кај нас, во зависност од тоа што го купувате - истакнува Емрах.



По завршувањето на средното училиште сите ученици се соочуваат со дилемата на кој факултет да се запишат. Како и во нашата држава, така и во другите постојат советници за понатамошното кариерно насочување. Го прашавме Емрах дали колеџот им е од корист во однос на одбирањето на кариерата во иднина.

- Во сите 18 UWC училишта постојат советници за универзитети, кариерни советници и нивни тимови, така што не само што ни помагаат, туку ни се и база за нашата иднина, освен доколку ние самите не одлучиме да се вратиме во државата од каде што доаѓаме (и тогаш помагаат со апликациите и номинациите) или, пак, сакаме да направиме пауза. Огромен број UWC ученици се запишуваат на најдобрите светски универзитети и програми, како што е Ајви-лигата (IVY) на универзитети итн. - вели тој.



Тој цели кон највисокиот степен на образование и сака тоа да се одвива во САД.

- По средното образование ќе продолжам на додипломски, магистерски, а можеби и на докторски студии во зависност од моите цели, меѓутоа, додипломски и мастер-студии сигурно. Сакам да студирам во САД и да живеам таму. Не планирам да се враќам во Македонија, ниту да започнам каква било кариера во нашата држава. Благодарен сум за сите добри и лоши работи, како и за успехот што го имав во Македонија, но таквиот начин на живот  негативно влијае врз моето ментално здравје - заклучи на крај Емрах.

Фото: приватна архива
Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема