X
 11.02.2020 Култура

Филмови и серии што „Нетфликс“ ги отстрани по барање од странски власти

„Нетфликс“ во петокот објави извештај во кој набројува 9 наслови што биле отстранети по барање од страна на странски влади. Компанијата го објавила ова за да биде транспарентна, а според извештајот, „Нетфликс“ отсега ќе ги објавува ваквите податоци секоја година.

Едно видео што било отстрането од „Нетфликс“ е епизода од серијата „Патриотски чин“ на комедијантот Хасан Минаџ, во која актерот ги исмеjува објаснувањата на владата на Саудиска Арабија за убиството на новинарот Џамал Кашоги. Епизодата именувана „Саудиска Арабија“ била отстранета во 2019, но само во Саудиска Арабија. Во јануари „Варајати“ пишува дека „Нетфликс“ ја отстрани епизодата бидејќи била противзаконска во земјата.


Фото: Pixabay

Најмногу содржина што компанијата „Нетфликс“ била принудена да отстрани од својата платформа се поврзува со Сингапур, и тоа на барање на регулаторот за развој на медиуми „Инфоком“. Во 2019 г. контроверзниот филм „Последното искушение на Христос“, во кој Исус се соочува со различни искушенија, бил отстранет бидејќи е забранет во оваа држава.

Биле отстранети и серии што се фокусирале на консумирање марихуана, исто така на барање од Сингапур. Тука се наоѓаат сериите „Готвење со марихуана“ и „Разобличено“, како и документарецот „Легендата за 420“. Сингапур годинава барал од „Нетфликс“ да се отстрани и бразилската пародија „Последниот мамурлак“, која се фокусира на уметничкото дело „Последната вечера“ во стил на комедијата „Мамурлак“.

Сепак, првото барање за отстранување содржина било од страна на Нов Зеланд, кој побарал отстранување на документарниот филм „Мостот“ од 2006 година. Филмот се фокусира на самоубиствата направени од познатиот мост во Сан Франциско, Голден гејт, во текот на една година.

Во 2017 година „Нетфликс“ го отстранил и филмот за виетнамската војна на Стенли Кјубрик - „Боев куршум“ на барање на виетнамскиот регулатор за емитување и електронско информирање. Истата година платформата го отстранила и филмот „Ноќ на живите мртовци“ во Германија бидејќи таму е забранет.

Извор: Newsweek.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура