X
 12.05.2025 Наша тема

Членовите на „Викиекспедиции“ имаат документирано 1.083 села од вкупно 1.749 села во Македонија

Најмногу би се радувале кога посетителите би решиле да посетат барем дел од многубројните убави места што постојат во земјава, во текот на викендите да отидат некаде на излет или да поминат неколку дена во некоја македонска област, велат од тимот на „Викиекспедиции“

Теренскиот проект „Викиекспедиции“ веќе десет години се спроведува на волонтерска основа од страна на членови на Здружението „Викимедија МКД“. Истражувањата ја однеле екипата во 46 различни области во Македонија, посетени се 1.083 македонски села, нивната околина и знаменитостите, направени над 18.500 фотографии и создадени или збогатени над 3.200 статии на „Википедија“ на македонски јазик. Тие викендов поставија изложба на 100 одбрани фотографии под наслов „Во допир со Македонија 0 10 години Викиекспедиции“, во Музејот на современа уметност во Скопје.
Тимот го сочинуваат Тони Ристовски (истражувач), Кирил Симеоновски (фотограф), Нино Богдановски (возач), Деан Лазаревски (оператор на дрон) и Никола Трајковски (картограф).


Наколно живеалиште до плажата во селото Николиќ/ фото: Кирил Симеоновски

Една експедиција започнува со истражување

- Проектот почна во 2015 година откако двајца од нашите членови, активни уредници на „Википедија“ на македонски јазик, беа дел од првата регионална конференција за „Википедија“ во Белград во 2012 година и одблиску се запознаа со овој тип активности, кои се спроведувале во Полска. По нивниот пример и откако се создаде посебна организација за „Википедија“ во Македонија во 2015 година, го започнавме и проектот „Викиекспедиции“ - информира Тони Ристовски, еден од членовите на „Викиекспедиции“.

Една експедиција најпрвин започнува со истражување, односно пред самото заминување, нивниот истражувач ги разгледува сите можни материјали за тоа село и ги мапира (или се обидува да ги мапира) сите градби што треба да ги посетат со цел кога се на терен, да можат многу полесно и побрзо да ги најдат.

- Во селата најчесто мапираме верски објекти како највредни градби, но се осврнуваме и на општествени објекти, како и станбени, но и природни знаменитости, доколку ги има. Досега имаме документирано 1.083 села од вкупно 1.749 села во Македонија (близу 62 отсто). Да кажеш кое е најубаво село или село со посебен впечаток е прашање на личен вкус, но за повеќето членови од експедициите, Мариово како област е нешто што ни остави силен впечаток (тоа се селата Зовиќ, Градешница, Старавина, Будимирци итн.) - споделуваат од „Викиекспедиции“.


Оризови полиња во Кочанско поглед од воздух/фото:Дејан Лазаревски

Споделени 3.200 статии на „Википедија“

Покрај села и верски објекти (цркви, манастири, параклиси и џамии), досега имаат напишано и статии за 59 различни видови објекти (градби), почнувајќи од аеродроми, острови, рудници, па до водопади, превои и клисури.
- Самата бројка од 3.200 статии напишани низ овие години нѐ носи до многубројни заборавени архитектонски наследства во самите села, но и природни знаменитости за кои малкумина знаат нешто, па ние се обидуваме преку статиите на „Википедија“ на македонски јазик да ги направиме повидливи за јавноста. Би ги споменале кањонот Камник кај селото Радање, месноста Кукуље кај Нов Истевник, месноста Топли Вирови кај Демир Капија и ред други за кои низ годините сме објавувале и на нашите канали на социјалните мрежи - ни изјавија од „Викиекспедиции“.

Велат дека најголем проблем на терен е состојбата на патиштата, особено во планинските региони каде што некогаш и цели експедиции ги возеле по земјени патишта, со што брзината е доста помала.


Фото: Petrovskyz

- Дури и ако во селата има асфалтни патишта, повторно мораме да посетиме многу манастири кои се надвор од селата. Мештаните добро нѐ прифаќаат и најчесто завршуваме со покани да помуабетиме со нив, да се напиеме заедно (најчесто ракија) затоа што тие се желни за муабет и ретко кој ги посетил. Ретко сме се соочувале со недоверба, па дури и со забрани за фотографирање на одредени цркви бидејќи селаните се плашеле од понатамошни кражби или мислеле дека сме сакале нешто лошо да им направиме. Обично завршувало со разговор и прифаќање од наша страна дека нема да фотографираме, доколку немаме нивна дозвола - ни споделува Тони Ристовски.

Објава на две сликовници

Со изложбата, тимот на „Викиекспедиции“ сака да ја информира јавноста за досегашните истражувања, достигнувања, нивното значење и можностите што ги нуди слободната енциклопедија „Википедија“. Иако постојат 10 години, малкумина знаат за нив.


Мал полуостров во Дебарското Езеро/фото: Дејан Лазаревски

-Ова што го правиме е за доброто на сите, па сакавме преку овие 100 фотографии од нашиот 10-годишен труд да им ги доближиме убавините на Македонија на посетителите. Најмногу би се радувале кога посетителите би решиле да посетат барем дел од многубројните убави места што постојат во земјава во текот на викендите, да отидат некаде на излет или да поминат неколку дена во некоја македонска област - додава Тони.

На прашањето колку е важна улогата на „Википедија“ во зачувувањето на културното и природното наследство на Македонија, велат дека е најважна.

- Живеејќи во дигитално време, би рекле дека „Википедија“ како најголема слободна енциклопедија во светски рамки е најважното место за зачувување на нашето наследство. Создавајќи локално знаење, преку нашиот проект не само што ја збогатуваме „Википедија“ на македонски јазик со текст за сите тие градби, туку ги збогатуваме и другите проекти на „Википедија“, како што е „Заедничката ризница“ со прикачени фотографии (кои секој може да ги користи со назначување на авторот и понатамошно нагласување дека е слободна фотографија), како и базата на податоци „Википодатоци“, каде што со координати ги мапираме градбите што ги имаме посетено - велат од „Викиекспедиции“.


Напуштено детско одморалиште „Титови пионери“/фото: Дејан Лазаревски

Тие продолжуваат со посета на областите што не ги посетиле, но и со издавање две сликовници веднаш по изложбата, од кои едната ќе биде посветена на фотографиите вклучени во изложбата, а втората ќе биде за селските чешми во Македонија. Ќе следува промоција за нив.

- Минатата година го проширивме тимот со нашиот најнов член и сега вршиме и мапирање на објекти и ја подобруваме состојбата на OpenStreetMaps откако ќе ги посетиме селата вклучени на експедициите. Засега немаме можност за снимање записи при нашите експедиции, иако на првите експедиции честопати разговаравме и снимавме разговори со мештаните, кои подоцна ги користевме при пишување на статиите - дополнува Тони Ристовски.

Насловна фотографија (Меморијална куќа на Смилевскиот конгрес): Petrovskyz
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема