X
 13.10.2020 Образование

„Ми го исклучуваат микрофонот“, „Ме отстрануваат од час“... И македонските наставници изложени на сајбер-булинг од учениците

Жалбите најчесто се насочени кон тоа дека учениците користат апликации за да направат бучава (фонија) со цел да биде попречена двонасочната комуникација, се појавија и примери каде што ученици во заднината на видеоповикот поставуваат слики со вулгарни содржини кои не се соодветни за нивната возраст и за образовната институција, вели Томислав Гиевски, претседател на НСОН

„Учениците ми го исклучуваат микрофонот, па не се слуша што зборувам“, „Ме отстрануваат од групата за онлајн-час“, „Учениците користат програми за да создаваат бучава и да не можам да предавам“, „Поставуваат вулгарни слики во заднина во видеоповикот“. Ова се дел од жалбите на наставниците за нивните секојдневни случки со учениците и во основно и во средно образование, откако наставата се одвива онлајн. Наставниците што помалку ја владеат апликацијата „Мајкрософт тимс“ чувствуваат срам и страв и не сакаат јавно да зборуваат за тоа што им се случува во текот на наставата.
Солидарноста меѓу колегите во моментов е најважниот начин за надминување на овој проблем, односно да се намали сајбер-булингот врз наставниците. Ова е светски тренд кој, за жал, не ги одминува ни нашите деца и наставници.

- Со вакви проблеми најчесто се соочуваат наставници кои имаат послабо познавање на компјутерскиот софтвер, но проблемот е застапен и кај помладите колеги кои се повешти во информатичката технологија во случаи кога првпат предаваат во ново одделение - објаснуваат синдикалците.

Од СОНК велат дека би било добро обучувачите во училиштата повеќе да им помогнат на своите колеги.

- Ова е сериозна работа и не треба да се потцени. Факт е дека и на наставниците им требаат повеќе обуки за подобро да се снајдат во онлајн-наставата – вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Наставниците најчесто се жалат кај своите синдикални претставници. Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат за образование и наука, нагласува дека во низа случаи учениците не го почитуваат интегритетот на наставникот.

- Жалбите најчесто се насочени кон тоа дека учениците користат апликации за да направат бучава (фонија) со цел да биде попречена двонасочната комуникација, се појавија и примери каде што ученици во заднината на видеоповикот поставуваат слики со вулгарни содржини кои не се соодветни за нивната возраст и за образовната институција. Колегите споделија дека кај нив се јавува многу непријатно чувство кога весели и насмеани го започнуваат часот, а за возврат добиваат непристојни активности од ученици кои им го исклучуваат микрофонот или ги отстрануваат од видеоконференцијата. Ние ги поттикнуваме и им асистираме на членовите да ги искористат законските регулативи и да поведат постапка за казна на ученик поради несоодветна дисциплина пред наставничкиот совет. Овој метод не се користи многу често бидејќи со години е разнишана колегијалноста во училиштата, а ние како синдикат работиме на градење солидарност која треба да создаде вредности во кои колегата би бил секогаш на прво место, а недисциплинираниот ученик не смее да помине неказнет само затоа што неговите родители се блиски со директорот, имаат влијание во политичка партија или други причини кои многу често се користат за оправдување на недисциплината - вели Гиевски.

Тој објаснува дека се залагаат да се врати системот на авторитет на наставникот.

- Обучувачите, како и некои од колегите, безрезервно се посветија на едуцирање на наставниците, а имаат и направено кратки видеа со објаснување за начинот на кој може да им се одземаат дел од ингеренциите на учениците со цел да се спречат некои несакани дејства - објаснува тој.

Проф. д-р Боро Јакимовски, чиј тим ја изработува Националната платформа за далечинско учење, рече дека се работи за намалување на овој проблем со системско решавање.

Игор Богданоски

Наставникот по математика Игор Богданоски, кој е еден од националните обучувачи, смета дека наставникот мора да може да ја искористи технологијата во своја корист зашто во спротивно, таа би била бескорисна.

- Технологијата е тука за да им олесни на сите, но таа треба да се користи правило за да биде за доброто на сите. Таа треба да е додаток, односно дополнување на работата на наставникот, да значи проширување на можностите и видиците на сите вклучени. Треба да постојат кодекси за онлајн-однесување во училница, како и секаде во животот. Ако се јасни и произлезат од нив самите, односно и учениците да учествуваат во изградувањето со сопствени коментари и идеи, тогаш сигурно ќе се почитуваат. Платформата е затворена и никој не може да влезе во моето одделение ако јас не дозволам. Ако не си ги познавам учениците, секој со линк може да дојде на часот, но останува наставникот да одлучи што ќе направи во тој случај. Дали воопшто ќе го пушти - вели Богданоски.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование