X
 13.11.2018 Живот

Станував во 5 наутро за да направам јадење, па одев на работа. И денес со фамилиите и децата, сите 53, ми доаѓаат на полнети пиперки

Надица Барун од Хрватска има девет сина, три ќерки и 30 внуци. Нејзиното семејство веројатно е најмузикалното во земјата. Тие се единствената фамилијарна група меѓу во Хрватска што е составена од членови на иста фамилија.

На сцената тоа изгледа приближно вака: најмладата сестра Ана е сопран, Миховил, Твртко и најстариот Јосип се тенори, Хрвоје е баритон, Крешимир и Домагој се бас-баритони, а Иван и Трпимир се басови. Годишно настапуваат околу 30 пати, а проби имаат еднаш, некогаш и три пати неделно.

Недела е посебен ден за сите нив, но можеби најмногу за мајката Надица, жената која ги израснала и која и ден-денес, кога е некој важен ден за фамилијата или кога има прослава, ги собира на иста маса. А тоа во фамилијата Барун никогаш не е едноставна операција.

Кога ќе се соберат сопругите, сопрузите и децата, вкупно се 53 лица и треба да се запомнат сите тие родендени, датуми, имиња, треба да се зготви за празниците.

За да си ја олеснат работата, членовите на фамилијата решиле да си испечатат календар. Годината има 52 седмици и во нив едвај ги собира сите нивни имиња. Виолетова боја за родендените на покојниот татко Мијо и за мајката Надица. Жолта за синовите и ќерките. Зелена за внуците.

- Само во септември славиме девет родендени - вели Надица.

Тогаш масата е преполна со храна од сите краеви на земјата. За тоа се заслужни и снаите, едната од Славонија, едната од Далмација...

- Јас подготвувам храна колку што е потребно, но моите ќерки и снаи се прекрасни жени и секоја од нив донесува нешто од својата кујна. За Денот на сите светци вечеравме заедно, го славевме роденденот на внукот. На масата пристигнаа две торти, мафини и колачи, покрај мојата супа од тикви, стигна уште една од брокули, па ризото со ракчиња, а секогаш внимавам да има и поховано пилешко. Само за внуците, знаете, тие тоа го обожаваат - објаснува Надица.

Таа раскажува и како било да се готви за толку деца додека сите биле мали и живееле дома. Сопругот Мијо починал пред 14 години, останала сама, а најмалата Ана тогаш имала само девет години. Останатите претежно биле во средно училиште, а само двајцата најстари синови имале дипломи.

Фото: Jutarnji

Надица работела како професорка по техничко цртање и практична настава во ПТТ-училиште.

- Нема тука готвење од оброк до оброк, секогаш планирав однапред. Станував во четири и пол наутро, подготвував појадок за 13 деца и веднаш почнував да го подготвувам ручекот, па потоа на работа - вели таа.

Сопругот на Надица бил професор по физика. Кога стапиле во брак, тие купиле земјиште и во 80-тите години почнале да градат куќа од 300 квадратни метри, само од платите, без да земат кредит.

Надица вели дека никогаш не мислела дека ќе има толку многу деца.

И така, растела куќата, а со неа и фамилијата. Граделе соба, ја полнеле со деца, па граделе нова соба...

Надица и Мијо работеле во различни смени и секогаш имало некој со децата. И секој ден Надица им печела колачи.

- Никогаш не купував готови кекси, ем има премалку во пакувањето ем се прескапи - вели таа.

На прашање колку мора мајката на толку многу деца да се жртвува за да ги подготви за животот, 67-годишната Надица вели дека тоа за неа никогаш не било жртва.

- Секогаш ме носеше љубовта. И ве молам, немојте да напишете „многу деца“. Ставете дека сме фамилија со повеќе деца. Никогаш не може да има многу деца - вели таа.

Надица нагласува дека љубовта меѓу сопружниците, меѓу две лица, е најважното.

- Добро, помогна и тоа што бевме совршени деца - се смее Трпимир Барун, основачот на групата „Барун“.

Фото: Jutarnji

Имено, покојниот татко секогаш барал од децата да му пеат, за секој роденден или Божиќ. Кон крајот на 2007 година на венчавката на Трпимир сите заедно ја испеале „Кроатио, из душе те љубим“. Некој го снимил тоа, на сите им се допаднало, па Трпимир почнал операција: да основа фамилијарна група. И така почнале.

- Летото 2008 го дадов предлогот и иако имаше резервирани, на крајот почнавме - објаснува тој.

Надица се присетува на нивниот прв официјален самостоен настап.

- Чувствував обединетост, гордост, среќа. Да се разбереме, моите деца имаат силни карактери и тука често доаѓа до „размена на мислења“ - се смее таа.

Затоа во групата има едно правило: сите работат, сите даваат сè од себе, а одлуките се носат со гласање, некогаш и со прегласување.

Уште додека живееле заедно имале правила. Секој по една недела имал задача да ги мие садовите, во саботата се чистела куќата, се средувала градината итн.

Денес Надица, ќерките и снаите готват, а садовите ги мијат внуците. На крајот, што Надица готви најдобро, по што децата секогаш се враќаат дома?

- Полнети пиперки, тоа мама го прави спектакуларно - вели Трпимир.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот